Неодамна имав можност да се сретнам со еден мој драг пријател од Хрватска, со кого не сум се видел со години. Во бескрајните муабети за сѐ и сешто (а очигледно имавме да си кажеме многу работи), тој во еден момент, полуиронично и полусериозно, ми вели: „Денес во Хрватска е пострашно да бидеш Југословен отколку Србин.“
И, нормално, го развивме муабетот за хрватството, македонството и југословенството…
Немаше, веројатно, да ја спомнувам оваа средба, да не беше денешниот датум, 1 декември, денот кога во 1919 година беше прогласено Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (во мое време колоквијално наречено Прва Југославија), таа прва државничка инкарнација на речиси едновековните тежненија на народите од овие простори да живеат во една заедничка држава и на еден заеднички културен простор.
Југословенската идеја
Создавањето на Кралството СХС (од 1929 година Кралство Југославија), проскрибирано од следниот комунистички режим и внесено во колективната меморија на моите генерации како „зандана на народите“, всушност е резултат на политичкиот, теорискиот и културниот ангажман на она што денес би го нарекле „прогресивните сили“ на тоа време. И тоа треба да се каже.
Југословенската идеја е идеја на револуционерниот период на национал-романтизмот, односно од првата половина на 19 век. Првенствено произлегува од панславизмот, теорија според која сите словенски народи, всушност, се еден народ што треба политички и културно да се артикулира. Но, од друга страна, југословенската, односно јужнословенската идеја е и антитеза на ова движење, особено на неговата руска варијанта, според која „сите словенски реки треба да се слеат во руското море.“
„Таткото“ на панславизмот, словачкиот преродбеник Јан Колар, сите словенски народи ги идентификува како еден народ со три говорни наречја: руското, полското, чешкото и илирското. Од оваа поделба на јазиците произлегува и Илирското движење, главниот протагонист на јужнословенската идеја. Со ваквото именување на движењето, всушност, се прави дистинкција од целиот панславизам, алудирајќи дека Словените се, всушност, староседелци на овие простори и немаат потреба да се „слеваат“ во какво било море.
Гледано од денешна перспектива, политичкото и културолошкото обликување на јужнословенската идеја потекнува од хрватските преродбеници, првенствено од Људевит Гај. Нивната визија е, како што рековме, културно и политичко обединување на просторот каде што живеат Јужните Словени. Но, ова движење никако не е анационално. Напротив.
Според нивната замисла, само со будење на националната свест на различните народи на Балканот може да се реализира ваквата визија. Во таа смисла, никако не може да се толкува како случајност дека Зборникот на браќата Миладиновци се печати токму во Загреб, како што не е случајност и дека седум-осум децении подоцна „Бели мугри“ на Кочо Рацин се печатат токму во Самобор крај Загреб.
На крајот на краиштата, првата академија на науките и уметностите на овие простори е формирана во Загреб во 1866 година и е именувана како Југословенска академија знаности и умјетности. Ова име, со неколкугодишна пауза во времето на Втората светска војна (Независна држава Хрватска), ќе го носи до распадот на СФРЈ, 1991 година.
Идејата на јужнословенизмот во денешна Словенија ја шират Јернеј Копитар, Станко Враз, Франце Прешерн…
Во Бугарија, Христо Ботев пишува текстови за потребата од формирање Јужнословенска федерација. Иван Вазов, исто така, е поборник на таа идеја. Позната е неговата песна „Черна Гора“ од 1878 година, инспирирана од црногорско-турската војна (1876-1878) по која Црна Гора добива независност. Оваа песна, секако вешто видоизменета, во Македонија се користи како своевидна алтернативна химна. Ќе цитирам тука неколку почетни стихови, само за да се знае за која песна се работи: „Земја черногорска, уважавам те: Земја бедна, горска, земја туркоборска, поздравлјавам те. Поздравлјавам твоите голи висоти, горите, усоите, и в’в тих героите што ги раждаш ти…“
Во Србија се појавуваат Вук Караџиќ и Доситеј Обрадовиќ, а подоцна Светозар Марковиќ и политички ќе ја артикулира оваа идеја. Во Македонија, покрај браќата Миладиновци, тука се првенствено Рајко Жинзифов, но и другите преродбеници, а Григор Прличев дури и прави обиди да создаде единствен јужнословенски јазик.
Прва Југославија
Кралството СХС, без оглед на неговата еманципаторска улога за (дел од) народите на Балканот, сепак беше неуспешна државна творба. Првенствено затоа што не ги следеше идеалите на преродбениците, особено во однос на националното прашање. На пример, Словенците, иако беа номинално конститутивен народ на таа држава, не добија никаква самоуправа во новоформираното Кралство. Хрватите добија своја делумна автономија дури во предвечерието на Втората светска војна, во август 1939 година (Бановина Хрватска).
Македонците, како и другите народи на ова подрачје, практично немаат свои политички организации, па така и немаат ни претставници органите на државата. Но, тоа не значи дека националната свест не е веќе изградена. Напротив. На пример, еден од комунистичките лидери од тоа време, Србинот Коста Новаковиќ е избран за пратеник од таканаречениот скопски округ на изборите во 1920 година за тогашното уставотворно собрание.
Се разбира дека оваа изборна победа ја должи на неговата политичка програма, која во вид на политички памфлет е објавена во 1924 година, под наслов „Македонија на Македонците, земјата на земјоделците.“ Дури и насловот на памфлетот на Новаковиќ доволно говори за сите пропусти на Кралството СХС.
Освен националното прашање, не се решени или несоодветно се решени човековите права, социјалната и економската политика, но и односите меѓу политичките сили. Впрочем, воените и политичките цели на Кралството Србија во Балканските војни, а особено во Првата светска војна, се јасно формулирани и можат да се сведат во геслото: „Сите Срби во една држава.“
Србија како млада нација во тоа време не го крие својот експанзионизам кон другите територии, но од друга страна и меѓу српските тогашни политичари, без оглед на нивните идеолошки и политички убедувања, постојат луѓе со визија, па правилно се заклучува дека стратешката цел „Сите Срби во една држава“ може да се оствари не во таканаречената „Голема Србија“, туку само во Југославија.
Сепак, државата е гнила во самото свое јадро. Кралството постои неполн четврт век и за сето тоа време е потресувано со политички кризи, политички атентати, нестабилност, корупција и нестабилност во секоја смисла. Потврда на оваа теза е нејзиното експресно распаѓање во априлската војна 1941 година. Без речиси никаков отпор, се распадна целата држава, заедно со целиот политички систем. И по завршувањето на Втората светска војна, комунистичкиот режим владееше безмалку без никаква сериозна опозиција, што само говори за квалитетот на Првата Југославија.
Втора Југославија
Што да се каже за Втората Југославија, онаа во која сум роден? Ако успееме да ги надминеме емоциите и се обидеме да размислиме со „ладна“ глава, а за тоа секако ќе биде потребно уште време, тогаш би морало да сфатиме дека периодот на Втората Југославија беше златната доба за сите народи што живеат на овие простори. Така барем зборуваат статистичките податоци.
Описменување, индустријализација, електрификација, станбена и патна инфраструктура, мобилност на населението…, сето тоа се придобивки на социјалистичка Југославија. Во тоа време се изградени најмногу основни училишта, во кои се учи и денес. Во 1921 година, процентот на неписмено население изнесува 51,5 проценти. Во 1981 година, тој е 9,5. Основани се бројни градски и селски библиотеки. Весниците и книгите стануваат достапни секому.
Здравствени домови се градат во секое поголемо село. Искоренети се смртоносните заразни болести од типот на туберкулоза или тифус, кои претходно буквално го десеткуваа населението.
За првпат е воведен платен годишен одмор. Одењето на одмор на море станува пристапно и за пониските слоеви.
Во 1945 година, во Југославија има три универзитети. Во 1975 – 158! Според бројот на студенти, Југославија е четврта во Европа (позади Шведска, Холандија и СССР). Од 1953 до 1960 година, индустрискиот раст просечно изнесува 13,83 отсто годишно, што е светски рекорд. Јапонија, во тоа време, е веднаш зад нас. Уште се возиме на автопатиштата и патиштата што се направени тогаш. И по пругите (ако имаме возови).
Постојат, се разбира, уште низа податоци, но просторот е премал за сѐ да се набројува. Но, затоа може да се направи една споредба. Неприкосновениот водач на СФРЈ, Јосип Броз-Тито владееше со земјата 35 години. За тоа време е направено сево ова што погоре е наброено. Ние, во следната година ќе славиме 35 години од независноста. Што направивме за тоа време? Што ќе им оставиме на нашите деца? Кампањско чистење ѓубре по градовите?
Знам дека некој сега ќе каже дека успехот на Југославија се должи на обилната помош и на странските кредити. Како божем ние да не добиваме помош и немаме кредити? Како да не се претставува секое задолжување како некаков успех на државата? Всушност, единственото што е извесно е дека на нашите потомци ќе им го оставиме токму тоа – долговите!
Јас, на пример, сум роден 16 години по завршувањето на Втората светска војна (1961 година). За мене, Втората светска војна беше само некакви лекции по предметот историја. И ништо повеќе. Германците и Германките беа само туристи на Јадранско Море. Ништо повеќе и ништо помалку. Четниците и усташите беа на нивото на Индијанци и каубојци.
Тогаш многу поважно ми беше да најдам начин да стасам до новиот албум на „Дип парпл“, отколку она што се случувало во битката на Неретва, на пример. (Југословенската културна сцена е тема што заслужува посебен третман).
Зошто тогаш пропадна и оваа југословенска верзија? Имам, се разбира, свое мислење и за ова прашање. Мислам дека ни недостасуваше само еден чекор да станеме „нормална“ држава, малку повеќе време и малку подобра волја. И зошто тогаш Југословените се најомразени во новосоздадените политички естабилишменти? Токму затоа што знаат дека југословенството е потентна политичка идеја што има потенцијал на мериторност и што сериозно би можела да ги загрози нивните актуелни позиции.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











