Како да се живее во деградиран систем

Колумна на Ирена Цветковиќ

Не мора да гледаме подалеку од тековните случувања во Град Скопје, проблемот со десетиците илјади згрешени документи годишно издадени од Управата за водење матични книги, или сознанието дека постои јавно претпријатие за стопанисување со објекти за спорт, кое брои 5 вработени, а наскоро ќе добие 7 членови на управен одбор, за да откриеме системски дефект, што го отвора прашањето: зошто пропаѓаат институциите?

Сериозно општество треба да ги поставува овие прашања и да трага по одговори. Дали пропаста на институциите е предизвикана од внатрешни фактори, односно прашање на лошо лидерство, несериозно управување или несоодветни ресурси? Или треба да гледаме повеќе кон надворешното опкружување како неповолна економска и политичка клима или преголеми очекувања на јавноста и медиумите?  Или веројатно обете фактори влијаат во различен степен.

Современиот човек живее во општество што наликува на патнички авион, во кој сте влегле, сте полетале и сте дознале дека пилотската кабина е празна, а одговорноста за тоа дали, каде и како ќе се слета е на вас и на другите патници. Оваа катастрофична атмосфера не е само производ на имагинација на луѓе на кои им е здодевно, па измислуваат проблеми.

Таа е прилично реална за многумина и повеќето луѓе вистински ја чувствуваат анксиозноста од немањето претстава што ќе следи понатаму или дури и доколку имаат претстава, сериозно се сомневаат дека можат како било да влијаат врз настаните.

Доволно е да прошетате или да возите автомобил или велосипед во градот и да ја почувствувате неодговорноста за заедничкото користење на јавниот простор, негрижата за другиот и хаосот што го предизвикува оваа „гледај си ти за себе“ култура

 Чувството на небезбедност и оставеност сами на себе е секојдневно искуство на луѓето.  Не мора да одиме подалеку од нашите реални, секојдневни искуства. Ако сте родител, тогаш Кембриџ образовниот систем за вас значи изигрување наставник по дома за знаења што вашето дете требало, а не ги добило од училиште. Ако, не дај Боже, се разболите сериозно, тогаш попрво ќе отворите линија за донации отколку да се надевате на фондот. Ако треба да завршите административна работа, ќе треба да го превртите семејното стебло до седмо колено за да најдете „свој човек“ што ќе ве пренесе низ системот за да ја добиете услугата, која и онака ви следува.

Оваа оставеност на себе или на мрежата од блиски луѓе спремни да ви помогнат наместо потпирање на систем изграден со заеднички ресурси, претставува архитект на атмосферата на песимизам, несигурност и страв, која доминира во нашето општество.

Згора на тоа, македонскиот деградиран систем треба да ги издржи и актуелните сериозни глобални кризи. Сѐ уште не можеме да се справиме со последиците од глобалната економска криза и пандемијата, а денес веќе треба да се справиме со ефектите од воената инвазија на втората по големина земја во Европа. Овие катастрофични бранови го уништуваат повеќе од половина свет со енергетска криза, прекинати синџири на снабдување, експлозивен раст на цени, недостиг од храна и осиромашување.

Општествата насекаде во светот денес се под внатрешни и надворешни  стресови. Овие стресови можат да еруптираат во различни форми, од кризи до насилни конфликти, доколку недостасуваат одговорни и стабилни институции што ќе го управуваат системот. Со други зборови, иако светот е во криза, некои држави и некои системи ја пречекуваат повеќе подготвени од некои други.

 Македонија, за жал, е од овие вторите. Децении живот во оваа земја нѐ научија дека државата нема речиси никакви долгорочни планови, барем за најважните области, како економија, образование, правосудство… Понекогаш нѐ залажуваат со различни „стратегии“, „документи“, „планови и програми“, чија цел е единствено да се напишат, презентираат пред јавноста небаре нобеловски изум и потоа смирено и сталожено да се – забораваат.

Многумина ќе се согласат дека демократските влади истовремено треба да се репрезентативни (односно да ја одразуваат волјата на мнозинството при избори) и респонзивни (да одговараат на барањата на различните групи што егзистираат во општествата). Сепак, проучувањата на современи демократски системи укажуваат дека одговорноста претставува силна рамка што не треба да биде исклучена како фактор. Одговорното владеење неминовно претпоставува силни институционални основи.

Изградбата на одговорен систем, со различен степен на одговорност, лежи истовремено кај владејачките елити, но и кај другите релевантни системи (образовен, безбедносен, здравствен итн.) и луѓето што ги сочинуваат

Неодговорното владеење, но уште повеќе неодговорните системи, можат да се појават секаде под одредени услови, но кај нас една од клучните фактори за ова се вработувања во администрацијата, како резултат на партиски заслуги и поместување на центарот на одговорноста на администрацијата од државата и граѓаните кон партиските шефови.

На макро ниво, кога институциите на системот се поткопани, кога личните интереси на одредени елитни групи недвосмислено влијаат врз политичките одлуки и кога овие одлуки не се повикуваат на концептите на должност и одговорност, тогаш слободно можеме да кажеме дека неодговорноста станала системска и се доживува како природен и нормален амбиент.

Ете затоа, неодговорни се високите функционери, неодговорни се лекарите, неодговорна е полицијата и сосема очекувано неодговорни стануваат сите луѓе. Доволно е да прошетате или да возите автомобил или велосипед во градот и да ја почувствувате неодговорноста за заедничкото користење на јавниот простор, негрижата за другиот и хаосот што го предизвикува оваа „гледај си ти за себе“ култура. Како е во владата, парламентот, институциите, така е на улиците, на паркинзите, во зградите, маалата, парковите.

Еден од можните излези (затоа што комплексните проблеми подразбираат комплексни и холистички решенија) е градење независни и одговорни институции. Низ ваквите институции се градат и раѓаат одговорни граѓани. Изградбата на одговорен систем, со различен степен на одговорност, лежи истовремено кај владејачките елити, но и кај другите релевантни системи (образовен, безбедносен, здравствен итн.) и кај луѓето што ги сочинуваат. За институциите и властите има една добра вест, а тоа е фактот дека токму оваа изградба зависи од фактори што најмногу се во нивна контрола.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија