Зошто во некои земји економскиот раст ја зголемува нееднаквоста, а во некои ја намалува? Како од економскиот раст полза да имаат сите, а не само привилегираната елита?
Меѓународната организација Оксфам, која се бори против сиромаштијата, последниве неколку години постојано предупредува на растечките разлики помеѓу богатите и сиромашните во светот. Пред некој ден го објавија нивниот најнов извештај, кој покажува дека во 2015 година, за првпат откако постојат податоци, најбогатите 1% од луѓето во светот поседуваат повеќе отколку останатите 99% заедно.
Македонија не е исклучок од глобалниот феномен на раст на разликите меѓу побогатите и сиромашните. Според податоците од Стандардизираната база на податоци за доходовна нееднаквост во светот, во времето на Груевски, учеството на најбогатите 1% во вкупниот национален доход на Македонија се дуплирало. 60% од економскиот раст во периодот 2006-2010 завршил кај овие 1%. Доходот на овие 20.000 лица секоја година растел околу 20% и во 2010 достигнал 3.600 евра месечно по човек, за разлика од доходот на останатите 2 милиона, кој растел само 1% годишно, и во 2010 изнесувал 290 евра месечно.
Зошто се случува ова? Како да обезбедиме од економскиот раст полза да имаат сите, а не само привилегираната елита?
Според Симон Кузнец, добитникот на Нобеловата награда за економија во 1971, не треба воопшто да се грижиме за ова. Неговата Кузнецова хипотеза тврди дека врската помеѓу нееднаквоста и доходот е параболична – при низок доход, нееднаквоста расте со економскиот раст, но по некое време, почнува да се намалува. Или, со други зборови, економскиот раст со тек на време ги зафаќа сите. Внатрешните законитости на капитализмот неминовно водат до намалување на разликите меѓу луѓето.
Во мојата неодамна излезена студија, насловена „Кога е присутна Кузнецовата крива?“, ја преиспитувам хипотезата на Кузнец, за 26 поранешни социјалистички земји од Источна Европа. Сите овие земји имаа ниска нееднаквост пред распадот на социјализмот. Со транзицијата и случувањата потоа, некои од нив станаа рекордери во Европа по нееднаквоста (Македонија), a некои сè уште се едни од најегалитарните општества во Европа (Словенија). Економскиот раст во некои од нив ја зголемува нееднаквоста, а во некои не. На што се должи ова? Зошто во некои земји растот завршува во рацете на малкумина, а во некои ги зафаќа сите?
Студијата аргументира дека ова зависи од економските институции во земјите и го истражува значењето на четири институции кои влијаат на прераспределбата на доходот – работничките права, контролата на пазарната моќ на фирмите, социјалната заштита и даноците. Работничките права влијаат на преговарачката моќ на работниците, па повисоки права можат да резултираат во порамномерна дистрибуција на доходот. Пазарната моќ на фирмите може да води до екстракција на потрошувачкиот вишок од страна на фирмите, што би можело да ја зголеми нееднаквоста. При издашен систем на социјална заштита, еднаквоста на можностите се зголемува, што може да ја намали доходовната нееднаквост. Даноците се важни, зашто спречуваат нееднаквоста да се репродуцира.
Резултатите од студијата покажуваат дека економскиот раст е проследен со пад на нееднаквоста, само кога работничките права се високи, пазарната моќ на фирмите е контролирана и даноците се високи. Социјалната заштита се покажува незначајна.
Значи, Кузнец не беше во право. Од економскиот раст не мора да имаат полза сите. За да имаат полза сите, потребно е економските институции да бидат редистрибутивни, а не екстрактивни.
Ова убаво се гледа од споредбата помеѓу две поранешни југословенски републики, Македонија и Хрватска, прикажана на графиконот подолу. Во Македонија, економскиот раст секогаш е проследен со раст на нееднаквоста. Во Хрватска, обратно, растот е проследен со пад на нееднаквоста. Зошто? Затоа што Хрватска има повисоки работнички права, поефикасна контрола на монополската моќ и повисоки даноци.
Груевски, макар привремено, си замина. Неговите 10 години, и покрај сета пропаганда која го тврди спротивното, ќе останат забележани како години на низок економски раст и висока нееднаквост. Растот за време на неговото владеење изнесуваше само 2,9% годишно, што е пониско и од растот за време на претходната влада, кој беше 3,7% годишно, а Џини индексот во негово време скокна на 43%, од 38%, колку што беше пред тој да дојде на власт. Но, заминувањето на Груевски не значи дека од утре сите ќе почнеме да живееме подобро. За да дојде до тоа, нужно е да има економски промени, во насока на зголемување на работничките права, зауздување на пазарната моќ на фирмите и зголемување на даноците. Без тоа, ќе продолжиме да се движиме по патот кој Ачемоглу и Робинсон го нарекоа автократска катастрофа, пат кој води кон низок економски раст и висока нееднаквост.