На 21 март 1948 година, јазикот урду е прогласен за службен јазик во тогашните Источен и Западен Пакистан. Народот на Источен Пакистан (денешен Бангладеш), чиј главен јазик е бенгалски не ја прифати оваа одлука и почна протести, кои на крајот доведоа и до осамостојување на оваа држава. На 21 февруари 1952 година, студентите од Источен Пакистан, членови на организацијата „Движење за бенгалскиот јазик“ одржаа големи протести. Полицијата отвори оган на студентите и направи вистински масакр, убивајќи неколкумина и ранувајќи стотици протестирачи. Во чест на овој ден, УНЕСКО во 1999 година го прогласува 21 февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
И покрај сите оние мудри мисли на нашите национални корифеи за јазикот како единствена или заедничка татковина, кои веќе прераснаа во своевидни флоскули; и покрај целата нервоза до граница на хистерија за загрозувањето и негирањето на македонскиот јазик и неговите корени, и ние, како впрочем и поголемиот дел од планетата, не се претргавме нешто особено во обележувањето на овој ден. Главно, како што е тоа кај нас и вообичаено, сѐ се сведува на некој ситен меѓупростор меѓу политичкото декламирање за наводна грижа за јазикот и практичната немарност во неговата примена.
Барем таков впечаток се добива од првото гледање на работите. Меѓутоа секогаш има и второ гледање, а ние оваа алтернативна перцепција ќе ја почнеме со директно прашање до читателот: Што е тоа мајчин јазик? Дали е тоа службениот јазик на една држава? Односно дали мајчиниот јазик го добива овој статус само ако службено се употребува? (Токму примерот на судирите на говорителите на урду и на бенгалскиот јазик се добра илустрација за ова прашање).
Дали мајчиниот јазик е јазикот што го говорат луѓе од едно подрачје или луѓе од еден културен простор? Поточно, дали на еден струмичанец, на пример, мајчиниот јазик му е струмичкиот дијалект или тоа е нормираниот македонски јазик?
На крајот на краиштата, современата лингвистика тврди дека сите сме „полиглоти“, односно дека секој од нас во секое време зборува повеќе јазици – еден јазик зборува дома, друг јазик зборува во својата професија (професионален сленг), трет јазик зборува во јавната комуникација, поинаков јазик зборува во кафеана, различен кога оди кај автомеханичар, а сосема друг кога ѝ се обраќа на државата итн. И сите овие јазици имаат своја лексика и свои правила. Кој од нив е мајчин?
Нема јазикот да го уништи никаква политичка сила, нема да го уништи ниту приграбувањето на безброј странцизми во неговата лексика, ниту непридржувањето кон неговите пропишани правила и норми, туку единствено што ќе го уништи е неговата евентуална нефункционалност во културниот простор и во создавањето идеи и промислувања
Според европските регулативи, сите државјани на една држава треба да го знаат службениот јазик на таа држава или еден од јазиците (ако ги има повеќе) што се во службена употреба. Во некогашната СФРЈ, три јазика беа во службена употреба: српскохрватскиот или хрватскосрпскиот, словенечкиот и македонскиот; како и две писма: латиницата и кирилицата. Јас сум роден во една од републиките на таа држава, поточно во Словенија. Кога некаде во втората половина од 80-тите години на минатиот век (кога темелите на државата веќе беа сериозно разнишани) ми требаше извод од матичната книга на родените (не постар од шест месеци, нели) напишав едно писмо до надлежната матична служба на македонски и, се разбира, на кирилица. Добив одговор од службата дека не можат да ме услужат затоа што сум се обратил на „непознат“ јазик. Напишав уште едно писмо, повторно на македонски и на кирилица, но со фуснота (на словенечки и на латиница), во која стоеше дека јазикот на кој им се обраќам не е „непознат“, туку дека е службен јазик на нашата заедничка држава и дека тие како државен орган се должни да постапат по него или ќе се соочат со правни консеквенции. И бев услужен.
Употребата на личен пример тука не е во функција за потенцирање на некои, на пример, развивачки национализми од тоа време или како илустрација на некаква моја борба за македонскиот јазик, туку токму како потенцирање на разликите меѓу службениот и мајчиниот јазик. Службениот јазик е јазик во службена употреба и служи за комуникација со службени (државни) органи и ако е тоа веќе регулирано со закон, тогаш тука компромиси нема. Барем додека не се промени законската регулатива.
Сакам да кажам дека лесно ќе се разберев јас со Словенците (како што впрочем се разбирам и денес) и без да знам словенечки, затоа што делевме не само заеднички државен, туку многу повеќе заеднички културен простор. Правилото е едноставно, ако се разбираме зборуваме правилно. Ако не се разбираме, не зборуваме правилно. И ова правило важи за кој било јазик.
Еве, деновиве цела некогашна Југославија му оддаде почит и последен поздрав на српскиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. И не беше тоа само излив на југоносталгичарска жал, затоа што на плоштадите ширум градовите од државите никнати од таа земја и наспроти сите балкански анимозитети што ги живееме, во најголем број беа млади луѓе на кои таа Југославија им е само една белешка во историските читанки.
Знаете зошто беа таму и ги пееја неговите песни? Затоа што Балашевиќ им се обраќаше на нивниот мајчин јазик. Не, се разбира, не е тоа српскиот јазик, затоа што не сите Срби ги разбираме и сфаќаме што сакаат да ни кажат. Јазикот на Балашевиќ беше јазик на еден културен простор (значи можеше да биде и словенечки, и македонски, и хрватски, и бугарски…).
Поентата е дека живеењето во јазикот не е само зборување или пишување. Јазикот е мислење, обмислување, создавање идеи, творење, функционирање… Нема јазикот да го уништи никаква политичка сила, нема да го уништи ниту приграбувањето на безброј странцизми во неговата лексика, ниту непридржувањето кон неговите пропишани правила и норми, туку единствено што ќе го уништи е неговата евентуална нефункционалност во културниот простор и во создавањето идеи и промислувања.
Значи, еве го и одговорот: мајчиниот јазик не е оној на кој зборуваме, туку оној на кој мислиме и оној на кој најдобро нè разбираат и најдобро разбираме.