Кампот на партиското незадоволство

Некаде длабоко во сенката на резултатите од пописот и шпекулациите за шлаканицата на Вил Смит, речиси незабележано се „протна“ уште една шлаканица, ама овојпат не на лицето на Крис Рок, туку по образот на целото овдешно општество. Градот Скопје одби финансиски да го поддржи летниот камп за деца во социјален ризик „Шарено лето“, кој веќе пет години наназад го организира невладината организација „Проект среќа“ зад која стои пејачката Кристина Арнаудова.

Иако и самата идеја да се запре финансирањето на еден во основа хуман и длабоко благороден проект и со тоа да се доведе во прашање неговото егзистирање е целосно погрешна, човек со крајни напори некако и би можел да најде оправдување – ете, криза е, не може баш сѐ да се финансира; во моментот има поважни приоритети итн.

Република Северна Македонија е една од ретките земји во светот, каде што децата се оневозможени да покренат постапка пред Комитетот за правата на детето во случај на кршење на нивните права

Велиме дека би можело да се најде какво-такво оправдување, ама – не може! Не може затоа што советникот за односи со јавност во Град Скопје Даниел Апостолоски јасно и гласно ги образложи причините за ваквата одлука, кои, ете, не се од економска, од развојна или каква било рационална природа, туку се сведуваат на ниски меѓупартиски пресметки.

Во веста што ја споделија медиумите се вели дека Апостолоски рекол дека Град Скопје нема да го поддржи летниот камп, затоа што Кристина Арнаудова и нејзиниот сопруг се политички фигури (!), кои на овој начин, преку буџетски средства, се самопромовирале, додавајќи притоа дека станува збор за „истакнати политички активисти на СДСМ“. Апостолоски го прозвал претходното градско раководство да објасни „зошто се давале парите на граѓаните на проекти на партиски подобни организации“, донесувајќи ја потоа конечната партиска пресуда на актуелното градско раководство: „Нема да се дозволи СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти“.

Постојат повеќе проблематични места во ваквото толкување на работите. Првата е секако онаа која вели дека нема да се дозволи парите на граѓаните да се даваат „на нивни истакнати активисти“, што директно имплицира дека ќе се дозволи парите на граѓаните да се доделуваат „на наши истакнати активисти“. Втората е дека станува збор за „самопромоција“, при што, барем судејќи според медиумите, Апостолски не можел да се сети или да научи како се вика „истакнатиот политички активист“, сопругот на Кристина Арнаудова (спортскиот работник Александар Петровски, н.з.), ниту, пак, името на „кампот на Арнаудова“ (Шарено лето).

Настрана фактот што со оваа одлука не се казнети ниту СДСМ, ниту семејството Арнаудова-Петровски, па ни здружението „Проект среќа“, туку се казнети децата од ранливите категории, оние на кои ова им е можеби единствената шанса да ги доживеат токму среќните моменти од годишните одмори и да создадат спомени што и натаму ќе го исполнуваат нивниот живот.

Не знам зошто е повторно потребно да се каже нешто што одамна треба да е познато, особено на носителите на власта на сите нивоа, а тоа е дека Република Северна Македонија, како дел од некогашната СФРЈ, е држава што активно учествуваше во подготовката и усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето (1989), набргу потоа (1990) усвојувајќи ја и обврзувајќи се да ги применува нејзините начела. А основниот принцип на Конвенцијата е најдобриот интерес на детето, при што надлежните се должни при секоја одлука да го почитуваат. Според одлуката на Град Скопје, најдобар интерес на децата во случајов не е годишен одмор, туку да не се финансираат „политички фигури“, што и да значи тоа и без оглед каде и како се трошат тие финансии.

Кога сме веќе кај финансиите, не е на одмет да се кажат некои податоци што, според објавените информации, ги кажал самиот Апостолоски. Кампот „Шарено лето“ бил поддржан од Град Скопје во 2019 и во 2020 година со по 250.000 денари, додека минатата година оваа сума изнесувала 200.000 денари, односно нешто помалку од три и пол илјади евра. Сѐ вкупно околу 12.000 евра за три години. За овие пари стотина деца летувале веројатно за првпат во својот живот. И тоа на организирано летување, со воспитувачи и негуватели, со храна и подароци, со едукација, социјализација и со игра.

Да има нашата скопска власт барем малку социјално одговорна нишка, па и сенс за политички поени, не само што нема да ја укине помошта на кампот, туку и ќе го зголеми износот, затоа што, реално гледано, за скопскиот буџет тоа се занемарливи средства, а општествените ефекти се немерливи. Ама, не… политичкиот сенс се сведува на некаков ирационален дневно-политички реваншизам, без гледање на широката слика, без визија и без оглед што најранливите пак ќе страдаат.

Во таа смисла апсурдно звучи и објавата дека Град Скопје, заедно со Црвен крст, има идеја да прави ист таков проект, каде што ќе се опфатат деца од истата категорија. Зошто? Само за да не бидат во него вклучени „омразените ликови од СДСМ“! Ако веќе се сетиле да бидат хумани и благородни, зошто не ги здружиле силите со „Проект среќа“, па да ја надградат идејата и да им донесат поголема среќа на повеќе деца?

Според одлуката на Град Скопје, најдобар интерес на децата во случајов не е годишен одмор, туку да не се финансираат „политички фигури“, што и да значи тоа и без оглед каде и како се трошат тие финансии

Затоа што децата во суштина се најнебитната работа во целиот овој случај, односно служат само за политичко поткусурување.

Сепак, најстрашното во целата приказна не е ни политичката одмазда, ни епохалните глупости што се прават кога човек ќе се дофати до политичка моќ, туку нашиот севкупен однос кон децата. И нашата манипулација со нив.

Кога веќе говориме за Конвенцијата за правата на детето, тогаш е фер да се спомене дека Република Северна Македонија има пристапено и кон таканаречениот Факултативен протокол за комуникациските процедури, усвоен под покровителство на Обединетите нации во декември 2011 година, а стапи во сила на 14 април 2014 година. Има пристапено, ама го нема ратификувано!

На тој начин, Република Северна Македонија е една од ретките земји во светот (од некогашните југословенски републики овој протокол не е ратификуван само од Србија), каде што децата се оневозможени да покренат постапка пред Комитетот за правата на детето во случај на кршење на нивните права. И на овој начин Македонија го покажува својот однос кон следењето на новите тенденции во меѓународното право, но уште повеќе сопствениот однос кон човековите права, при што во случајот најмногу трпат – децата.

Но, затоа широкоградо и дарежливо ги почитува партиските права. И ги надградува. Се разбира, само во случај ако сте член на „нашата партија“. Во овој наш несреќен камп.