Лажната мајка

Ако првото бугарско вето ме разочара, колку и да изгледа апсурдно, второво ми причини огромна чест. Бугарското „не“ (ин)директно откри дека од македонска страна, на масата не било ставено ништо од долгиот список на великобугарски барања што задираат во сферата на идентитетското, со кои е условена нашата еу-перспектива.

Официјална Софија, политичката престолнина која го носи името што значи „мудрост“, на европската сцена подолг период воопшто не успева да ја оправда семантиката на името. Не само во спорот со земјава, туку и на внатрешен план.

Патот на Македонија до Брисел можеби води низ Софија, ама не низ оваа, туку низ некоја идна, вистински мудра Софија. Сѐ дотогаш, срамот на Бугарија во Брисел секогаш ќе поминува низ Скопје

Земјата, чии најрасни националистички политичари не се воздржуваат да ја доживуваат Северна Македонија како „втора бугарска држава“ (не само кога навиваат за нашата репрезентација на европското првенство) и кои тврдат дека Бугарија е „нашата заедничка мајка“, добро е да се потсетат како изгледа мудриот и правичен Соломонов суд, кога станува збор за одредување на мајчинството.

Овој библиски приказ говори за две мајки што имале машки деца на иста возраст. Едната, несакајќи го задушила детето додека спиело, па своето мртво дете го ставила во креветот на другата мајка, а нејзиното дете си го зела кај себе. Кога двете жени влегле во жесток спор за тоа која е вистинската мајка на живото дете, мудриот крал Соломон наредил да му донесат меч и донел „пресуда“: детето да се раздели на половина и секоја мајка да добие по една половина од него.

Тоа бил неговиот мудар тест. Лажната мајка веднаш се согласила детето да биде поделено, а вистинската мајка ужасната од пресудата крикнала од болка, и ѝ рекла на другата: ‘Земи го ти, само нека остане живо! Од тој потег мудриот крал открил која е вистинската мајка и нејзе ѝ го доверил детето.

Ако Бугарија била „нашата мајка“, зар ќе крикнеше во Брисел „да му го пресечеме патот на детето“ и тоа со второ вето? Сигурно не. Напротив, таа прва би побарала Македонија да добие европска перспектива. Тоа што Бугарија прва нѐ призна како независна држава – е неспорен факт, но, според признанието на многу бугарски личности (последното на Ивајло Трифонов од кабинетот на Жељу Желев), тоа било со цел „да се блокираат намерите на Белград“.

И тогашните мотиви – бугарско инвестирање во дејугословенизација и десрбизација, и денешните мотиви со ветото – водат кон иста цел: обид за (ре)бугаризација според правилото – тој што ќе те „ослободи“, тој и прв ќе те зароби.  

Затоа ова бугарско вето го доживувам како огромна чест. Тоа е второ бугарско самопризнание на политичари маскирани како „Европејци“ дека не постои никаква заедничка мајка (бугарски корени), туку вечен бугарски копнеж за повторна доминација врз „Македонија – најромантичниот дел од бугарската историја“.

И додека го прават ова, во исто време пред очите на Брисел лажно мафтаат со копенхашките критериуми (кои самите не ги исполнуваат) за да ги замаглат вистинските мотиви.

Добро е што има второ вето, за да види ЕУ со што си има работа, да се праша зошто и до кога ќе толерира политики кои однатре (и со странична помош) ги еродираат нејзините стандарди.

Рамковната позиција на Бугарија од 2019 година и објаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на ЕУ, по дефиниција се тешки националистички „четива“, кои не можат да стојат во иста реченица со Договор за добрососедство, ниту со вредностите што ги промовира ЕУ.  

Патот на Македонија до Брисел можеби води низ Софија, ама не низ оваа, туку низ некоја идна, вистински мудра Софија. Сѐ дотогаш, срамот на Бугарија во Брисел секогаш ќе поминува низ Скопје.

Штета што мудроста на Соломон денес не живее во ЕУ. Да беше поинаку, заедничката комисија за историски прашања веднаш ќе можевме да ја пратиме во пензија или на заслужен одмор наместо да сведочиме на роварење по коските на минатото, божем во име на иднината. Меѓу минатото и иднината има нешто што се нарекува сегашност, која е тотално испразнета од содржина.

Граѓаните на Македонија и граѓаните на Бугарија, кои не седат во политички кабинети, кои не прават профит од националистички тези и од подбуцнувачки анализи на академици и историчари со политички баждарени ставови, треба да покажат дека можат да бидат и соседи, и пријатели, и особено браќа „по оружјето“ што го имаат на располагање.

Бугарското „не“ (ин)директно откри дека од македонска страна, на масата не било ставено ништо од долгиот список на великобугарски барања што задираат во сферата на идентитетското, со кои е условена нашата еу-перспектива

Тоа не е огнено оружје, се нарекува протест и право на глас, и може ефикасно да се употреби против сите елити што ги замајуваат општествата со минатото, само затоа што не се во состојба да одговорат на потребите во сегашноста.

Граѓаните на двете земји со својот глас можат да бидат помоќни и од санкциите „Магнитски“, бидејќи на избори најсилно можат да кажат стоп за криминали и корупции прикриени зад историски митови, стоп за тајкунизација на општествата, стоп за современите феудалци врз јавните ресурси, стоп за невладеењето на првото, стоп за говорот на омраза, стоп за политичките коктели од самитски херојства и дневни дози национализам, стоп за нови кариеристи, опортунисти и „патриоти“ кои си ја градат кариерата преку креирање конфликти, за потоа да се препорачаат како политичари, кои истите ќе ги решаваат, и стоп за сите што сакаат тој стил на владеење да го конзервираат на што подолг рок.

Тоа е тој еден и ист јазик, на кој можат и треба да зборуваат македонските и бугарските граѓани. Не е „официјален јазик според Уставот на оваа или на онаа земја“, туку универзален јазик на сите што бараат промени и реална европеизација, и на сите што јасно ќе се спротивстават на неевропските тенденции во своите земји.

За тој јазик  на промени, добрососедство и пријателство никогаш нема да биде потребен превод.