Што ја разликува „правната држава“ во Англија во 1215 година, од правната држава во Македонија во 2015? Ништо. Тогаш барале да бидат слободни луѓе со право за фер судење и правда. Ние и по осум века од Магна карта сè уште го бараме истото.
За три дена, на 15 јуни, Британија ќе одбележи 800 години од потпишувањето на Magna Carta Libertatum (Голематa повелба на слободата) која претставува еден од најзначајните документи во човековата историја. Тоа е најстар уставен документ (The Great Charter) на феудална Англија и почеток на долг историски и нормативен процес до достигнување на денешниот степен на владеење на правото и правната држава.
Нејзиното потишување во 1215 година уследило по борбата на англиското благородништво со англискиот крал Јован Безземниот (John Lаckland 1166 – 1216), за ограничување на неговиот апсолутизам и за изградбата на принципите дека никој не е над правото и законите, вклучувајќи го и кралот.
Почитувањето на Повелбата било гарантирано со завршни одредби, кои ѝ давале овластување на група од 25 барони да се крене на вооружен бунт против кралот, ако тој не се придржува до нејзините одредби. Откако англискиот крал го ставил кралскиот печат на „Повелбата“, биле изработени 250 примероци на „Магна карта“ и испратени до тогашните правници и црковни великодостојници. Но, тој никогаш не ја прифатил Повелбата. Ја потпишал колку да го смири бунтот. Кажано со наш жаргон, ја сметал за важна колку и ролна тоалетна хартија, па само три дена по потпишувањето, веднаш испратил свој претставник кај папата во Рим и побарал нејзино поништување. Папата го прифатил барањето на кралот и ја укинал.
Повелбата практично функционирала само десетина недели. Но, на сцена стапиле завршните одредби и Британија веднаш се вратила во граѓанска војна позната како Војна на бароните.
Сепак, живот на Повелбата ѝ донела токму смртта на кралот. Тој починал следната година, а престолот му го оставил на деветгодишниот син Хенри Трети. Намесникот кој управувал во име на младиот Хенри, повторно ја ставил Повелбата во сила. Иако дел од одредбите подоцна биле отфрлени или преработени, тој документ e oснова нa британското право, со пресудно влијание на многу подоцнежни документи, меѓу кои и на aмериканскиот устав. Денес два примерока од „Магна карта“ постојано се чуваат во Британската библиотека во Лондон, а по еден во катедралите во Линколн и во Солзбери.
Зошто се навраќам на овој настан? Осум века практика во ограничувањето на апсолутистичката моќ – кралска, премиерска или пастирска, сеедно, е цивилизациска, а не придобивка само за едно општество. Ние имаме Устав, закони, подзаконски акти, правилници и друга правна галантерија која треба да сведочи дека сме ги поставиле темелите на правната држава. Но, практиката покажува дека тие планини од правна регулатива досега не ни помогнале да се извлечеме од сегашното дно кое е далеку од правно.
Ништо од тоа не профункционирало во насока на ограничување на апсолутистичката моќ на власта, персонифицирана преку партија, премиер, шеф на кабинет, министер или генерален секретар, а многу пати и само преку лични имиња и прекари на лица кои станаа самопрогласени „институции“ во разни сфери.
Ако таквото поведение му создавало проблеми на кралот Јован пред 800 години, и тоа во време на еден рудиментиран правен апарат кој допрва покажувал никулци за неопходна трансформација, дали денес треба да молчиме пред волунтаристичкото тестирање на издржливоста на правната карабина на Македонија? Впрочем, што ја разликува „правната држава“ во Англија во 1215 година, од правната држава во Македонија во 2015? Ништо. Тогаш барале да бидат слободни луѓе со право за фер судење и правда. Ние и по осум века од „Магна карта“ сѐ уште го бараме истото. Барале Круната да не се меша во правата на Црквата, да нема данок за клевета, да не се уценуваат работниците, да не им се наметнуваат неправедни даноци…
Ако ова ви звучи познато, сигурно е дека сте нераскинлива алка од огромната маса луѓе кои протестираат по улиците, извикувајќи „Нема правда, нема мир“, а со барање и очекување да се создаде една македонска Magna Carta Libertatum.
Пред три години, кога британскиот премиер Дејвид Камерон беше гостин во популарното шоу на Дејвид Летерман, на прашање од водителот – точно одговори за годината кога е донесена Повелбата. Но, не знаеше што значи во превод „Магна карта“. Тоа наиде на критика и потсмев кај британските медиуми, со оглед дека бил ученик на најпрестижниот колеџ во земјата Итон и студент на Оксфорд, а се работи за прашање на кое најчесто точно одговараат сите странци и имигранти при полагањето на тестот за стекнување право на жителство и на британско државјанство.
Сепак, помало зло е да не се знае преводот на нешто, ако тоа „нешто“ одамна функционира и е дел од темелните вредности на земјата. А каква е користа, ако, на пример, некој студент од Економскиот факултет во Прилеп и магистер на Економскиот факултет на УКИМ, ви каже дека тоа во превод значи „Голема повелба на слободата“, а ако во исто време не ја дозволува слободата, не ја почитува како вредност, не ја практикува, го гуши обидот таа да пркне, да израсне, да се втемели. Или ако во јавна изјава цинично и со потсмев прашува: „А што е тоа демократија?“
Тоа не е единствен сигнал дека на Македонија итно ѝ е потребна Повелба на слободата, не само како документ, туку како практика која ќе биде испишана од сите граѓани кои делат демократски вредности. Во спротивно, кралот Јован Безземниот нема да биде единствениот што ќе ја има таа додавка во името. Ако не ја освоиме слободата, сите ние ризикуваме да останеме без земја. Во буквална смисла. Зарем ќе го дозволиме тоа предавство?