Лукасизација на Македонија

Не верував дека ова кога било ќе го кажам или ќе го напишам, ама не можам, а да не се согласам со Аца Лукас, кога, при приведувањето, по прекинот на настапот во Кавадарци, наводно ги прашал полицајците во полициската станица: дали ако имале сознанија дека некој дошол таму да убие некого, ќе го апсат дури откога ќе го изврши убиството или тоа ќе го направат претходно?

Да, сосема е нејасно зошто власта дозволила да се одржи речиси целиот настап, ако веќе имала сознанија дека српскиот турбофолкер нема регулиран престој и дозвола за работа и дека просторот во кој се одржувал настапот е несоодветен и примил тројно повеќе посетители од капацитетот?

И, да, нејасно е зошто при ваков илегален концерт, како што тврдат официјалните лица, е приведен само Аца Лукас. Има белки и некакви организатори, сопственици на просторот, некои што продавале билети итн.

Морална полиција

Ја разбирам јас кочанската траума кај власта, ама не разбирам што е поентата. Еве, сега можеме да кажеме, на пример, дека полицијата ќе го прекинеше и оној несреќен настап на „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани половина час подоцна. Ама, ете, пожарот ги надитри и избувна порано.

Гледам по социјалните мрежи огорчени коментари, со предлози да се направат некакви комисии што ќе ја штитат македонската култура од „токсични појави“ како Аца Лукас и нему сличните. Односно а приори ќе им забрануваат да влезат на „светата македонска земја“, а камоли да го „трујат“ македонскиот плебс.

Лично за себе мислам дека имам изградено прилично имун систем кон она што јас го сметам за невкус. Верувајте вие или не, ама кога пукна скандалот со Лукас, ми требаа значајни секунди да го извадам неговото име и неговиот лик од некои подземни простории на мојата меморија. Буквално, никогаш во животот немам слушнато ништо што оваа турбофолкерска ведета има пропуштено низ своето грло.

Лукас и сличните нему се производ на хроничното маргинализирање на цивилизациските вредности, на синхронизираните телевизиски сапуници, на таблоидното и до пролив пожолтено новинарство, на кадровските политики

Она што го знам, го знам од новинските написи. Знам дека пее некои рефрени за „синот, кралот на кокаинот“, за „целото село што шмрка бело“ или некои слични популарни напеви од тој стопански сектор. Знам дека се наоѓа во евиденцијата на српската полиција поради поседување нелегално оружје, дека е ранет во ногата во некое пукање на Нови Београд, дека има бројна публика во регионот и тоа отприлика би било сѐ што останало во меморијата од таканаречената „општа култура.“

Во секој случај, не можам баш да бидам вброен во таа очигледно бројна армија негови обожаватели. Затоа и секогаш ме тераат на размислување мотивите на оние што „сечат вени“ по Цеца Ражнатовиќ, Аца Лукас и слични ендемски музички егземплари. Што е тоа во битието на македонскиот хомо фолклорикус што го тера да плати сериозна цена за да биде буквално звучно и физички малтретиран во одредени два часа од некоја вечер?

Немојте само да ми кажете дека тоа е мавтањето со знамиња, било тоа да се македонски, бугарски или какви било. Па, тука политичарите не прекинале да мавтаат со знамиња, па, сепак, за еден обичен предизборен митинг се носат организирани екскурзии од целата земја, се делат сендвичи и дневници, и пак не можат да соберат толку народ колку што може да прибере споменатиот Лукас. И тоа за „дебела“ пара.

А не мора ни со македонското знаме да мавта. Тоа му доаѓа нешто како „бонус трак.“ Ете, на настанот во Кавадарци се собрале повеќекратно повеќе луѓе од капацитетот на локалот. Според некои извори, имало 500 луѓе, според други 700, а според самиот Лукас „две илјади и кусур.“ А локалот имал капацитет за 200 посетители.

Турбофолк-симфонија

Но, без оглед на моите музички преференции, се обидувам да влезам во принципот „сакам сѐ што сакаат и младите.“ Ете, луѓето од некои причини сакаат да го слушаат (и да го гледаат) Лукас и што да се прави тука? Никој никому не ставил пиштол на слепоочница да оди на некој негов настап. И, бадијала се тука некакви „морални полиции“ или „комисии за шунд и висока култура.“ Историски е докажано дека цензурата, не само што не сузбива некоја „духовна“ појава, туку напротив, го зголемува интересот за „забранетото овошје.“

На крајот на краиштата, сведоците велат дека среде најжестоките битки во југословенските војни, во рововите на хрватската војска се слушала српска турбо музика. И денес извесна Александра Пријовиќ ги полни во серија најголемите загрепски концертни сали. Слично како нивниот „патриотски симбол“ Марко Перковиќ-Томпсон. Помалку или повеќе е познато колку и како бугарската публика ги обожава српските турбофолкери. Впрочем, како и нашата.

Случајот сакаше токму во времето кога Лукас настапи во Кавадарци, во Скопје концерт да има поп-рок групата „Фулиш грин.“ Овој концерт, за разлика од оној на Лукас, не беше прекинат. А требаше.

Лукас, едноставно, е олицетворение, симбол, да не кажам парадигма на ова наше општество. „Лукасизацијата“ на Македонија, ако можам така да кажам, е веќе завршена работа. И таа не е резултат на ништо друго, туку на хроничното популистичко затапување на цела една држава.

И Лукас тука нема никаква вина. Тој само го пее она што го знае и она за што (правилно) претпоставува дека овдешната публика ќе биде склона скапо да го плати. Затоа што таа, публиката, е само производ на владејачкиот систем на вредности. На моралниот, па ако сакате и на политичкиот. Таа е природен спој, „симфонија“ што би рекол Милош Васиќ меѓу турбо-музиката и турбо-политиката.

Лукас и сличните нему се производ на хроничното маргинализирање на цивилизациските вредности, на синхронизираните телевизиски сапуници, на таблоидното и до пролив пожолтено новинарство, на кадровските политики каде што на врвот избиваат не најспособните, туку најверните следбеници на „големиот водач“, на корупцијата како начин на преживување…

И, велам, во право е Аца Лукас кога вели дека ќе размисли дали повторно ќе гостува во Македонија. Затоа што му е загрозена безбедноста, вели. И навистина му е загрозена. Не од кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, не од политичкиот врв, кој најрадо и самиот би се напикал во некоја од оние шупи што се претставуваат како ноќни клубови, само за да го слуша и гледа тој ист Лукас, а најмалку од полицијата, која ќе го задржи половина ноќ во некоја полициска станица.

Загрозен е од системот, чиј производ е самиот.

Ни Лукас не знае дали некоја чига ќе му падне на главата или бината ќе се урне под него. Ете, случајот сакаше токму во времето кога Лукас настапи во Кавадарци, во Скопје концерт да има поп-рок групата „Фулиш грин.“ Овој концерт, за разлика од оној на Лукас, не беше прекинат. А требаше. Но, немаше кој да го прекине. Немаше кој да го процени ризикот од посетата на каков било културен настан.

Синхроницитетот, како што тоа денес се вели, наложи некако во исто време врз главата на некоја жена, посетителка на споменатиот концерт во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје, да падне некаква вентилациска решетка. И да ја повреди. Директорот на КИЦ, Тони Димитров вели дека никој ништо не забележал. Ниту музичарите, ниту публиката. Никој никако не изреагирал и концертот „регуларно“ си завршил. За инцидентот разбрале дури следниот ден.

Немало тука реакција на градоначалникот. Немало полиција, која драматично ќе го прекине концертот. Немало, ако сакате, ни медиуми што потоа со денови ќе ја „глодаат“ оваа тема. Па, тоа, по ѓаволите, е само една обична културна институција, оставена на забот на времето. Не е тоа некаков ноќен клуб, па да се открива кој од кого колку зел мито.

Нема сега да навлегувам во тоа што бара еден електричен бенд во камерна сала, наменета исклучиво за акустични настапи и камерни рецитали, но во секој случај, тоа е она што сакам да го кажам: што сѐ треба да ни падне врз главите, не за да се онесвестиме, туку спротивното – да се освестиме.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија