Улица „Безделничарска“ бб

Кога во една држава сѐ е средено, останува време метрополата да се посвети и на урбаната козметика. Не станува збор за подновување на улиците, за некаков фејс-лифтинг, бидејќи во средените држави тоа е веќе завршена работа. Станува збор за т.н. активно безделништво – подновување на имињата на улиците.

Штом и ние сме дошле до слатката мака да го дополнуваме регистарот на Град Скопје со над петстотини имиња за улици, тоа значи дека во градов сѐ е „цакум пакум“. Да беше поинаку, да беше Скопје некоја недоуредена касаба што сонува еден ден да стане метропола, немаше да фрчат предлози со имиња од историски, политички и културен крем – белосветски и домашен.

Наша среќа е што живееме во град со големо Г, па затоа и не сме соочени со предлози што сведочат за урбанистички супстандард, на имиња од типот „Сто пати прекопана“, „Почната-недовршена“, „Безтротоарска“, „Цапај кал до колена“, „Улицата наречена желба“, „Улица на отворените шахти“, „Тенкоасфалтна“, „Дебелотендерска“, „Непланска“, „Диво пробиена“, „Само тампонирана“, „Од зеленило елиминирана“…

Брзањето е лош советник, а незнаењето најлош сопатник. Би било добро и двата фактора да не се дел од овој „февруарски поход“

Впрочем, ако сакаме да си ја разубавиме реалноста, имињата воопшто и не треба зависат од тоа како изгледаат улиците во моментот или од она што единствено ги симболизира (улица на црешите, на багремите, на липите, или улица на шут, на диви депонии…) ниту од присуството или отсуството на оперативни активности на градските власти (улица на багерите, дупките, кратерите…)

Генерално, имињата што сега се предлагаат, откриваат дека граѓаните сакаат да се идентификуваат исклучиво со успех. Затоа дополнетиот регистар е полн со славни имиња, своевиден барабан, во кој преку персонални биографии се измешани историјата и сегашноста како пролетна салата во сендвич од кај „Чичко Стоилко“ или како густа боза од „Апче“ (не знам дали нив ги има во списокот).

Има една патетична изрека, „дека постојат милион градови во кои можеш да одиш, но само еден во кој можеш да се враќаш“. Би додала, и само еден град во кој можеш да се збуниш. Џабе што го знаеш градот во кој живееш, ако стопати ги прекрстат улиците. Таман си го научил новото, го вратиле старото име, или она уште пред него, или некое што никогаш не би претпоставиле дека така фино ќе „легне“ на енергетски неефикасната фасада.

Скопје не е единствен град, кој бара начин низ нови имиња да фрли котви подалеку од својот епицентар, да испрати порака дека е дел од  поголема приказна, дека е поврзан со светот културно и цивилизациски. Има во тоа и доволни дози и на провинцијализам и на претенциозност, бидејќи дел од новите имиња се третираат како бар-кодови што треба да потврдат дека градот е со отворен дух и космополитски ориентиран, а не изолиран.

Штом и ние сме дошле до слатката мака да го дополнуваме регистарот на Град Скопје со над петстотини имиња за улици, тоа значи дека во градов сѐ е „цакум пакум“

Но, во начинот како тоа да се постигне, не само Скопје, туку и многу други градови на Балканот правеле и прават грешки, калкулирајќи со имињата, во зависност од разни историски и пост-ју состојби. Така и во оваа приказна има од сѐ по нешто – од политичко контрирање на претходните промени на имињата, до впечаток за одреден ревизионизам, што во крајниот ефект наликува на една голема каша попара.

Не е јасно зошто во „отпишаните“ треба да бидат личности и дела што се темелен историски аргумент за суштествувањето на нашиот идентитетот далеку пред 1945 година, нешто што ни го спори источниот сосед. Ако нив ги маркираме како потенцијални за префрлање во графата „trash“, и тоа во ист пакет со дедо му и татко му на Александар Велики, излегува дека, покрај „сувото античко“, од таблите ќе изгори и суровото македонско/идентитетско, па ракописот што ќе произлезе од новото преименување, може да предизвика и голема штета за нас.

Да бидеме на чисто – од тие што мислеле и мислат дека се стопани на имињата на улиците и на новите одлуки за нив, примарно се очекува друг тип активности: да работат на уредување и одржување на улиците, на патеки за лица со посебни потреби, на патеки за пешаци, велосипедисти, на патеки и звучна сигнализација за лица со оштетен вид, на системи кои во зима ќе спречуваат замрзнување, за време на поројни дождови – поплавување, да работат на планирање, одржување и заштита на зеленилото. Ако го прават сево ова, тешко дека ќе им остане време да се занимаваат со пиши-бриши, како супститут за сѐ друго што не се прави.  

Брзањето е лош советник, а незнаењето најлош сопатник. Би било добро и двата фактора да не се дел од овој „февруарски поход“.

Во време кога идеологиите бргу се менуваат, а таблите со имиња мандатно се ажурираат, мора да се внимава да не се скине некоја „историска мрежа“ преку непромислени постапки, па низ отворените дупки неповратно да заминат имиња што не би требало да заминат.

Ономасиологијата не е детска играчка, дури и кога некој сака да ја сведе на доктрина за вакви, урбани потреби. Контраефектот од тоа е впечаток за класично „уличарење“, нешто што може да се прочита и како своевиден nomen est omen за посочените активности.

Во таков случај, најточно се знае пред чија врата би требало да биде поставена таблата со името „Уличарска“ или „Безделничарска“, сеедно, изберете сами.