Љуби го или убиј го ближниот свој?

Проблемот на секое длабоко поделено општество е што не произведува напори за отстапување од крајно спротивставените позиции што довеле до таа состојба. Соодветно на истрајноста во непопустливоста, на таа поларизирана отсечка, засега на повидок нема никакви обиди за приближување на опонентите околу една средишна точка/линија.

Приближувањето околу таа линија не е знак на немоќ, напротив – тоа е чин на политичка мудрост, се разбира, ако пред себе ги имаат интересите на граѓаните и на државата.

Нефлексибилноста меѓу нив дополнително ги храни двата екстрема, по што резултатот е судир на интерпретации, во кои или сѐ е бело или сѐ е црно. Нема нијанси, нема ништо помеѓу. Според едните „овде сонцето светло угревјат и небото ѕвезди посевјат“, според другите „мрак нѐ обвива и темна магла земја покрива“.

Перманентен блесок или тотален мрак? Ни едното, ни другото. Ова не значи дека „сите се исти“. Напротив, меѓу нив има значајни квалитативни разлики, кои граѓаните ќе ги оценат и ќе ги наградат или ќе ги казнат на избори.

Нефлексибилноста меѓу нив дополнително ги храни двата екстрема, по што резултатот е судир на интерпретации, во кои или сѐ е бело или сѐ е црно. Нема нијанси, нема ништо помеѓу

Вообичаено, поларизацијата меѓу опонентите спласнува или свесно се инхибира кога земјите ќе се соочат со некоја сериозна закана. Во нашиов случај, дури ни заканата од Ковид-19 не успеа да произведе минимум соработка. Превентивата од Ковид-19 се претвори во полигон за интерпретативен простор за учинокот, според кој, од бројката на оздравените или починатите, ќе зависи на кого од опонентите изборно ќе му се стемни или ќе му се раздени.

На еден крајно неодговорен начин, фокусот се префрли од здравствен, на (меѓу)партиски терен, а наводно во име на здравјето на граѓаните.

Не е доцна сите да се преиспитаат наместо да поставуваат гард едни кон други. Можеше ли власта да прифати некои од предлозите на опозицијата? Можеше. Но, како што велат, два остри камења не мелат брашно. Можеби тоа и ќе се случеше, ако опозицијата во старт не започна со обвинувања дека сѐ што презема власта е погрешно, со што ги затрупа сите можности за соработка.

Во тој корпус спаѓа и нудењето „свои“ здравствени експерти, небаре тие се дел од партискиот, а не од здравствениот систем на земјава. Кога накриво ќе се насадат работите, накриво и ќе израснат.

Вториот проблематичен терен по партискиот, е верскиот. Не престана срамното надгледување чии празници повеќе поминале во карантин, а чии помалку, на кого му се прогледувало низ прсти итн. Вината за вакви непристојни споредби ја носат верските лидери во земјава, без разлика на која конфесија ѝ припаѓаат. Верата спаѓа во сферата на приватноста. Ако многу приватни права беа ограничени со цел граѓаните да се заштитат од инфекција, и верските заедници требаше да покажат одговорност и флексибилност по ова прашање.

И на овој план не се најде средишната линија. Толку ли беше тешко да им се објасни на верниците дека никој не е помалку верник ако верските обреди ги реализира во својот дом, бидејќи секој дом во кој се негува верата е достоен колку и божјиот храм?

И сега пред Духовден, владици повторно повикуваат на масовно собирање во храмовите, па обвинителството отворило предмет по допрен глас. Мораше ли до тоа да се дојде? Сега повторно ќе почнат споредби – зошто немало предмет и за други верски лица, и ете го најкраткиот пат до продлабочување на поделбите.

Oткажувањето од верски обреди што подразбираат собири, не значи отсуство на љубов кон Бога, напротив – нејзина потврда. Дека секој што го љуби ближниот свој, несебично ќе стори сѐ за да го заштити, токму во име на таа љубов

Деновиве слушам некои психолози се осврнуваат на контрадикторноста на верниците: дека од една страна не веруваат во вирусот затоа што е невидлив, а од друга веруваат во некого кого, исто така, не го виделе. Ваквата споредба има „логика“, само ако се „заборави“ дека верата е во суштинска спротивност со каков било скептицизам во однос на постоењето на Бога, и дека таа увереност зад себе има историја од две илјади години, а заканата од короната вирусот е на сцена околу шест месеци.

Токму ваквиот споредбен пристап повеќе ги револтира верниците. Повикувањето на одговорноста за нивното, и за колективното здравје, нема да даде резултат ако се користи речник што го омаловажува или се обидува да го разниша нивното верување.

Дополнително, мора да се има предвид дека во време на вакви кризи расте религиозноста, бидејќи во битката со непознатиот непријател верниците сметаат дека само Бог може да им помогне, па богобојазливоста ја манифестираат многу посилно од бојазливоста кон кривични или прекршочни казни.

Токму затоа, на тој многу чувствителен терен, најголем придонес можеа да дадат верските лица, објаснувајќи им на верниците дека откажувањето од верски обреди што подразбираат собири, не значи отсуство на љубов кон Бога, напротив – нејзина потврда. Дека секој што го љуби ближниот свој, несебично ќе стори сѐ за да го заштити, токму во име на таа љубов.

Ваков повик не слушнав од верските лица. Тие најмногу паднаа на испитот.