Во пресрет на денешниот најавен протест на ИВАП (ивент, видео, аудио, поддршка), односно на асоцијацијата што ги обединува организаторите на настани, заменик-премиерот за економски прашања, Фатмир Бетиќи, најави дека владата ќе обезбеди помош од еден милион долари неповратни средства за оваа мала, но битна индустрија, која секако беше и е меѓу најпогодените во корона кризата.
Иако се чини дека одлуката е донесена под притисок и со одредено задоцнување, сепак секој добронамерник што барем малку ги следи случувањата во таканаречената изведувачка култура би требало да го поздрави овој потег. Имено, зад помпезната титула „ивент индустрија“ се кријат сценски работници, изведувачи, осветлувачи, тон-мајстори, продуценти, возачи, кетеринг-организатори и сите останати култур-трегери без кои еден настан не може да се реализира. Според податоците на Централниот регистар, приходите во овој сектор минатата година се намалени за дури две третини во однос на претходната година.
Ова е социјалниот аспект на приказната. Оној културолошкиот, целосното замирање на живите настани, веројатно не би требало ниту да се коментира. Какви последици врз колективното ментално здравје ќе донесе целосното отсуство на театарски претстави, концерти, симпозиуми, свечености, изложби, промоции, литературни читања, фестивали…, тоа допрва ќе го анализираат социјалните психолози и културолозите.
Затоа и велиме дека одлуката на владата да го помогне овој во принцип витален сектор треба да се поздрави, ама… ако навистина стануваше збор за помош!
Бетиќи за „Слободен печат“, имено, вели дека помошта ќе се реализира, така што со тие средства ќе се организираат најмалку 40 настани, за чија реализација ќе бидат ангажирани повеќе од сто компании како организатори, подизведувачи и изнајмувачи на техника, додавајќи го тука и ангажманот на сите оние професии што се неопходни за реализација на еден настан.
Оваа најава за „помош од милион долари“ всушност го покажува целосното отсуство на стратегија во создавањето на културните политики. Или, ако сакаме, да бидеме попрецизни, целосното отсуство на културните политики, воопшто
Тој појаснува и за каков вид настани станува збор: „Клучни критериуми се за содржините да се ангажираат исклучиво домашни артисти и изведувачи, за во целост да се поддржи домашната сцена и настаните да се на тема од висок јавен интерес, со што ќе придонесеме и кон националната гордост, кон она што е наше обединување и највисок државнички интерес – а тоа оваа година е јубилејот 30 години независност на нашата татковина Северна Македонија како и 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Јавниот повик е во финална фаза на подготовка и очекувам да биде објавен во следните две недели. Тој ќе биде отворен до почетокот на месец мај по што ќе бидат обезбедени грантови за апликантите што ќе ги исполнат условите, а од месец јуни, па до крајот на септември очекуваме реализација на десетици настани и моќно културно лето со работен наслов ‘30 години независност’“.
Еве, да претпоставиме чисто хипотетички дека пандемијата не постои и дека не постоела. Дали во тој случај државата Северна Македонија ќе го одбележеше 30-годишниот јубилеј од сопствената независност? И, ако, да кажеме, сите тие прослави и настани ја чинеа милион долари, дали тогаш заменикот-премиер ќе излезеше со информација дека на тој начин ѝ помага на ивент индустријата?
Врз база на кои тоа јазични, општествени, социјални, интеракциски… правила се нарекува „помош“ исплата за извршена (и нарачана) работа? На тој начин, државата може да каже, на пример, дека лекарите не примаат плата, туку тоа е државна помош. И како е тоа помош за ивент индустријата, кога ќе бидат ангажирани одреден број фирми, а не сите.
Без оглед на „звучноста“ на пријавената сума (милион долари), не би смееле да имаме никакви дилеми – тука не станува збор за никаква помош, туку за плаќање на материјалните трошоци и трудот на оние што ќе ги реализираат тие „најмалку 40 настани“. И дали овие настани ќе ја одржат во живот живата култура? Нема, секако. Затоа што нарачаната или „меценарска“ култура, сепак е само нарачана и секогаш има во заднина некаков интерес на нарачателот. Ние барем имаме искуство во трошења државни пари под закрилата на културата.
Во таа смисла, не е основниот проблем во погрешниот исказ на Бетиќи, кој ги става буџетските пари во функција на некаков евтин маркетинг („се грижиме за граѓаните“ – како божем да имаат некоја друга работа), туку оваа изјава е прилично симптоматична, би рекле и круцијална за илустрирање на односот на државата кон културата, со особен акцент на нејзините витални, да не кажеме живи вредности.
Оваа најава за „помош од милион долари“ всушност го покажува целосното отсуство на стратегија во создавањето на културните политики. Или, ако сакаме, да бидеме попрецизни, целосното отсуство на културните политики, воопшто.
На крајот на краиштата, дури и не е проблемот дали луѓето од ивент индустријата ќе ја преживеат кризата или ќе се преориентираат на некои други дејности што евентуално би им обезбедиле егзистенција. Проблемот е во тоа дали воопшто ќе имаме жива култура кога сево ова ќе заврши. Или и натаму ќе одбележуваме само јубилеи.