Никој нема да остане гладен ако на полиците во продавниците нема леб. Меѓу аргументите на тие што решија да престанат со производство на леб, и вчерашната одлука на владата со која производителите ги обврза на тоа, се протега една голема и тешка симболика. Најмалку гастрономска, најмногу цивилизациска.
Дури и во најсиромашните земји, дури и во земјите каде што тлеат децениски конфликти, дури и во Украина каде што беснее војна, полиците во продавниците не останале без леб. На Македонија ѝ се случи тоа во мир и при мерки за субвенционирање електрична енергија за пекарската индустрија. И тоа говори многу.
Тие што решија да нѐ произведуваат леб, а егзистираат од тоа, покажаа дека не го разбираат значењето на лебот. Тоа не е само тесто што треба да се испече, не е само репроматеријал (брашно, вода квасец), продукт за дистрибуција и профит, туку многу повеќе од тоа.
Лебот е симбол – егзистенцијален, религиски, комуникациски, социјален, цивилизациски… Историски гледано, првиот леб го испекол гладот. До денес неговата форма се менувала, но значењето не. Кога го има е симбол на благосостојба. Кога го нема, симбол на сиромаштија. Кога недостигот е вештачки предизвикан – е симбол за беда на свеста.
Не е ова panem et sircenses (леб и циркус или леб и игри), какви што имало во стариот Рим. Тогаш со делење бесплатен леб и приредување гладијаторски игри, целта била да се дефокусираат луѓето од битните теми и да се насочат кон тривијалноста на јавни спектакли. Кај нас, чест на исклучоците, имаме игри без леб, игри на нерви, игри без граници и игри без општествена одговорност на произведувачите.
За разлика од бојата на лебот, нивниот интерес има поинаква боја.
Историски гледано, првиот леб го испекол гладот. До денес неговата форма се менувала, но значењето не. Кога го има е симбол на благосостојба. Кога го нема, симбол на сиромаштија. Кога недостигот е вештачки предизвикан – е симбол за беда на свеста
А во минатото, бојата на лебот го откривала социјалниот статус: црн леб јаделе пониските слоеви, бел – богатите и благородниците. Денес белиот леб е помалку препорачана варијанта, од нутритивни и здравствени причини. Како и да е, ако некој ти подаде парче леб е знак на човекољубие и емпатија.
Лебот зазема централно место на секоја трпеза, но и во нашиот секојдневен говор. „Треба да изеде уште многу фурни леб“, велиме за некој што не е зрел и дораснат за одредена работа/позиција. За добар и кроток човек важи изреката „добар како лепче“. За снаодливиот велиме „тој и на врел камен ќе испече леб“. За опис на мрзелив – „лежи лебу да те јадам“. За нескромен – „бара преку леб погача“, а за алчни луѓе што посегнале по туѓото – „им го зеде лебот од устата“.
За оној што бара работа велиме „сака да си го заработи лебот“. Многу македонски печалбари во минатото заминувале на долг пат „во потрага по парче леб, а со една корка леб во торбата“. И многупати сме слушнале дека „горчлив и тежок е печалбарскиот леб“.
„Неговиот леб е со седум кори“ го опишуваме некого што постигнал резултати со тешка и макотрпна работа. За оној што егзистенцијално преживеал во екстремно тешки услови, се вели „јадел леб измесен од солзи, чемер и пот“. Кај нас лебот честопати се спомнува и како гаранција за вистинит исказ: „Навистина е така, жими лебот што го јадам“. Или, „жити лебот, кажи ми ја вистината“.
Во одредени историски периоди на војни, кризи, елементарни непогоди, епидемии, кога го немало, лебот вредел повеќе од злато. За малку брашно се разменувале вредни уметнички дела, рачно изработени килими, свила, вреден накит.
Да живееш во 21 век, да имаш субвенционирано производство, да не најдеш простор за намалување на цената и да решиш да не произведуваш леб, е испоганување на она што значи и го симболизира лебот
На сиромашните балкански простори, кон лебот се пристапувало и сѐ уште се пристапува со голема почит. Постарите генерации и денес советуваат – ако падне лепче на земјата, да се подигне и да се бакне – фрлањето леб се смета за грев. Во други земји, парчето леб што паднало се бакнува и се фрла во оган, бидејќи се смета дека него го побарале покојните предци.
Во многу патеписи, авторите го опишуваат лебот како „виза“ и како универзален јазик при патување низ непознати предели и низ јазични бариери. Подавањето парче леб било првата невербална комуникација меѓу странци, знак на добра намера и пријателство од дојденецот, или за гостопримство од домаќинот.
Не случајно, и денес странски гости на Балканот се дочекуваат со леб и сол. Гостинот што ќе откине и ќе вкуси парче од лебот, симболично го прифаќа и понуденото гостопримство, и обичаите на домаќинот. Лебот е и лакмус за подготвеноста на државните капацитети. Полни државни амбари значат спокој, празни – навестување на колапс и нестабилност.
Во христијанството, лебот е симбол за телото Христово. Бетлехем (Витлеем) во превод значи „Куќа на лебот“. „Лебот наш насушен“ е присутен во молитвата, но и во учењето – „кој тебе ќе те удри со камен, ти него со леб“, присутен на сите важни церемонии – раѓање, крштевање, венчавање, последно испраќање…
Да живееш во 21 век, да имаш субвенционирано производство, да не најдеш простор за намалување на цената и да решиш да не произведуваш леб, е испоганување на она што значи и го симболизира лебот. Уште помалку приличи тоа да се случи во време на велигденски пости, кога „квасецот“ треба нарасне за многу заборавени вредности, а не само за профити и среброљубие.
Без разлика на сѐ, одговорот треба да биде еден: кој тебе со камен, ти него со леб. Тој ќе почувствува многу поголема болка од твојот леб, отколку ти од неговиот камен.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија