Како одговор на новинарско прашање – дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, би се повлекол од партиската функција доколку ДУИ биде поразена на следните избори, министерот за економија, Крешник Бектеши, од редовите на интегративците ги повика сите партии да се договорат – оние што ќе изгубат на претстојните избори, да се повлечат од политиката.
Аргументот беше дека многу лидери изгубиле избори не еднаш, туку повеќепати, само Ахмети никогаш не изгубил и нема да изгуби избори.
Настрана од нејаснотиите дали мислел на комплетно повлекување на партиите или на нивните лидери, Бектеши во едно е во право. Ахмети никогаш не изгубил на избори. Сепак, не ќе може да речеме дека станува збор за некаков „Ајнштајн“ во политиката, со оглед дека правото за користење на оваа споредба веќе си ја присвои семејството Џафери за нивниот Талат.
За разлика од М-НАВ, каде што децата на партијата можеле и да се скошкаат на штета на безбедноста во авиосообраќајот, или да се заиграат на мали голчиња во партиската градинка – Министерство за политички систем, во ДУИ контролата на летање одлично функционира
Во случајот со Ахмети, тој е вон каква било споредба или конкуренција. Инстинктот за непобедливост и политичко преживување го има стекнато низ соочувањето со непрележаните детски болести на македонското општество.
Децениските слабости на судството и длабоката порозност на судската власт за влијание од извршната, на Ахмети и на неговите сопартијци им изградија силен имунитет од каква било одговорност за криминал и корупција во мандатите на ДУИ.
Партијата речиси ја „навикна“ јавноста дека какво било спомнување одговорност поврзана со врвот или со кадри на ДУИ, или мора да е шпекулација, или некаква хибридна војна – влијание на туѓи интереси, кои не ѝ мислат добро на Македонија. И дека тоа е работа на истражните и судските органи. Секако.
Но, во тие органи, со помош на голем број „мој до мојега“, од партијата си поминуваа како на пловидба низ Саргаско Море – мирно, без никакви бранувања, низ тивко фиокарење, отфрлање или застарување на случаите.
Застарувањето и пропаѓањето на овдешните постапки за случајот „Маѓар телеком“, а со кој беше засегнат и врвот на ДУИ, е врвен доказ за тоа. За разлика од исходот во САД. Таму тројца поранешни директори на „Маѓар телеком“ се спогодија со Американската комисија за хартии од вредност, платија високи парични казни и добија забрана да вршат дејност поради тоа што подмитиле македонски владини функционери во периодот од 2004 до 2006 година, со 7,5 милиони евра, за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. И компанијата плати парична казна.
Овде предметот застаре, заедно со предистрагата за подмитените македонски политичари, кои денес се слободни граѓани, си држат опширни говори за европски стандарди, за борба против корупцијата и криминалот, ја раскажуваат посветеноста за напредокот на земјата, за владеење на правото.
Тогаш зошто да не зборуваат и за уште една победа по 22 години на власт? Нема пресуда, нема пречка, никој не е санкциониран. Се „отсрамија“ со тоа што на поновата листа на американски санкции заврши нивниот Рамиз Мерко, останатите „блескаат“ во полн сјај и, еве, стигнаа дури и да предлагаат договор – да замине од политичката сцена тој што ќе изгуби.
За разлика од М-НАВ, каде што децата на партијата можеле и да се скошкаат на штета на безбедноста во авиосообраќајот, или да се заиграат на мали голчиња во партиската градинка – Министерство за политички систем, во ДУИ контролата на летање одлично функционира.
Во султан-партија каде што Ахмети одлучува за сѐ, па дури и за тоа од која страна изгрева сонцето и каде партиската „демократија“ е оставена на одлуките на лидерот, најважниот партиски продукт остана градењето перцепција.
А во ДУИ, во сите изминати години се покажаа како мајстори да наметнат перцепција за себе како најголем стабилизациски фактор, евроинтеграциски агенс и геополитички компас во земјата. Во недостиг од домашни резултати, се возат на таа приказна, овојпат користејќи го геополитичкиот момент со агресивната војна на Русија во Украина низ слоганот „Не за Русија, да за Европа“.
Во Македонија нема ниту една од големите политички партии што би работеле на спротивното. Оттука, со изнасиленото партиско монополизирање на приоритетот – интеграција на земјата во ЕУ, се остава лош впечаток за државата – како во неа да не постои консензус за европскиот пат, туку тој се крепи на посветеноста во Мала Рачица.
Во султан-партија каде што Ахмети одлучува за сѐ, па дури и за тоа од која страна изгрева сонцето и каде партиската „демократија“ е оставена на одлуките на лидерот, најважниот партиски продукт остана градењето перцепција
Таквото перчење нема да ѝ донесе поени ни на ДУИ, доколку е свесна за грешките од самофалбаџиството „јас, па јас и никој, освен јас“. Веќе се виде со што резултираше дведецениското монополизирање на придобивките од Охридскиот договор од страна на ДУИ, штитот зад кој таа го затскриваше дводецениското неодговарање за грешките.
Тоа предизвика огромна фрагментација во албанскиот кампус, со која ДУИ сега ќе се соочи на претстојните избори. И тие нејзини опоненти, исто така, се „за“ ЕУ, „не“ за Русија, ама се и категорично „не“ за ДУИ. А од коалицијата „Вреди“ веќе го прифатија предизвикот – тој што ќе изгуби, да се повлече од политиката.
Во ДУИ, партија што упорно претендира да се прикаже како европска, ваквите прочистувања треба да се чин на политичка и морална одговорност и да се прават секој ден, а не пред избори со шибицарски предлози. Затоа што ДУИ беше таа што се запени од повторување на терминот „ветинг“, де на партиско ниво, де на ниво на носители на јавни функции. Откако ништо не се случи на тој план, Бујар Османи сега најавува дека ќе бара меѓународен борд да одлучува за сертификати по безбедносна и корупциска проверка на носителите на јавни функции.
Изгледа таму никогаш не слушнале за поговорката Hic Rhodus, hic salta! Или можеби добро ја знаат, ама не за да ја применат, туку да продаваат перцепција за таква намера. Ако помине – помине. Овојпат тешко.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија