Франција, за првпат, продава 12 борбени авини „рафал“ на земја што не е членка на НАТО или ЕУ, на земја што беше критикувана од Унијата дека седи на две-три столчиња и на земја што не воведе санкции кон Русија. Потпишаниот договор тежи 2,7 милијарди евра, вклучува одржување и логистика и практично значи дека новата француска флота постепено ќе ги испрати на буниште половните руски „мигови“.
Сосема е јасно дека станува збор за нешто повеќе од договор за набавка. Оттаму очекувано е што посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Србија, во Париз и во Белград ги вивна прашањата дали таа ќе значи и своевидна увертира во стратегиската преориентација на Србија?
Бидејќи ако не е тоа во прашање, тогаш од каде би извирала сигурноста на Париз дека она што доаѓа со договорената набавка на воените авиони – знаење, технологија, материјали итн., нема да протече кон земјите за кои Франција и ЕУ сметаат дека имаат токсично влијание врз Западен Балкан, пред сѐ во Србија, која, пак, претходно важеше за најголем увозник на руско оружје и воена техника во Европа.
Крај за балансирањето
Јасно е дека доверливоста и безбедноста на францускиот пакет мора да е врвно гарантирана. Србија очигледно е пред сериозен пресврт, иако можеби во првичниот период, тоа нема да изгледа како драматично „свртничарење“. Вучиќ, поради внатрешни причини, ќе има потреба тој преод да го направи постепено.
Но, факт е дека тој ја префрла набавката на западен колосек. Иако поделени се мислењата дали Макрон со оваа посета става своевиден камен-темелник за француско спонзорирање на Србија во нејзиното „преобратување“ и забрзување на нејзината евроинтеграција или, пак, Србија заедно со авионите практично си ја купува таквата поддршка, епилогот би водел кон иста цел – Србија да се стабилизира на едно столче – европското.
И пред доаѓањето во Белград, Макрон во авторски текст порача дека Србија не може да го бара својот пат во вечна игра на балансирање меѓу големите сили. Тој изрази увереност дека Србија тежнее кон независност и сувереност, кои само ЕУ може да ѝ ги обезбеди, поседувајќи ги средствата за својата стратешка автономија.
„Таа стратешка автономија ќе ја изградиме заедно обезбедувајќи си средства за осигурување на нашата безбедност и зајакнување на нашата одбранбена соработка. Но, ќе ја изградиме и во областа на индустријата, во сите сектори каде што треба да се обединиме за да бидеме поотпорни на безмилосната меѓународна конкуренција, во областа на критичните суровини, лековите и вештачката интелигенција, на пример. И таму Србија има клучна улога во една проширена и зајакната ЕУ“, порача францускиот претседател.
Странични критериуми
По посетата на Шолц на Белград минатиот месец, повторно во фокусот на земјите што го сочинуваат јадрото на ЕУ се „критичните суровини“. И повторно улогата на Србија во нивното овозможување кон заинтересираните страни се става во корелација со нејзиниот напредок кон ЕУ.
До „вчера“, во ЕУ како „критични суровини“ се третираа владеење на правото, слободата на медиумите, независното судство, битката со криминалот, почитувањето на човековите права, кредибилните реформи, напредокот според сопствени заслуги и реверзибилноста на процесот – ако назадуваш.
Не дека истото и денес не важи на хартија, ама праксата е станата попрагматична. За стабилноста на Западен Балкан секако дека е важно поведението на Србија поради нејзиното влијание врз Република Српска, но и за нормализирање на односите со Косово. Неодамнешната посета на директорот на ЦИА во триаголникот Сараево-Белград-Приштина јасно ги исцрта контурите на жешките теми за кои се разговорало.
Но, по неколку посети на високи државници од ЕУ во Србија, по кои станува евидентно дека страничните критериуми повеќе од базичните се претвораат во погон за забрзување на евроинтеграцијата или ветување за тоа, нормално е останатите кандидати за членство во Унијата да се прашаат: Добро, ние џабе ли „веземе“ компромиси, бркаме критериуми, норми, рокови, а голтаме блокади, вета?
Можеби е добро навреме да се расчистат дилемите – каква ќе биде шансата за европска иднина на земјите без критични суровини, без моќни спонзори, без к’смет да имаат искрени соседи и со децениски таксират постојано да се натоварени со соседски спорови? Ќе бидат ли рамноправно третирани или принудени да даваат нови концесии, ако не за копање руда, за да им копаат по историјата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија