Сите си останаа конзистентни до крај. Владата, пред сѐ, премиерот, остана доследен на заложбите и сизифовските напори земјата да ја извлече од интеграциската изолација. ВМРО-ДПМНЕ остана доследна на ставот дека докрај ќе се обиде да го спречи процесот на промена на уставното име, и покрај фактот дека тоа е единствениот клуч за интеграциските перспективи. Иванов остана доследен на опструкциите и на конфузното разбирање на терминот разумен компромис.
Најдоследен во својата расипаност и демагогија остана Никола Груевски, човекот кој десет години им подаруваше споменични и други аргументи на Грците за нашето чепкање во нивната хеленистичка историја. Сега, залегнат во хотелска фотелја и азилантски влечки, се дрзна да дава инструкции кој што да правел пред големата одлука.
Велат – не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку за сите да си ги остават трагите во него. Ги оставија. Најдобар судија за постапките секогаш е времето. Но, и не мора да чекаме историска дистанца од 50 години за да оцениме кој бил во право. Можеме да ги провериме досегашните постапки низ тестот на овие 28 години независност, период кога политичките елити имаа идентична мантра околу решавањето за спорот со Грција: „Не мора да брзаме, бидејќи времето работи за нас!“
Ајде да провериме, дали и како работело времето за нас. Во 2005 година, кога Република Македонија доби кандидатски статус за членство во Унијата, од бившите ју-републики, единствено Словенија веќе една година беше членка на ЕУ. Црна Гора тогаш сѐ уште не беше ни самостојна држава, туку во заедница со Србија. Црна Гора во 2007 година стана независна држава, а во јуни 2012 година и официјално ги почна преговорите со ЕУ. Србија доби кандидатски статус во март 2012 година и по две години ги почна преговорите со ЕУ. Хрватска стана членка на ЕУ во 2013 година. Само Македонија, земјата за која „времето работеше“, од 2005 година си остана да тапка во место 14 години. Само поради спорот за името.
Најдоследен во својата расипаност и демагогија остана Никола Груевски, човекот кој десет години им подаруваше споменични и други аргументи на Грците за нашето чепкање во нивната хеленистичка историја
Иако неговите националистичко-популистички митови денес се распаѓаат, за жал, голем број Македонци сѐ уште живеат во заблудата дека тој нешто бранел, а не дека со политички инсталираната „антиквизација“ длабоко ги загрозил македонските позиции. Ќе треба време и многу напори да бидат искоренети огромните последици од тој децениски инженеринг спроведуван врз Македонците, кој денес се рефлектира преку емотивен крик кај луѓето што протестираа пред Собранието.
Не треба да им се лутиме ним. Тие искрено и човечки ја изразуваат загриженоста за својата земја, бидејќи се водени од стравовите кои една деценија им ги сервирала груевистичката манипулација. Можеби исто толку време ќе им биде потребно за да се ослободат од неа и да разберат дека никој не може да им го одземе тоа што биле, тоа што се и тоа што ќе продолжат да бидат – Македонци! И дека одредницата Северна е само географска дистинкција од регионот Македонија во денешна Грција. Дека си имаме доволно наша историја и дека туѓа историја не ни е потребна за да си го браниме идентитетот. По туѓа историја посегнуваат поединци што имаат лична криза на идентитетот. Македонците немаат.
Ако првиот Илинден ја означи борбата за слобода, ако со вториот за првпат била добиена државноста, а со третиот независноста, четвртиот Илинден без сомнение ќе биде „мајката на сите современи битки“ – битката за интеграција
Овие лекции допрва ќе бидат учени и во Грција, бидејќи и Грците многу години беа изложени на манипулации дека само ним им припаѓа ексклузивноста за користење на името Македонија. Ставот на Мицотакис дека тој нема да дозволи зборот Македонија или негов дериват да се најде во името на северниот сосед, популистички запали голема народна маса. Но, и откри дека Македонија нема да има никаква шанса да го зачува името и идентитетот во преговорите со некоја идна влада предводена од Нова демократија.
Од тој аспект беше клучно тоа што луѓе како Заев и Ципрас, неоптоварени со национализам и манипулативни митови, се најдоа на иста бранова должина и со иста визија во исто време. Одржаа лекција за пријателство и добрососедство, но и висока свест и разбирање дека никој не смее да излезе оштетен од процесот на преговори.
Благодарение на нивните напори, како и на преговарачките тимови од двете земји, денес оставаме еден огромен проблем зад нас. Ако првиот Илинден ја означи борбата за слобода, ако со вториот за првпат била добиена државноста, а со третиот независноста, четвртиот Илинден без сомнение ќе биде „мајката на сите современи битки“ – битката за интеграција.
И да немаме дилеми. За разлика од членството во НАТО, кое за една година ќе биде реалност, патот до ЕУ нема да биде ни краток, ни лесен. Тоа ќе биде еден вид вонредна ситуација, со многу работни часови, „дежурства“ и целосна посветеност на обврските, со потреба од суштински, а не реформи на хартија, пред сѐ, заради нас, а не заради некој ресорен еврокомесар кој ќе го мониторира реформскиот квалитет.
Ќе има потреба од промена во нас, на нашата свест и на старите навики за чекање друг да нѐ поттурне, да ни ја заврши работата. Тој филм нема да го гледаме. Ако не покажеме капацитет за промени, џабе ќе биде пристапот до повеќе европски фондови, доколку немаме идеја што со нив и не покажеме сенс за прогрес, одговорност и професионализам.
Тоа, колку што зависи од Заев и од неговиот кабинет, директори и од други функционери, не помалку зависи од мене, од тебе, од сите нас. Од начинот на кој ги воспитуваме децата, од начинот на кој се однесуваме на работното место, на улица, кон јавното добро и јавниот интерес.
Ако некогаш за битка било битно да се изработи црешово топче, денешниве битки се водат со други средства – со ум, знаење и визија. Тие современи „црешови топчиња“ од денес треба да почнеме да ги подготвуваме, бидејќи од нас не се очекува ништо помалку, освен постојани плотуни со многу крупни резултати.