Зошто сме (медиумски) неписмени?

Деновиве пред очи ми прелета една информација, во која се вели дека според индексот за медиумска писменост, во кој се третирани 41 европска држава, Македонија, заедно со Косово, го дели претпоследното место со 23 поени. Под нас е само последната Грузија со 20 поени. Првите места очекувано ги држат Финска, Норвешка, Данска, Естонија, Ирска, Швајцарија, Холандија…

Велам дека веста ми протрча затоа што не видов врз кои и какви критериуми е направен индексот, кој воопшто го изработил, какви истражувачки методи се користени… Всушност, очекував дека македонските медиуми ќе посветат поголемо внимание на овој податок, ќе понудат некакви анализи, детектирање на причините за ваквата состојба, па и понуда на некакви можни решенија… Ама…

Сепак, ако се појавеа такви текстови во нашиот медиумски простор, тогаш претпоставувам дека не би го ни заземале местото што го заземаме – речиси медиумски најнеписмената нација во Европа.

И медиумите, секако една од најважните алки во синџирот на писменоста, како и секој организам, имаат свој имунитет и успешно се бранат од „вирусите“ што можат да им го загрозат комодитетот.

Медиумската неписменост директно води до тотално отсуство на општествената кохезија, непрепознавањето на основните општествени, па и приватни цели во животот, со еден збор – низок квалитет на животот што се одразува на сите полиња, од човековите права до ефикасноста на работното место

Дали поради некоја чудна случајност или поради нешто друго, ваквите табели и податоци речиси секогаш се објавуваат на годишнината од најпознатата „лажна вест“ во медиумската историја, од емитувањето на радиодрамата „Војна на световите“ на вундеркиндот Орсон Велс, според истоимениот роман на Херберт Џорџ Велс (кај нас многу попознат како Х. Џ. Велс). Драмата е емитувана на 30 октомври 1938 година (на Ноќта на вештерките) и остана во колективната меморија како радиодрама што предизвикала огромна паника кај населението, застој на сообраќајот, вооружување на цивилите, обиди за самоубиство итн.

Парадоксот е во тоа што оваа урбана легенда, толку закоравена во популарната култура, едноставно – не е точна. Точно е дека реалистичкиот пристап на Велс (јавување на репортери што ја прекинуваат програмата) предизвикал извесни дилеми кај оној релативно мал процент слушателска публика, но таа ни оддалеку не е таква „измама“ како што се претставува.

Најголемиот „фејк њуз“ во случајот всушност го прават – весниците, лажно и тенденциозно зголемувајќи го обемот на „вознемиреноста“ на слушателите на ниво на национална паника. Денес ваквото однесување на весниците се толкува како напад на, тогаш младиот медиум, радиото, кого го почувствувале како сериозна конкуренција во дистрибуцијата на информации.

Овој пример го посочувам токму како илустрација за важноста на медиумската писменост. Имено, иако „случајот Велс“ поради неговиот карактер не предизвика некои посериозни општествени импликации (за разлика, на пример, од „случајот Велес“, во време на американските избори), тој е доволно симптоматичен да илустрира колку широки и несогледливи последици по општественото живеење може да има оркестрираното ширење на лажни вести.

Иако овој текст нема едукативни амбиции, сепак никогаш не е на одмет да се потсети дека медиумската (не)писменост всушност се однесува на можноста на восприемање и анализа на прочитаното, виденото, слушнатото… Со еден збор, медиумската писменост ја означува способноста за критичко размислување.

Вообичаените параметри за оценување на состојбата со медиумската писменост се: степенот на корупција (која мошне лесно го наоѓа својот одраз во медиумите), недовербата кон науката (случајот со вакцините), приемчивост на теориите на заговор, недовербата во новинарите, во институциите, па и општата недоверба на луѓето меѓу себе. На крајот, но никако помалку важно, влегува и степенот на општата писменост на населението.

Очигледно е дека Македонија прилично лошо стои според сите погоре наведени критериуми. Последиците се познати и главно влегуваат во доменот на недостиг од интерпретативните, критичко-когнитивните и технолошките вештини и знаења. Станува збор за своевидна културолошка неспособност за формирање граѓанска, па ако сакате и политичка одговорност.

Ова во пракса не значи само дека граѓаните на Македонија се плодно тло за ширење разни теории на заговор, дезинформации и недоречени информации, туку е и плодна почва за обработување од страна на најразлични пропаганди, од локално, па сѐ до глобално ниво.

Резултат на сето ова е тотално отсуство на општествената кохезија, непрепознавањето на основните општествени, па и приватни цели во животот, со еден збор – низок квалитет на животот што се одразува на сите полиња, од човековите права до ефикасноста на работното место.

Парадоксот е во тоа што на секој ваков обид, најмногу се спротивставуваат токму оние поради кои Македонија и се наоѓа на дното по медиумска писменост

Очигледно е дека проблемот е системски и со самото тоа бара системско решение. Поточно, системски решенија. Првенствено се мисли на нормативното уредување, доменот на дејствување на регулаторните и саморегулаторните тела, но и на образованието, како еден од најважните фактори во секој вид описменување.

Бројните резолуции на УНЕСКО по ова прашање уште од 80-тите години на минатиот век наваму, токму дигиталното образование од најраната возраст го ставаат во фокусот на решавањето на проблемот со медиумската и информативната писменост.

Во Македонија, иако живееме во убедување дека образовниот систем со години се наоѓа во перманентни реформски процеси, факт е дека посериозна реформа на образованието не е направена уште од средината на 70-тите години на минатиот век.

Сето она што досега го именувавме како „реформа“, всушност беа козметички и прилично дискретни измени. Принципот останува ист: знаењето се предава преку принципот на стриктни учебнички лекции и се оценува преку проценка на способноста на меморирање на учебничките содржини. Поттикот за креативно и критичко размислување, согледување на контекстите или интердисциплинарен пристап кон темите за изучување речиси сосема изостанува.

Секој обид за некоја посериозна промена на образовните принципи наидува на жесток отпор во дел од јавноста, на која очигледно ѝ е покомфорно да функционира во „удобните“ и „проверени“ патеки, отколку да ги следи трендовите во оваа област во векот во кој живееме.

Доволно е само да се сетиме што се случи со предлогот на некогашната министерка за образование Мила Царовска да се воведат дигитални учебници, а школските материјали да се изучуваат интегрирано, односно интердисциплинарно. Парадоксот е во тоа што на секој ваков обид најмногу се спротивставуваат токму оние поради кои Македонија и се наоѓа на дното по медиумска писменост.

И покрај фреквентната употреба на зборот „медиумска писменост“, и покрај декларативното залагање за зголемувањето на нејзиното ниво, и покрај обидите да се воведе како задолжителен предмет уште во најраната возраст…, сепак не можам да бидам оптимист по ова прашање. Едноставно, не постои ниту политичка, ниту општествена волја ова прашање ефикасно да се реши.

На сомовите секогаш им е најпријатно во матната бара. Особено ако барата е мала.

А решението не е тешко. Доволно е, што би рекла Царовска, само да се погледа финскиот модел (за медиумски писмените, достапен е на интернет).

И не ми кажувајте дека ние не сме Финска. Со такво размислување никогаш нема ни да бидеме.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија