Регион

Томпсон не го прекршил законот

Марко Перковиќ Томсон. Концерт во Цриквеница 2013 Фото: Викимедиа комонс /Роберта Ф.

Вишиот прекршочен суд во Загреб,  донесе одлука дека контроверзниот националистички пејач, Марко Перковиќ Томпсон, не го крши јавниот ред и мир со употреба на поздравот, „За дом спремни“, во песната „Бојна Чавоглаве“.

Овој поздрав беше популаризиран и остана поврзан со фашистичкото усташко движење кое управуваше со Хрватска во Втората светска војна, под покровителство на Оската, а кое е одговорно за злосторства ширум целата земја, особено над Србите, Евреите и антифашистите.

„Со 4 гласови ‘за’, 15 ‘против’ и 1 ‘воздржан’, беше решено дека опишаното постапување во конкретниот предмет, не може да се подведе под законскиот опис прекршок од чл. 5. од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир“, се вели во пресудата на судот.

„Бидејќи судиите … зазедоа различни позиции кон повикот на Томпсон, беа повикани сите 20 судии на Високиот прекршочен суд, за да заземат конечен став“, објави денеска хрватскиот интернет портал, Телеграм.

Во одлуката, судот, како коректна, ја потврди својата претходна одлука за овој случај, донесена во октомври минатата година. Шибенско-книнската полициска управа поднесе жалба на  првостепената пресуда донесена од Општинскиот суд во Шибеник во октомври 2018 година, со која Перковиќ беше ослободен од обвинението за нарушување на јавниот ред и мир, со извикување на поздравот „За дом спремни“, на три концерти, одржани во 2015, 2016 и 2017 година.

Невладината организација, Куќа за човекови права, реагираше на одлуката на судот со соопштение, во кое посочи дека „околноста што спорниот поздрав е дел од авторска песна, не го менува фактот дека усташкиот поздрав ‘За дом спремни’, ја симболизира злосторничката наци-фашистичка идеологија, како и дека е спротивен на член 39 од Уставот, кој забранува секакво повикување или поттикнување на национална, расна или верска омраза“.

Перковиќ – наречен Томпсон по познатата автоматска пушка – е можеби највлијателниот националист во хрватската популарна култура. Тој стана познат во Татковината војна во 90-тите, со својата песна „Бојна Чавоглаве“, во која испраќа порака дека додека Хрватите се живи, српските непријатели нема да влезат во неговото село. Песната започнува со поздравот, „За дом спремни“.

Концертите на Томпсон, на кои се собираат десничарите, редовно предизвикуваат контроверзии на Балканот. Околу 80.000 луѓе беа присутни на концертот на Томсон во 2015 година, по повод прославата на 20-годишнината од операцијата „Бура“ на хрватската војска. Многумина од присутните извикуваа „Убиј го Србинот“ и „За дом спремни“.

Во 2017 година, околу 8.000 луѓе скандираа „За дом спремни“ на концертот на Томпсон, што се одржа во Мостар, во знак на поддршка на шест поранешни функционери на самопрогласената Херцег-Босна, на кои во тоа време им се судеше за воени злосторства. Истата година, малку претходно, властите на Марибор го забранија најавениот концерт на Томпсон, од безбедносни причини.