Помина тоа време кога изборите некритички ги сметавме за демократски чин, желба и одговорност на граѓаните од дадено општество. И на децата веќе им е јасно дека изборите не се ништо повеќе од игра на бројки и моќ, која подразбира поинакви правила од оние „демократските“, на кои бевме учени.
Она што дополнително ја продлабочува оваа илузија е фактот што зад сцената на политичките калкулации, покрај политичките партии, стои бизнис-секторот, еден од клучните играчи, кој одлучува кого ќе поддржи врз основа на профитот, а не врз основа на потребите на граѓаните.
Со донации, купување медиумски простор и директно влијание врз кампањите, бизнисот ја обликува политичката динамика и ги потиснува јавните интереси на маргините.
Денес веќе ни партиите не се трудат да ја одржат илузијата дека изборите имаат врска со некаква автентична народна волја
Денес веќе ни партиите не се трудат да ја одржат илузијата дека изборите имаат врска со некаква автентична народна волја. Ако човек ги следи медиумите и јавните настапи на кандидатите, ќе види дека сè се сведува на калкулации, пазарења и математички комбинации: кој со кого ќе „трча“, кој ќе ја земе поддршката на етничките партии, кој ќе се спои со кого за да собере уште некој процент.
Наместо да зборуваме за локална инфраструктура, загадување, паркинзи, јавен превоз, урбана експанзија и уништување на јавните површини, темите што би требало да ја претставуваат суштината на локалните избори и кои директно го обликуваат секојдневието на граѓаните, изборите се борба на табори и етнички блокови.
Понекогаш ми се чини како на денот на изборите, сите да влегуваме во добро режиран ритуал со познато сценарио. Се будиме, се средуваме, облекуваме нешто „пристојно“ и со чувство на должност одиме да гласаме, убедени дека учествуваме во свечен, речиси свет чин на демократијата.
Медиумите се таму, снимаат, земаат по некоја изјава, прават фотографии како доказ дека сме „активни граѓани“ и дека демократскиот процес е жив. Потоа чекаме резултати, напнати, како да држиме во раце нешто важно, нешто наше.
А, всушност, како некој да ни фрлил песок во очите. Се однесуваме како да сме во колективна хипноза, не прашуваме за сценариото, не ја гледаме сценографијата, не ги забележуваме режисерите зад кулисите. Одиме, гласаме, чекаме и веруваме дека сме направиле нешто важно. А потоа повторно се будиме во истиот град, со истите проблеми, во истиот систем што одамна ја изгубил врската со колективното добро. Тоа, не само што не е демократија, туку не е ни политички чин.
Политичкото се случува тогаш кога се појавува криза, пукнатина, нарушување, оној момент во кој се слушаат гласови, кои инаку се невидливи и нечуени
Политика не е институционално менаџирање на институциите, не е техничка администрација на постојниот поредок. Политичкото се случува тогаш кога се појавува криза, пукнатина, нарушување, оној момент во кој се слушаат гласови, кои инаку се невидливи и нечуени. Таа настанува кога оние што не се сметаат за дел од заедничкото, зборуваат и го прекинуваат спектаклот на нормалноста.
Политички настан е токму она поместување на границите на можното и очекуваното, а не репродукција на истиот поредок под друго име.
Оттука, да не се гласа, свесно да се избере да не се учествува во овој бесполезен спектакл, не е некоја паметна одлука. Не дека и мене не ми поминува низ главата, и тоа мошне често, дека овојпат, овие избори, оваа година, едноставно одбивам да учествувам. Има некоја лична сатисфакција во оваа одлука.
Јас не сум глупава, мене нема да ме излажете. За жал, и ова е замка. Замка во која лесно се паѓа зашто е заводлива, зашто дава едно лажно чувство дека сме попаметни од другите, дека можеме да ги надитриме оние што нѐ изигруваат редовно и континуирано.
Но, вистината е многу поцрна и побанална. На центрите на моќ навистина не им е гајле. Партиите и нивните мрежи, заедно со големите играчи од бизнисот и од медиумите, ќе ја формираат власта и ќе ги уживаат сите привилегии од неа, без разлика дали ние излегуваме на гласање или не.
Што е до нив, тие би владееле и со два гласа, ако тоа е единственото што ќе им го потврди мандатот. Важно е само процесот да се одржи и декорот да биде на место, изборни листи, печатени ливчиња, редици пред гласачките кутии, неколку телевизиски вклучувања, шампањ за победниците и молк на губитниците.
Колкумина навистина гласале, дали мнозинството останало дома, дали некој ги прашал граѓаните за суштинските проблеми, тоа одамна е ирелевантно. Важно е претставата да продолжи, да се одглуми демократија и да се легитимира моќта што одамна е приватизирана.
Гласањето е илузија, негласањето е празен протест, а системот е доволно стабилен да ја преживее и едната и другата наша одлука
И тука лежи најголемата трагедија. Гласањето е илузија, негласањето е празен протест, а системот е доволно стабилен да ја преживее и едната и другата наша одлука. Во таква ситуација, единственото нешто што останува е да се пркоси однатре. Овие избори покажаа дека малите партии и независните иницијативи се, всушност, грашокот што ја иритира сдсм-вмро-дуи-вленовската принцеза, која се навикнала удобно да спие на нашиот кревет.
Сопките што им ги приредуваат големите партии, покажуваат токму дека овде лежи некаков потенцијал за нарушување или барем вознемирување на нивните калкулации. Во никој случај не ја тврдам нивната априори некоруптивност. Тоа би било наивно. Но, исто така, факт е дека нивната младост ги држи, барем засега, далеку од коруптивните мрежи и од клиентелистичките односи.
Нивната свежина не е гаранција, но е шанса. Шанса заснована на претпоставката дека во оние што не се истрошени во политиката, сѐ уште може да се насети нешто што одамна го нема кај партиските ветерани, една своевидна страст, мотивација и верба дека подобро е возможно. Дури и да не ги променува резултатите на крај, овој жар треба да се одржува во живот, како боца кислород во токсична средина.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија