ДУИ соопшти дека Али Ахмети преку статус на Фејсбук ги открил и ги повторил петте приоритети: евроинтеграција, ветинг, верификација на имотот, истрага за приватизација и почитување на легитимитетот.
Како што новопечана мисица беседи за мир во светот – да нема гладни, да нема војни и страдања, да им се помага на сиромашните и да се засилат активностите против климатските промени, така посочените приоритети на Ахмети во сон ќе ги изрецитира буквално и секој политички аматер во земјите од Западен Балкан.
Разликата меѓу аматерите и релевантните политичари е што вторите барем се обиделе нешто да направат на тој план. Дали Ахмети спаѓа во тој ред?
Разликата меѓу аматерите и релевантните политичари е што вторите барем се обиделе нешто да направат на тој план. Дали Ахмети спаѓа во тој ред? На хартија да, во пракса не. Тој само го промовира новиот есенски моден тренд, скоцкан во погончето во Мала Речица. Велам моден тренд, бидејќи секој приоритет на ДУИ досега имаше траење колку сезонска мода.
Кога во ЕУ доминираше терминот „зелена агенда“, во стилот – „видело магарето дека го потковуваат коњот, па и тоа кренало нога“ – ДУИ во 2021 година реши зелената агенда најпомодарски да си ја поткова во нејзините програмски столбови, се разбира, како приоритет.
И се разбира, ништо не направи на тој план ни тогаш, ни потоа. А ни претходно, имајќи предвид дека од јули 2008 година, па сè до февруари 2023 година, со Министерството за животна средина раководеа исклучиво кадри предложени од ДУИ.
За оние со кратко памтење ќе потсетам на министерската низа на ДУИ во ресорот животна средина: Неџати Јакупи (2008-2011), Абдулаким Адеми (2011-2014), Нурхан Изаири (2014-2016), Башким Амети (2016-2017), Садула Дураку (2017-2019) и Насер Нуредини (2019 -2023). Петнаесет години по ред!
Жедните за власт си наоѓаат изворче
Им помина таа сезонска мода и меракот за ребрендирање во зелено, па се вратија на старата песна и на стариот непресушен извор за напојување со етнички теми. Сега, кога ДУИ не е во владата, па „грозјето им стана кисело“, Ахмети го повикува ВЛЕН да ја напушти Илинденска број 2, за заедно да ставеле крај на понижувањето на Албанците и другите.
Тоа не е ништо друго, освен опасен повик за меѓуетничка поделба – партиите на Албанците да излезат од владата за да се предизвика политичка криза. Зошто? За да му се даде легитимитет на бладањето на ДУИ дека „Албанците и други се понижени.“
Прашањето е како Ахмети ја замислува таа евроинтергација, кога со повик до ВЛЕН да излезе од владата директно поттикнува кон дезинтеграција на внатрешен, меѓуетнички план?
Секако дека има понижени Албанци. Тоа се оние што Ахмети не ги признава за вистински Албанци доколку не гласаат за ДУИ, односно ако ДУИ ги нема „во џеб“. Тие понижени Албанци сигурно нема да повикаат ВЛЕН да ја напушти владата.
Под „други понижени“ веројатно ги смета поддржувачите на неалбанските партии што тој ги смести во неговиот омнибус наречен Европски фронт. А во тој омнибус расте свеста дека им е дадена улога на статисти, па веќе протекуваат детали за тоа како некој замислува да го преуредува политичкиот систем во земјава.
Ако Тачи навистина го напушта Европскиот фронт, се надевам дека е тоа резултат на свесност колку може да бидат опасни такви фантазмагории скицирани со една цел – ДУИ да биде и да остане константа во власта, за век и веков.
Откако грозјето стана кисело, прв приоритет на ДУИ е „евроинтеграција без никакво одлагање и без никакви двоумења како единствена алтернатива за земјата“. Тоа го вели лидер на партија, кој цела деценија беше коалициски партнер на Груевски, деценија во која немаше ни милиметар напред во евроинтеграцијата.
Прашањето е како Ахмети ја замислува таа евроинтергација, кога со повик до ВЛЕН да излезе од владата директно поттикнува кон дезинтеграција на внатрешен, меѓуетнички план?
Внимавај што посакуваш, може да ти се оствари
Второ, Ахмети се залага за ветинг „за сите политичари, судии, обвинители и носители на јавни функции, со меѓународен мониторинг“.
Hic Rhodus, hic salta. Барем во ДУИ има двајца што може први да дадат личен придонес за ветингот. За почеток, да посведочат кои домашни функционери биле подмитени во периодот од 2004 до 2006 година, со 7,5 милиони евра, за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. Така полесно ќе се придвижиме кон третиот и четвртиот приоритет на Ахмети – верификација и контрола на имотот за сите носители на јавни функциии, и истрага за процесот на приватизација и транзиција.
Барем во ДУИ има двајца што може први да дадат личен придонес за ветингот. Да посведочат кои функционери биле подмитени во периодот од 2004 до 2006 за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар
Но, нема вистински ветинг без да се утврди како и зошто случајот „Маѓар телеком“ (кој доби судски епилог во САД), кај нас се „возеше“ до застареност? И кој се залагаше за измени на Кривичниот законик со цел и што повеќе други случаи да дојдат до застареност?
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, минатата недела од Брисел се врати со порака дека новата влада мора да ги санира последиците нанесени од претходната влада со измените на Кривичниот законик, на што во ЕУ гледале како на антиевропски чин, спротивен со европските вредности.
Ахмети, чиј фронт има предзнак „Европски“, сега нека објасни во Брисел како се натрупаа толку неевропски практики во мандатот на европската ДУИ (и СДСМ). Нека предложи како да се санира таа штета.
Петтиот негов приоритет – „почитување на етничкиот легитимитет на изборниот процес и меѓуетничкиот карактер на институциите во согласност со волјата на гласачите и заедниците“, практично е прв и основен за ДУИ. Претходните се само целофан за да се спакува главниот приоритет, а да се елиминира сликата дека ДУИ само плаче по власт.
Поговорката вели – внимавај што посакуваш може да ти се оствари.
Со ветинг или без него, наративите дека во ДУИ се најспособни, најчесни, најконструктивни, најевропски, највизионери, нај, нај нај, на крајот може да добијат и поинакви „нај“- квалификации, кои можеби нема да бидат баш за фалење.
Секако, не како плод на нечиј паушален впечаток, туку исклучиво како резултат од неселективна работа на надлежните органи. Мислам на надлежни во обвинителството и судството, кои ќе немаат фотографии како врз глава буквално им седи половина од фамилијата Ахмети или на кој било друг политичар.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија