Девет месеци се потребни да се роди едно дете, но 90 дена не се доволни да се поправат децениските пропусти што придонеле Македонија да има неславни податоци кога е во прашање смртноста кај доенчињата. Од тој аспект, крајно неодговорно и лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да обвинува дека „Таравари и Заев се најсериозната болест која го зафатила македонското здравство“.
Изградбата и одржувањето на здравствениот систем е работа на контунуитет. Ниту се прави преку ноќ, ниту се руинира за еден ден. И нема „наши и ваши“ бебиња, родени во овој или оној политички мандат. Сите тие се наши деца, за жал, родени во време на недоизграден здравствен систем кој треба да се унапреди, а не неговите слабости да се продлабочуваат и да се користат за бескрупулозна партиска пропаганда.
Се ближат локални избори, но не можам да поверувам дека трката по гласови може да се одвива и преку тела на мртви деца. И сакам да заборавам дека во еден период и изборниот глас беше уценет со можност за ин-витро. И дека не им беше гајле што бремена мајка обвинета во „Пајажина“ го изгуби детето во затворски притвор, бидејќи не ѝ дозволија домашен.
Да ја анализираме состојбата. ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека „под нивна власт е извршена целосна реконструкција на ГАК, набавени се 11 респираторни машини, 16 инкубатори, 3 вормери, 1 ултразвучен апарат, 1 мобилен рендген апарат, 1 апарат за гасни анализи, 10 перфузори/инфузиомати“.
Точно. Гинеколошко-акушерската клиника беше целосно реконструирана и опремена во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ. И кога секоја влада во својот мандат би обновувала или би градела барем по еден здравствен објект, континуитетот ќе бележи нагорна здравствена, а не надолна пропагандна линија.
Деведесет дена навистина не се доволни да се стопи стапката на смртност кај доенчињата, но секој нареден ден во кој најсериозно ќе се спроведуваат ефикасни мерки во таа насока, може брзо да даде резултат
Беа набавени апарати и за таа, и за други клиники. Дел беа ставени и сѐ уште се во функција, дел (особено во внатрешноста) не беа, и не се во употреба или заради недостиг на обучени кадри, проблеми со несоодветни системи за напојување со електрична енергија, стартни дефекти, недостиг на резерви делови, на реагенси итн. Но, за тоа во друга прилика.
Скопје не е Македонија. Во други општини сликата е сосема поразлично од онаа на ГАК во Скопје. Нема ни амбуланта, ни гинеколог, ни навремени прегледи, ни превенција на несакани последици кај плодот. Патем, Шуто Оризари е скопска општина, но со години не виде матичен гинеколог. Во 2014 година смртноста кај новороденчињата кај ромската популација изнесувала високи 14,2, а во 2013 година дури 17,4 на 1.000 родени.
Без ниту еден матичен гинеколог со години беа 47 општини во земјава. Во 24 ги имаше, но во недоволен број (на пример, еден гинеколог за две општини). Многупати и условите беа небитни под налетот на лекарската неодговорност – на пример, породување под дејство на алкохол, каков што беше случајот со смртта на родилката од Гевгелија и нејзиното дете.
Обвинителството токму деновиве покрена обвинение против специјалист по гинeкологија, кој од септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување. Значи, пациентката дошла во убаво реконструираната ГАК, но имала несреќа да падне во рацете на лекар со крајно руинирани етички и професионални стандарди.
Затоа велам, само зградата и опремата не го прават здравството. Ете, тој ја снимал на сите тие скапи апарати додека други чекале мој термин или итен прием, за да ја лаже дека е бремена!!! И да не заборавиме со каква леснотија и неодговорност Никола Тодоров се огради од овој случај, префлајќи ја одговорноста само на Лекарската комора, која ги издава и ги одзема лиценците за работа.
На крајот, за фактот дека здравството е комплексен систем во кој сите директни и индиректни фактори мора да бидат „на ниво“, говорат податоците за стапката на смртност на доенчињата во Македонија. Токму во периодот на имплементација на Стратегијата за безбедно мајчинство (2010–2015) таа стапка рапидно пораснала.
Се ближат локални избори, но не можам да поверувам дека трката по гласови може да се одвива и преку тела на мртви деца. И сакам да заборавам дека во еден период и изборниот глас беше уценет со можност за ин-витро
Па, ако ВМРО-ДПМНЕ за изборни поени продолжи да ја злоупотребува оваа тема, ќе треба да им каже на гласачите дека најголемото кратење на средствата за Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата започна од 2011 година, кога со измени и дополнувања дури 50% од средствата се изземени од оваа програма.
Индикативно е и што стапката на смртност во следната 2012 година скокна на 9,8 од 7,5 во 2011 година. И не се намали. Порасна на 9,9 во 2014 година, до 11,9 умрени доенчиња на 1.000 живородени деца во 2016 година. Само во третото тримесечје од 2016 година умреле 90 (деведесет) доенчиња, што е над два пати повеќе во однос на истиот период од 2015. До октомври 2016, вкупно умреле 206 бебиња, 18 повеќе во однос на целата 2015 година, кога имало 188 починати, односно стапка од 8,9. Во таа петолетка, овој неславен македонски просек беше највисок во рамки на ЕУ и речиси тројно повисок од европскиот. И сега да прашам: Таравари ли го оствари тој резултат?
Не постои нормален човек што ликува на смрт на тукушто родено дете. Уште помалку се очекува тоа да го прави некој за политички поени, оти такви структури кои лешинарат над мртви тела на бебињата не може утре да кројат здравствена политика.
Овие бројки ќе се намалат кога стратегијата за безбедна бременост и намалување на матерналната, перинаталната и смртноста на доенчињата ќе се одлепи од хартија, и во практика ќе обезбеди еднаков и ефикасен пристап до здравствените услуги и до стручен и посветен кадар. Така ќе се намалат и големите стапки на смртност на доенчиња на регионално ниво Дојран (30,3), Берово (22,3), Гевгелија (18,8), Крушево (18,5), Неготино (16,1), Радовиш (14), Ресен (13,9), Кичево (13,1), Кратово (12,5) и Охрид (12,4).
Поради лошите услови за работа и дестимулирачката капитација, голем број гинеколози веќе заминаа да работат во странство, со идентична порака – државата нѐ понижи како гинеколози, но најмногу го понижи репродуктивното здравје на жените и нивните рожби.
На крајот, наместо владите на ВМРО-ДПМНЕ годишно да трошеа од 26 до 50 милиони денари за разни кампањи за здравствените политики, можеа тие средства навреме да ги пренасочат за финансирање на 50-ина матични гинеколози во општините каде што ги немаше. И кога под сето ова ќе се повлече црта, опозицијата навистина нема образ да критикува на оваа тема, а власта има јасен патоказ како да не ги направи истите грешки.
Девет месеци се потребни да се роди едно дете. Не постои број на месеци или години доволни да ја избришат тагата ако почине. Деведесет дена навистина не се доволни да се стопи стапката на смртност кај доенчињата, но секој нареден ден во кој најсериозно ќе се спроведуваат ефикасни мерки во таа насока, може брзо да даде резултат. И да не заборавиме. Мандатот на владата трае четири години. Бебињата не гласаат на избори, но и тие можат да симнат некого од власт, дури и без да пуштат глас.