Кога 1 Мај ваистину ќе воскресне?

Работниците работат 12 часа дневно. Некогаш и повеќе. Шест дена во неделата. За минимален надомест и без никакви додатоци. Газдите се непопустливи. Власта е на нивна страна.

Што и да помислите, сепак не, не се работи за Република Северна Македонија во 2022 година. Та кај нас власта е посветена на работничките права, а опозицијата се колне дека кога ќе дојде на власт, уште повеќе ќе ги подобри. Како што, впрочем, тоа го правеа најголемите партии во континуитет, во последните три децении.

Станува збор за оној 1 мај што пред 136 години трајно ќе ја обележи планетата. Тој 1 мај во Чикаго, работниците на една тамошна фабрика за земјоделски машини се креваат на протест, барајќи осумчасовно работно време. На трети мај чикашката полиција пука во штрајкувачите и убива четворица работници.

Следниот ден пред протестниот собир од повеќе илјади демонстранти во квартот Хејмаркет излегуваат 180 полицајци. Некој од некоја споредна уличка фрла експлозивна направа врз полицајците. Настанува хаос. Резултат: седум убиени полицајци и неутврден број убиени работници.

Меѓу говорниците пред масата демонстранти се наоѓа и 31-годишниот работнички активист, германскиот емигрант Август Шпис. Неговото име се американизира во Спајс, иако тој во својата куса автобиографија на читателите им оставил упатство како му се изговара германското име.

Август Шпис е роден во 1855 година, во Есен, Германија. Учи политехничко училиште во Касел, а со 17 години заминува во САД. Првин во Њујорк, а потоа во Чикаго. Се приклучува кон работничкото движење и станува уредник на „Работнички весник“, кој во тоа време излегува во Чикаго на германски јазик.

За разлика од некои други празници, првенствено Нова година, Велигден и Божик, за Меѓународниот ден на трудот не добив ниту една честитка, ниту на социјалните мрежи, ниту по вибери, телефони, пораки….

Шпис, заедно со уште седум работнички лидери (фамозната „чикашка осумка“), е уапсен и обвинет за организирање на бомбашкиот напад. Иако ниту еден од сведоците не можел да ги доведе осумтемина работнички водачи во врска со насилството, судијата и пристрасно избраната порота, во нив однапред гледаат опасни заговорници. Судијата како докази прифаќа говори и новински текстови во кои работниците се повикуваат на работнички протести. Подоцна е утврдено дека дел од тие докази биле фалсификувани. Додека трае судењето, богатата наследничка Нина ван Занд се венчава со Шпис.

Петмина од обвинетите, меѓу кои и Август Шпис, се осудени на смрт со бесење. Еден од нив извршува самоубиство во ќелијата, а другите четворица се егзекутирани на 11 ноември 1887 година.

На Август Шпис му се припишува дека, пред да биде погубен, рекол: „Ќе дојде ден кога нашето молчење ќе биде посилно од гласовите што денес ги задушувате“. Овие зборови се врежани на споменикот на мачениците од Хејмаркет, подигнат на гробот на погубените во 1893 година. На самиот погреб присуствувале 25.000 луѓе.

Медиумите, чии имиња денес ги изговараме со респект затоа што дале десетици носители на Пулицеровата награда, тогаш играат важна, иако прилично срамна улога. Известуваат по принципот „пријател – непријател“, при што, без оглед на фактите, „непријателите“ се секогаш виновни за насилството и хаосот.

„Њујорк тајмс“, на пример, објавува серија хушкачки текстови против синдикалното движење и така се придружува на хорскиот медиумски линч на борбата за работнички права.

Англискиот социјалист и зет на Карл Маркс, Едуард Евелинг ќе каже: „Ако на крајот овие луѓе навистина бидат обесени, тогаш тоа ќе го направи ‘Чикаго трибјун’“. Весниците едногласно ги обвинуваат анархистите за „бунт“, а вознемирената јавност лесно ги прифаќа овие толкувања.

Во таа атмосфера не помагаат ни апелите на низа интелектуалци: подоцнежниот нобеловец Џорџ Бернард Шо, аристократот и анархистот Петар Кропоткин, ирскиот писател Оскар Вајлд и многу други. Нивните гласови, едноставно, се задушени.

Не е на одмет токму сега да се потсетиме на оваа улога на печатот, во пресрет на 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на говорот. И да промислиме што навистина подразбираме под поимот „слобода на печатот“.

Но, навистина, колку во редовите на парламентарците има вистински претставници на работничката класа, оние што навистина ќе ги штитат нивните интереси и права? И зошто ги нема?

Името на Август Шпис ми се врти низ главата од пред некој ден, кога на една телевизија гледав дебата меѓу двајца синдикални прваци од два овдешни синдиката. Малку е да кажам дека дебатата беше жестока и непријателска. Човек ќе помисли дека ако така жестоко и заедно се бореа со работодавачите и со власта за исполнување на повисоката цел (ако воопшто ја имаат), денес навистина ќе имавме причина да го прославуваме, а не да го одбележуваме Меѓународниот ден на трудот. Вака не можам да се ослободам од впечатокот дека станува збор за суети и престиж, а не за вистинска работничка борба.

Немам, се разбира, ништо против синдикалниот плурализам. На крајот на краиштата, и самиот бев, а се надевам дека сѐ уште сум активист во една релативно мала синдикална организација. Имам, се разбира, многу против кога „расцепканото“ синдикално движење дозволува да биде изманипулирано и на тој начин да си ја отапи сопствената и онака не премногу пробивна острица.

Втората работа што го зацврсти Шпис во моите мисли беше средбата со еден стар пријател. Се вработи во една фирма како комерцијалист, а потоа од некои, според него политички, причини е префрлен во магацин. Ми вели: „Никогаш не знаев кога ќе се вратам дома. Ќе стаса камион во сабота, во осум вечер и ќе останеш до полноќ, иако си дошол на работа во осум изутрина. Никогаш не знаеш кога ќе добиеш одмор. Одиш на одмор кога шефот ќе ти каже. Нема плаќање на прекувремената работа.“ Кога една сабота останал до десет навечер на работа, речиси 14 часа – во понеделникот добил отказ! Платата му била 300 евра.

И, да, ова не е Чикаго 1886 година, ова е Скопје 2022 година, 136 години подоцна, кога власта и опозицијата еднодушно се колнат во работничките права. И баш ме интересира дали има статистика и зошто ја нема на класната застапеност меѓу пратениците на Република Северна Македонија? За секоја почит е водењето сметка (ако воопшто се води таква сметка) за родовата и етничката застапеност во законодавниот дом, но навистина колку во редовите на парламентарците има вистински претставници на работничката класа, оние што навистина ќе ги штитат нивните интереси и права? И зошто ги нема?

И, конечно, третата работа врзана за мојот интерес за Шпис: беше ли неговата жртва залудна? Еве, еден интересен факт: за разлика од некои други празници, првенствено Нова година, Велигден и Божик, за Меѓународниот ден на трудот не добив ниту една честитка, ниту на социјалните мрежи, ниту по вибери, телефони, пораки… Се обидов јас да честитам на неколку случајно избрани луѓе, но не добив никаква повратна реакција.

Просто човек да се праша кога ваистину ќе воскресне 1 Мај?

Ете, со мало задоцнување: Среќен 1 Мај на сите што го слават.