Комшијата Гоце

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања денеска ќе расправа за Гоце Делчев. Усогласувањето на термините што треба да ја деполитизираат историјата во учебниците во двете земји, не е лесна работа. Бугарија веќе има искуство во тоа со нејзиниот сосед Турција, за периодот на петвековната Отоманска империја. Предлогот на бугарското Министерство за образование тој период да се третира како „заедничко сожителство“, е проследен со бројни реакции.

На таа тема е снимен и бугарски скеч, нешто како филм во филм. Дејството се одвива на имотот на бугарско семејство, каде што на коњ пристигнува локалниот паша, со размавтана сабја, намуртен израз и со тешки закани до домаќинот.

„Тато, тато, што вели поробувачот?“, прашува синот.

„Лоша работа, синко. Вели дека мене ќе ми ја пресече главата, мајка ти ќе ја силува, а тебе ќе те земе јаничар“.

Жената во плач го моли сопругот да преземе нешто.

„Тешко е ова ропство, тешко нам. Иване, направи нешто против поробувачот“, му вели таа.

„Поробувачу, ние никогаш нема да се предадеме. Јас имам пушка“, храбро одговара Бугаринот и го вперува оружјето кон пашата. Во моментот кога треба да пука, сцената ја прекинува режисерот.

Усогласувањето на термините што треба да ја деполитизираат историјата во учебниците во двете земји, не е лесна работа

„Стоп, стоп! Сега се јавија од Министерството. Има промени во сценариото. Втората верзија ќе биде многу подобра. Идеална ќе биде. Значи, филмот нема да се вика „Ропството“, туку „Присуството“. Пушката ќе ја замениме со нож, а асистентката ќе ви ги даде новите реплики“, објаснува режисерот.

По мала подготовка почнува снимањето на втората верзија. Првата сцена останува иста. Доаѓа пашата, резгневен и со ред закани.

„Тато, што бара овој што ни присуствува во дворот?“

„Ништо особено синко. Јас треба да се пазам од остри предмети, мајка ти може да забремени, а тебе ти се дава шанса да станеш војник“.

„Иване, на лошо присуство ми личи ова, направи нешто“, вели сопругата.

„Слушај ти што си присутен овде, ние никогаш нема да се предадеме. Јас имам нож“, предупредува домаќинот. Но, пред да му се спротивстави на пашата, сцената повторно ја прекинува режисерот.

„Стоооп! Повторно се јавија од Министерството. Има нови промени во историјата. Значи, филмот нема да носи наслов „Присуството“, туку „Комшијата“. Ножот ќе го замениме со погача. Асистентката ќе ви ги даде новите реплики“.

Филмот почнува да се снима во трета верзија. Пашата влетува во дворот разгневен и со истите закани.

„Тате, што вели комшијата?“

„Сè убави работи синко. Комшијата вели дека ќе ме потстрижи многу добро, па дури и ќе ми ја тргне главата за да можам ги гледам работите од сите агли. Вели дека ти ќе си имаш братче или сестра, и дека те кани на десетгодишна екскурзија во Анадолија, ол инклузив“.

„Колку добар комшија“, вели синот.

„Така е кога имаш комшија в куќи“, вели помирливо сопругата.

Таткото го кани комшијата да седне, да се одмори пред долгиот пат и љубезно го нуди со погача.

Духовито. Едно е инсистирањето на политичка коректност во однос на изразите во современите учебници по историја, односно чистењето изрази „клети душмани“ и слично во корист на историски факти ослободени од таков тип епски експресии. Но, друго е кога политичката коректност задира во историската објективност. Пролетта се вжешти дебатата од двете страни на границата – чиј е Гоце Делчев? Заврши со две непомирливи позиции – Бугарин за Бугарите и Македонец за Македонците.

Бугарите тврдат дека неговото македонство е „регионим“, изразено исклучиво според територијален, а не според идентитетски, етнички принцип. Но, ако се смета дека бил Македонец само според територијален принцип, тоа може да имплицира и дека бил Грк, имајќи предвид дека неговото родно место денес е во границите на Грција.

Aко се има предвид целата траекторија на обемната Гоцева активност, можеби е најдобро да го прогласиме за наднационална личност

Секако дека не може така да се чита неговата припадност. Во писмата на Гоце Делчев се среќаваат термините „Македонец“, „Македонка“, „македонски народ“, но објаснувањето и толкувањето е различно во двете историографии. Притоа, во Софија се занемарува фактот дека, покрај територијалниот, во тој период се зајакнувал и македонскиот политички идентитет, кој бил присутен кај Делчев и кај други револуционери во тоа време.

Не само во име на добрососедството и иднината, туку во име на историската реалност, која подоцна сведочи за создавање македонска држава – и според етнички и според територијален принцип, овие личности мора да се гледаат низ поширок филтер од оној на кој инсистира Софија. На крајот, ако се има предвид целата траекторија на обемната Гоцева активност, можеби е најдобро да го прогласиме за наднационална личност, нешто што му ја потврдува вистинската вредност, отколку да го сведеме на „трофеј“ што од една полица се преместува на друга.

Ако неговите револуционерни активности донеле придобивки за иднината на двете земји, најмалку е потребно сега да се пристапува кон толкување на неговата етничка припадност со манири – делете го, парчете го – спротивни на духот на неговата борба за слобода, обединување и културен натпревар меѓу народите.

Да не дозволиме да ни се случи реален скеч, во кој Гоце ќе „се стопи“ во „територијално присутен“ или во нечиј „комшија“, кој со другите само пиел кафе или позајмувал лажица шеќер кога ќе му снема. Да не ја претвориме дебатата за Гоце во гротеска. Ако тоа се случи, нема да биде важно дали бил Бугарин или Македонец. Би се срамел подеднакво и од едните и од другите.

П.С.

Вчера во Софија се разгледувал пристапот и разбирањето на средновековната историја во учебниците. Можеби не треба да се брза со тоа прашање. Средниот век кај нас уште трае. Ќе заврши кога конечно ќе престанат игрите околу законот за ЈО, односно иднината на СЈО.