„Дневник“ беше и остана мојата прва новинарска љубов. И покрај сите неверства што си ги приредивме еден на друг.
Тоа беше љубов на прв поглед. Иако грд на изглед, црно-бел, скромен по број на страници, сместен меѓу старите колорни дами од НИП-от, добро нашминкани и облечени во многу поскапо руво, „Дневник“ ме освои уште при првата наша средба на трафика. Тој 20 март, таа 1996 година, се највозбудливиот читателски момент во мојот живот. Неповторлив.
Како тогашен бруцош-студент по новинарство, на 20 март 1996 студирањето на оваа проклета професија доби смисла и за мене и за повеќемина од мојата генерација. Бев решен – еден ден ќе работам во „Дневник“. Или ќе бидам дел од таа редакција или ќе си ја скинам дипломата и ќе продавам семки на стадион – со оваа мисла се вратив дома од трафика.
– Весник ли е ова, само црнила – ме провоцираше татко ми кога му го донесов дома првиот број на „Дневник“.
– По пет години независност, од денеска почнува демократијата во Македонија! – свечено објавив, едвај со полнолетните 18 години во газот, ама со ентузијазам што ми беше гориво уште долги години.
А бојата на „Дневник“ не доаѓаше од печатарските машини. „Дневник“, иако да, тогаш црно-бел, сепак многу колоритен – си ја носеше бојата во себе, шареноликоста на плурализмот беше во неговите четива и беше најзначајното обележје на новородениот весник сѐ додека џелатите не му пресудија.
Сонот си го остварив 2002 година. Моите новинарски идоли од студентските денови, Бранко Героски и Катерина Блажевска, ми станаа колеги. Тоа беше како да си тренирал фудбал сам на некоја ливада во планина и некоја божја рака те зела и те фрлила да играш во првиот тим на Сан Паоло, со Марадона и Карека. „Дневник“ веќе тогаш играше пред 100.000 публика.
Кога излезе првата вест потпишана со иницијалите С.К. (која иронија, истите иницијали што години подоцна го убија „Дневник“), беше тоа некое бенигно вестче од десет реда од Управата на хидрометеоролошки работи, забутана во втората половина од весникот, се затворив во соба и плачев како мало дете од радост и од гордост.
Повеќето од нас што ја имавме честа да го држиме кормилото на „Дневник“ имаме различни професионални гревови кон чедото за кое сега правиме парастос. Можам тука да зборувам само за себе. Два пати го напуштав „Дневник“, го изневерував бегајќи од проклетието на новинарството, па два пати му се враќав. Но, додека го јадев новинарскиот леб, му бев бескрајно лојален
Денес, и покрај сѐ што се случи потоа, имам разбирање за солзите на младиот новинар. Знаете, тогаш не се вработуваше во медиум преку партија. Имаше вистински конкурс, на кој се јавија безмалку двесте кандидати. Селектирањето траеше цели три недели. Секој ден пишувавме текстови, нѐ истестираа во сите новинарски жанрови, целиот процес го водеше лично главниот уредник Героски, а текстовите во последната фаза од селекцијата ги читаше и Блажевска. Верувам дека четворицата што нѐ примија првпат нѐ видоа во животот, и тој и таа. Осумте илјади плата, секој први, ми беа најдрагите заработени пари во животот.
Единаесет години подоцна, момчето што се заколна дека еден ден ќе работи во „Дневник“ и што плачеше од радост кога му ја објавија првата вест од мочани десет реда, стана трет главен уредник на најважниот дневен весник во Македонија. Но, овојпат немаше солзи радосници, имаше горчина во грлото, некоја грутка од која не можев да голтам – станав уредник на весник со веќе напишана смртна пресуда.
Не е тешко да се претпостави кој им го ветил – претставникот на германскиот капитал, Срѓан Керим. Во надеж дека ќе биде претседателски кандидат, а можеби и од некои други лукративно-криминални причини, „Дневник“ беше принесен како жртва пред олтарот на самоумислените богови од злосторничкото здружение ДПМНЕ.
Но, не им беше лесно ни ним ни на Керим. „Дневник“ беше дел од германскиот концерн „ВАЦ“ и имаше многу заштитни механизми за одбрана на независноста. Затоа новата стратегија на ДПМНЕ беше – да се уништи, да се намали неговата вредност, да се избрка странскиот сопственик и потоа да се купи. За жал, во овој гнасен план имаа соработник токму во оној кој требаше да го штити странскиот капитал.
Човекот кој неодамна во телевизиско интервју безочно лажеше дека никогаш не вршел притисок на главните уредници. Не само што вршеше притисок за тоа каква да биде уредувачката политика преку најразлични форми, од директни разговори со мене, па сѐ до праќање најразлични емисари да ме убедуваат „да го свртам кормилото на десно“ (негови зборови).
Најтрагикомично беше кога го доведе главниот уредник на некој десно ориентиран весник од Германија, од Брауншвајг, да ме советувал како да го водам весникот. Вечеравме во некоја празна сала на „Холидеј ин“ и зборувавме за „Дневник“. Германецов, кутар, не само што не ја заврши својата мисија, кажа едвај две-три реченици и потоа слушаше, па си замина шокиран и вчудовиден од тоа што се случува во Македонија со слободата на печатот и никогаш повеќе не се врати. Барем не со истата мисија.
Притисоците не се мој личен впечаток туку се документиран факт, за најдраматичните моменти од убивањето на весниците постојат и официјални редакциски писма, кои заедно со Горан Михајловски од „Вест“ и со уредниците од „Утрински“ кои се менуваа, ги праќавме во седиштето на ВАЦ во Есен (Горан е попедантен од мене, веројатно сѐ уште ги чува во својата архива).
Три години траеше борбата да му се продолжи животот на пациентот легнат на смртна постела и приклучен на апарати. Беше тоа тешка борба, мачна. За мене и за целата редакција овој период беше пекол. Се трудев сите притисоци и удари да ги примам самиот, но не можев да скријам ништо од редакцијата и од моите соработници – не можеш да ја излажеш посадата дека надвор нема бура, кога гледаат како се лула бродот. Горд сум на целата редакција, на сите мои драги колеги и скапоцени пријатели, кои и во вакви тешки услови успеваа да откриваат корупциски афери, да творат и да објавуваат, бескомпромисно да работат во интерес на јавноста.
Повеќето од нас што ја имавме честа да го држиме кормилото на „Дневник“ имаме различни професионални гревови кон чедото за кое сега правиме парастос. Можам тука да зборувам само за себе. Два пати го напуштав „Дневник“, го изневерував бегајќи од проклетието на новинарството, па два пати му се враќав. Но, додека го јадев новинарскиот леб, му бев бескрајно лојален.
Денес неговиот џелат во некој скап ресторан празни некое шише луксузно вино и чека да дознае дали навистина правдата е како шило или и ова празно шише ќе го наполни со нова тура валкани пари. Не чека само тој. Чекаме сите од ужалената фамилија читатели и вљубеници во „Дневник“, во оној „Дневник“ што се роди на 20 март 1996
Се сеќавам на многу професионални успеси и падови на „Дневник“ од трите глодурски години. Бевме тим. Едно утро, една млада новинарка, тукушто станата хонорарец по месеци волонтирање, влезе во мојата канцеларија и ми рече дека може да ги набави сите договори на Општина Центар (тогаш злосторничко дувло) за проектот во зародиш „Скопје 2014“. Нашла другар што може во текот на ноќта да влезе во комјутерите и да ги испечати. Неколку нејзини поискусни колешки и колеги веднаш направија тим за логистичка поддршка и ден подоцна текстот и документите веќе беа во рацете на читателите.
Тоа беше прва објава на монструозните игри од проектот кој подоцна проголта речиси милијарда евра пари на граѓаните и кој веројатно е корупциско клопче кое допрва ќе се одмота до крај (базата на Призма „Скопје 2014 под лупа“ е најдобар доказ дека новинарско-истражувачкото новороденче порасна и се разви).
Бев во третата година од мандатот на глодур кога на една тајна вечера во „Александар палас“ ни беше соопштено дека ВАЦ ќе ги продава весниците во Македонија. Валканиот план за уништување, или ај да ја употребам нивната лексика – за разнебитување, беше пред реализација. Истата вечер ја донесов тешката одлука за разделба со „Дневник“. Знаев дека оваа разделба ќе ни биде последна.
Веднаш по прославата на 15-годишнината си дадов оставка. Не сакав да бидам дел од тоа што следуваше.
Кога умре „Дневник“? Иако го убиваа постепено, на рати, јас немам никаква дилема за одговорот на ова прашање. „Дневник“ беше клинички мртов кога на огласната табла на листа за технолошки вишок осамнаа имињата на десетина негови врвни професионалци, меѓу нив и основачите, Мишел, Злате… Тогаш му ја пресекоа главната артерија. „Дневник“ тој црн ден беше напикан во шише, како стотиците илјади евра фатени на унгарската граница. Борбата беше загубена, иако многумина од колегите се надеваа дека не е и останаа да се борат. Некои, за жал, решија да колаборираат со сопствените убијци и тоа е многу тажно.
Кој го уби „Дневник“? За ова прашање имам уште помалку дилеми. Ако постоеја гробишта за медиуми, зад десетте години власт на злосторниците од ДПМНЕ ќе останеше само една огромна масовна гробница со многу лешови. „Дневник“ денес и официјално е само еден од лешовите во таа гробница. Нека му е вечна славата. Неговиот џелат, оној со кои ги делиме иницијалите, е баш како Голијатот против кој „Дневник“ се бореше кога се појави оној 20 март, онаа 1996 година – добро нашминкан и облечен во скапо шарено руво, со марамче во џебот.
Денес тој во некој скап ресторан празни некое шише луксузно вино и чека да дознае дали навистина правдата е како шило или и ова празно шише ќе го наполни со нова тура валкани пари. Не чека само тој. Чекаме сите од ужалената фамилија читатели и вљубеници во „Дневник“, во оној „Дневник“ што се роди на 20 март 1996.