Историја без историја

Не можам да кажам дека со некој особен интерес ја следам претседателската изборна кампања. А, сепак, и покрај мојата незаинтересираност, и до мене стасуваат оние веќе папагалски наративи за историското значење на овие избори (како, божем, досега да не  преживеавме цел куп „историски“ изборни процеси). Впрочем, тука некаде лежи и коренот на незаинтересираноста – од премногу создавање историја, едноставно, станува здодевно.

И овие избори се историски потполно еднакво како и повеќето други избори во оваа држава. Значи, не се! И бадијала се приказните дека ако избереме еден, друг или трет кандидат ќе одиме напред, ќе имаме правда, ќе завладее граѓанската држава и слично. Или ако избереме еден, друг или трет кандидат ќе се закочат процесите, ќе завладее криминалот, ќе беснее самоволието и слично. Или ако не се постигне цензусот, власта и опозицијата ќе го изгубат легитимитетот и сите нивни одлуки автоматски ќе станат нелегитимни.

Не. Ништо нема да се случи, без оглед кој кандидат ќе биде избран. Најголемата историска промена ќе биде всушност смената на станарот во резиденцијата на Водно и ништо друго. Ако, пак, не се постигне цензус, тогаш првиот спикер ќе ја врши претседателската функција додека не се избере нов и – толку!

А овие избори навистина можеа да бидат историски, само ако постоеше политички, партиски, идеен, па, ако сакате и општествен капацитет да се соочиме токму со – историјата. И тоа не со толку далечната историја. Во оваа предизборна дебата, едноставно, мораше да се постави прашањето како дозволивме до неодамна цела деценија да живееме во систем заснован на криминал, улична невоспитаност, ароганција, злоупотреба и уништување на сите институции.

Наместо конечно да се соочиме со таканаречениот „груевизам“, ние во предизборната кампања слушаме за јаболка, за гафови, за повици на татковината, за етики, патишта кон ЕУ и НАТО и за други ноторни флоскули, испразнети од секаква суштина

Наместо конечно да се соочиме со таканаречениот „груевизам“, ние во предизборната кампања слушаме за јаболка, за гафови, за повици на татковината, за етики, патишта кон ЕУ и НАТО и за други ноторни флоскули, испразнети од секаква суштина. Дури и кога се говори за една од ретко важните теми во оваа кампања, судбината на Специјалното јавно обвинителство, како да се заборава дека тоа е политички производ токму на таа темна деценија на практикување на невидено самоволие од позиција на власт.

Всушност, надежите во СЈО, поточно идеалите на таканаречената Шарена револуција, не беа ништо друго, туку создавање дисконтинуитет со претходната, односно тогаш актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и сегашниот унгарски азилант Никола Груевски. Да се разбереме, овие надежи не беа безнадежни. Сите ранети и истормозени општества го прават токму тоа – расчистуваат со своето минато. Поинаку и не е можно да се чекори напред. Колку и да звучи тоа убаво во предизборните слогани.

Еве, и сега, откога некои од тогашната врхушка заработија затворски казни, други ги очекуваат пресудите, а трети се во бегство, оваа власт, па и ова општество, поради некакви политички компромиси, лукративни моменти и популистички цели, се чини дека сѐ уште не сме подготвени да си го поставиме прашањето (а уште помалку да го одговориме): како тоа сегашноста, минатото и иднината во толкава мерка да ни зависи од една првенствено некомпетентна, па и непримерна личност, каков што беше и каков што е Никола Груевски.

Се плашам дека без одговор на ова прашање бадијала ќе бидат сите странски инвестиции, просечни и минимални плати, социјални пензии и кои било други мерки што сегашната власт ги спровела или ќе ги спроведе, докажувајќи дека „дојде живот“.

Едноставно, Никола Груевски, без оглед на неговото лично влијание, наметнатиот авторитет и самоволието, всушност е само симбол на еден начин на владеење, проткаен со непотизам, ароганција, корупција и волунтаризам. Што се смени во овој поглед? Се направи некој обид за анулирање на штетите од срамниот проект „Скопје 2014“? Се сменија барем кадровски првите луѓе во судската власт? Медиумската сцена се поправи? Администрацијата стана ефикасна? Тендерите поминуваат без афери?

Кога говориме за расчистување на минатото, тогаш мислиме на неопходноста да се распакува еден малиген, неприфатлив наратив што го штити злосторството и криминалот, а ги побива човековите права; во целост да се деконструира и на следните генерации да не им се остава како отровна општествена супстанца. Наместо тоа, сведоци сме на, во суштина, гнили политички компромиси, спроведувани наводно врз платформата на помирување, а всушност направени од гола дневно-политичка прагма.

Ништо нема да се случи, без оглед кој кандидат ќе биде избран. Најголемата историска промена ќе биде всушност смената на станарот во резиденцијата на Водно и ништо друго

Дури и ДУИ, партија која е безмалку на власт од 2002 година и која речиси го изгуби тлото под нозете на претходните парламентарни избори, токму како еден од клучните симболи на корумпираниот систем, успеа да се врати како фактор без кого не се може. И да биде амнестирана за сѐ што се случуваше во онаа темна деценија.

Јас можам само да претпоставувам за кој и каков опортунитет се работи кај сегашната власт. Можам и да претпоставам и дека луѓето од власта не ја познаваат историјата или барем не ги знаат примерите од регионот, па затоа ќе си дозволам да ги потсетам барем на оние најдрастичните.

Кога во 2000 година почина хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, на власт, со убедлива изборна победа дојдоа тамошните социјалдемократи, на чело со Ивица Рачан и со слични ветувања како овдешните. И што направија? Токму со тоа нерасчистување со минатото успеаја да ја вратат, веќе грогираната ХДЗ на власт. По десет години владеење на ХДЗ, нивниот лидер и воедно премиер Иво Санадер заврши во затвор.

Се разбира, изборите ги добија социјалдемократите на Зоран Милановиќ и владееја четири години, таман доволно време да го вратат ХДЗ, во тој момент партија против која се води судски спор како злосторничко здружение. Хрватска го добива нивниот лидер Карамарко за премиер, по општа оценка еден од нивните најнеспособни политичари. Во овој момент на власт е сѐ уште ХДЗ, сега со Пленковиќ, кој само го поправи малку имиџот на партијата, но политиката остана иста. Или, еве, ако сакате земете ја за пример Србија, која доживеа катарза на 5 октомври 2000 година, ослободувајќи се од режимот на Слободан Милошевиќ. И сега веќе седум години со неа владее еден прилично поусовршен режим на Александар Вучиќ.

Не мора да се компарираме. Можеме, велам, да ги учиме лекциите и од нашата историја. По вооружениот судир во 2001 година и по прилично коруптивното владеење на Љупчо Георгиевски и ВМРО-ДПМНЕ, во 2002 година доаѓа на власт СДСМ на Бранко Црвенковски со една од најголемите изборни победи. И владее токму така за да изгуби од веќе расцепканото ВМРО-ДПМНЕ по четири години и да го донесе Никола Груевски да се изживува со државата следната деценија.

Ете, затоа оваа предизборна кампања (ми) е здодевна. Не велам дека ќе апстинирам или дека ќе ги бојкотирам претседателските избори затоа што со тоа ама баш ништо не се постигнува. Велам само дека нема да ги следам овдешните дебати за јаболката и за патиштата кон ЕУ и НАТО. Барем не до оние посериозни времиња со посериозни политички протагонисти, па ако сакате и со посериозен народ, кои ќе бидат подготвени да се соочат и со себеси и со она што дозволиле да се случи. А тие времиња ќе дојдат. Тоа, едноставно, е нужност!