Кој се плаши од Саше Политико?

Телевизијата која направи цела рекламна кампања со својот „црвен телефон“, сега остава впечаток на медиумска црква што треба да ги заштити крепосните гледачи од „неморалните“ јавни истапи.

Од некои причини што во мигов не се битни не стасав да ја гледам втората епизода од шоуто „Контравести со Ирена Ристиќ“, но затоа на социјалните мрежи се појавија протестни коментари за наводното цензурирање на дел од емисијата, односно на разговорот со Сашо Ивановски Политико, еден од, би рекол, најпопуларните и највпечатливите личности на овдешната медиумска сцена, или како што тоа би го рекла Ирена Ристиќ, контроверзна личност.

Навикнат на сите лудила на овдешниот медиумски простор, сепак не поверував дека најавениот разговор е тргнат од емисијата, односно цензуриран, односно некој помислил дека Саше Политико не е соодветен за неговата публика. Особено затоа што се работи за сатирична шоу програма чија идеја пред сѐ е да ги забави гледачите, а оние што го следеле Политико можат да дадат секакви квалификации за него, ама не можат да оспорат дека, меѓу другото, е токму тоа – забавен.

Како и да е, Господ смислил интернет и што е уште подобро му додал и YouTube, па емисијата набргу се појави на глобалната мрежа во целина и целост, што би се рекло, па љубопитните можеа да го видат „скарадното“ интервју со „инкриминираниот“ Политико. А такви, вклучувајќи го и авторот на овие редови, по невообичаената реклама за емисијата имаше многу.

И одгледувањето на емисијата заедно со интервјуто не дава одговор на прашањето: Од што се уплаши „Телма“ (или со што ја исплаши Саше Политико), па мораше да го цензурира неговото интервју?

Оние што барем малку го следеле Саше Ивановски, неговото герила-новинарство, како и неговиот речник, кој, најблаго речено, не е секогаш соодветен за комуникација во јавниот простор, веројатно помислија (со право) дека телевизијата немала доволно од оние „бипови“ за да ги блокира употребените безобразни зборови.

Но, токму спротивното. Ивановски, во однос на неговиот имиџ во јавноста, во оваа емисија говореше како да е секретар на Македонската академија на науките и уметностите, а не самоук, дрзок и безобразен приучен новинар. Како споредба: непосредно пред да ја изгледам спорната емисија, гледав реприза на „24 минути со Зоран Кесиќ“ емисија со сличен сензибилитет како овдешните „Контравести“ што се емитува на денес прорежимската белградска телевизија Б-92. Гостин беше музичарот Рамбо Амадеус и онаа „биперката“ богами работеше со полна пареа.

Непримерниот говор во јавната комуникација не е ниту табу, ниту пак, некаков преседан, се разбира ако тој говор доаѓа од некого од кого се очекува таков речник. Уште во социјализмот тогаш мега популарниот Милован Илиќ Минимакс водеше една радиска емисија по која всушност и го доби својот прекар (слично како и нашиот Политико, кој го доби прекарот по една своја емисија), во која неговиот постојан соработник Раде Бранков имаше свој прилог наречен „Раде Бранков и неговите пациенти“, каде што наоѓаше соговорници од работ на општествениот и социјалниот живот, некои андерграунд-ексцентрици кои најмалку зборуваа со примерен речник.

Таа емисија редовно се емитуваше на тогашниот Радио Белград. На крајот од краиштата, затоа и се воведени оние предупредувања пред почетокот на емисијата за возраста на која не ѝ се препорачува гледањето на емисијата „без присуство на старател“.

Во моментот кога ова го пишуваме сѐ уште нема (или не знаеме дека има) реакција на „Телма“ во која ќе го објасни својот потег, па мораме да се служиме со шпекулации. Едно од објаснувањата е дека наводно Саше Ивановски е некомпетентна личност за она што го претставува (новинарството, белки). Но, и ова не држи вода.

Прашање е од каде „Телма“ го црпи правото да ја одредува компетенцијата на луѓето. Во секој случај, во нејзините ударни термини гостувале низа личности кои, според мое убедување, не се компетентни за она што го претставуваат. Тодор Петров, на пример, чии компетенции ми се апсолутно непознати. За многумина, низа министри не се компетентни за функциите што ги извршуваат, па сепак гостуваат по телевизиските програми. Но, се разбира, не сум јас, како што впрочем не е ни „Телма“, оној чиј суд е пресуден за одредување на нечија компетенција.

telefonpng

Но, еве, и сѐ да е така: Кого го брани „Телма“ од настапот на Саше Ивановски? Телевизијата која направи цела рекламна кампања со својот „црвен телефон“, сега остава впечаток на медиумска црква што треба да ги заштити крепосните гледачи од „неморалните“ јавни истапи.

Овој начин на диференцирање на веќе најавените гости, треба ли да кажеме, е премногу опасен за менталната хигиена на јавниот простор. Денес е тоа Саше Ивановски, утре ќе биде некој за кого раководството или сопствениците на медиумот ќе проценат дека неговото мислење не е „подобно“ за увото на „чесниот“ граѓанин.

Го сакала тоа или не, со овој потег „Телма“ практично се придружи до филозофијата на медиумот кому требаше да му биде опозит, или барем такви ѝ беа амбициите, значи на Македонската телевизија, чиј главен уредник Диме Ратајковски, неодамна, во една дебата по повод онаа несреќна изјава на Заев за „провладините медиуми“ како најголеми политички непријатели на СДСМ, изјави дека, парафразирам, функцијата на Јавниот сервис е да ги брани државните интереси, односно државата. Низ призмата на Ратајковски, нападите на актуелната државна политика се анти-државни, а МТВ е на бедемот на одбраната.

Останува да видиме што, кого и од кого навистина брани „Телма“?