Кога културата ќе стивне

Веста дека новоназначениот директор на Младинскиот културен центар, Арбен Бени Шаќири отпуштил 30 хонорарци, ги затворил Планетариумот, бифето и продавницата за плочи „Ап(о)тека“ крена бура во македонската културна и во онаа другата јавност. Официјалното образложение дека договорите за работа со надворешните лица не се продолжени поради препораките на Антикорупциската комисија да не се обновуваат или потпишуваат нови вакви договори додека трае изборниот процес, ретко кого убеди во оправданоста на ваквата одлука.

Впрочем, Младинскиот културен центар (МКЦ), една од најагилните културни институции кај нас, веќе повеќе години е предмет на политички игри и калкулации, така што оние што барем малку ги следат работите околу МКЦ, не можат да се оттргнат од впечатокот дека повторно станува збор за вплеткување на некакви заткулисни игри за дополнително девастирање на овој културен центар. Особено ако се има предвид дека целиот процес на именувањето на Бени Шаќири за директор на МКЦ го следеа низа контроверзии, но и немал отпор кај вработените и кај голем дел од луѓето што на овој или на оној начин досега беа врзани за оваа институција.

Јас навистина не знам какви се нормативите на ова поле пропишани со изборниот закон, но знам дека ваква драстична одлука и практично замирање на поголемиот дел од активностите во културата не се случило во бројните изборни циклуси што Македонија ги преживеала од нејзиното осамостојување до денес.

Моето незнаење секако не ме спречува да им верувам на авторитетите во нивните тврдења дека станува збор за законска обврска, но… Всушност, во овој случај нема само едно, туку има повеќе „но“, односно повеќе прашалници што бараат свои одговори. Несклоноста на директорот Шаќири да одговара на новинарските прашања (односно несклоноста да ја задоволи љубопитноста на заинтересираната јавност) не помага премногу во расчистувањето на шпекулациите и теориите на заговор што веќе подолго време се вртат околу МКЦ.

Културна корупција

Значи, и да е онака како што е кажано, односно дека изборниот процес е „виновникот“ за (се надеваме) привременото замирање на активностите на МКЦ, тогаш треба да се знае дека Младинскиот културен центар е градска, а не јавна републичка институција и дека средствата за негово функционирање се црпат од буџетот на Град Скопје, а не од републичкиот трезор. Овие избори, колку што мене ми е познато, се претседателски и парламентарни, а не локални. Во таа смисла, не е најјасно каква корупција на гласачите на републичко ниво би можел да направи Советот на Град Скопје? И тоа преку финансирање на триесетина хонорарци во МКЦ. 

Kај нас Планетариумот и продавницата за плочи се непосредна опасност за предизборната корупција. А медиумското финансирање на предизборната кампања од државниот буџет, ете, не е

Потоа, останува нејасно или барем медиумите за тоа не известија, дали ова правило подеднакво важи за сите градски институции? Дали, на пример, тоа важи и за ЈП Комунална хигиена? Или за Јавното сообраќајно претпријатие? Ако важи, тогаш, барем колку што можам јас да забележам, овие институции нормално ги извршуваат своите работни задачи. Или барем толку нормално колку што нас нѐ навикнале. Тоа може да значи неколку работи – дека менаџерите на ова претпријатие знаеле нешто што Бени Шаќири не го знаел.

Или дека се поспособни менаџери од менаџерот на МКЦ. Или дека изборната корупција не е опасност за градската чистота или градскиот сообраќај, туку само во културата.

Не знам како стојат работите со овие правила во остатокот на светот, но верувам дека таму има некои други, би рекол и поефикасни решенија против корупцијата во изборниот процес од замирање на активностите. Оваа 2024 година е изборна година за светот во вистинската смисла на зборот. Никогаш во историјата не се случило, во истата година да имаат избори повеќе од 60 држави и глобални организации. На територијата на овие држави и организации (меѓу кои се САД, Индија, Русија, Бангладеш, Мексико, Европската Унија…) живеат повеќе од четири милијарди жители, односно повеќе од половината од севкупното светско население. Значи ли тоа дека оваа година светот ќе застане. За да нема предизборна корупција? 

Но, кај нас Планетариумот и продавницата за плочи се непосредна опасност за предизборната корупција. А медиумското финансирање на предизборната кампања од државниот буџет, ете, не е.

Некултурна престолнина

Скопје ќе биде европска престолнина на културата во 2028 година. Како што сега стојат работите, и тогаш ќе има некои избори. И тогаш ќе бидат ангажирани некои хонорарци што ќе треба да го организираат она што ниту државата, а Скопје уште помалку, ќе може да го организира. И? Што ќе правиме тогаш? Ќе му објаснуваме на светот дека повеќе од три месеци, културната престолнина ќе нема култура затоа што така рекла Антикорупциската комисија? 

Јас бев еден од оние што тврдеа дека Скопје никако не ја заслужува оваа престижна титула и дека е сосема бесполезно да се арчат средства и ресурси за нешто што воопшто не ни е иманентно, односно за кандидирање за европска културна престолнина. Да бидам искрен, сакав да бидам демантиран со некакви дејства, програми, активности…, ама, за жал, мојата несакана теза секојдневно се потврдува во овдешната пракса.

Oд каде тоа културата излезе важна за овие избори? Не, не излезе важна, туку токму спротивното – сосема небитна работа, која нема да се одрази на никакви изборни резултати. Па, затоа може и да замре

На крајот на краиштата, првиот потег на новоименуваниот директор на МКЦ, Бени Шаќири, што се проби во јавноста е отстранувањето на натписот „Ние сме од Скопје“ од фасадата на културниот центар. 

Во ред, јас можам да ја разберам нелагодата што ја предизвикува исклучивоста на оваа реченица (позајмена од една песна на Пи-ем-џи колектив) кај луѓето што не се од главниот град на државата, но во случајов Скопје не е географски топоним или место на раѓање во нечија биографија, туку е метафора, симбол на урбаната култура. Нешто што, конечно, и го квалификува да стане европска културна престолнина. 

Во таа смисла, отстранувањето на овој натпис, исто така, може да се чита во некаков симболичен код: урбаната култура не ни е потребна! И се чини дека навистина не ни е потребна. Или барем на оние што имаат моќ да одлучуваат за неа. 

МКЦ, во 2028 година, се разбира ако преживее до тогаш, ќе треба да биде еден од главните стожери на културната престолнина, а целата држава ќе треба да живее под мотото „Ние сме Скопје“, но тоа изгледа не е интенција на сегашните градски власти и на актуелниот менаџмент.

Она што мене најмногу ме збунува во целата ситуација е од каде тоа културата излезе важна за овие избори? Одговорот е прилично тривијален. Не, не излезе важна, туку токму спротивното – сосема небитна работа, која нема да се одрази на никакви изборни резултати. Па, затоа може и да замре.

Постојат илјадници искази и дефиниции за толкување на културата. Мене една ми е посебно драга. Таа вели дека култура е сето она што е функционално, а некултура е сето она што е нефункционално. Замирањето на МКЦ е нефункционално. Тоа е некултура. Културата е нефункционална во изборниот процес. Културата е некултура од перспектива на изборните резултати.

И, конечно, нашата држава е нефункционална. Таа е некултурна држава.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија