Пискотници се слушаат од вилата на Водно, што тешка несреќа ги збра? Дал’ манџата на шпоретот загорела пак? Ил’ рој скакулци на авионската писта се вдал? Штом претседателката горда не стаса до Нотр Дам. Ни манџата на шпоретот загорела пак, ни рој скакулци на пистата се вдал, туку малиот лир-џет од дефект не се кренал в лет!
Можам јас тука да пародирам и низа други песни, на пример „Болен Дојчин“ на Блаже Конески за авионот што се скршил како гордо „црешово дрво од премногу род“. И нема да згрешам, затоа што дипломатските гафови што како по навика ги правиме, по правило се токму – епски!
Но, сепак, ќе се задоволам со горната модификација на словенската антитеза во актуелната стилска фигура позната под името „македонска антитеза“.
Чудото од Нотр Дам
Се разбира, станува збор за отворањето на обновената катедрала Нотр Дам во Париз. Светските медиуми известуваат за епохалниот градежен потфат на обновување на црквата што се запали пред нешто повеќе од пет години. Ново-стариот лик на славната катедрала предизвика општо воодушевување кај медиумите, а целиот процес и неговиот резултат многу од нив го нарекоа „чудото од Нотр Дам“.
Всушност, уште од моментот кога пламената стихија го зафати ова готско архитектонско ремек-дело, беше јасно дека Нотр Дам инстантно станува симбол на оној дел од светот што вообичаено го нарекуваме цивилизиран и кон кој се стремиме, барем декларативно. Во експресно брз рок собрани се донации од земјите (и компаниите) од голем дел од светот во реално поголема вредност од неопходната.
Нашето отсуство на отворањето на Нотр Дам е голем дипломатски гаф што нѐ дефинира и легитимира во некоја група земји, во која не сакаме да припаѓаме
Имено, според официјалните извештаи, донаторите вложиле 850 милиони евра, а самата реконструкција чинела околу 700 милиони. Остатокот од средствата ќе се потрошат за натамошни поправки на катедралата, за кои се предвидува дека ќе траат во следните три години.
Иако донациите се даваа по принципот „кој колку може и кој колку мисли“, не успеав да ја најдам Македонија во списокот на земјите-донатори. Не велам дека не сме донирале, но ако сме го направиле тоа, тогаш сме го направиле прилично дискретно и мистериозно, како што доликува на вистинските хуманитарци. Што, да бидеме искрени, изгледа како научна фантастика. А тоа веројатно и е.
Во ред, можеби не сме биле во состојба да донираме што било или можеби сме мислеле дека нема потреба од тоа. Или не сме мислеле ништо. Или сме биле зафатени со многу поважни прашања, од типот „Никогаш Северна, само Македонија“. Или бевме лути на францускиот предлог, па си го чувавме идентитетот.
И тоа не е ништо страшно, освен што нѐ немаше на списокот каде што требаше да нѐ има. Ако ништо друго, барем како симболичен доказ дека ги разбираме цивилизациските вредности и се заложуваме за нивно негување. За споредба, соседна Србија беше меѓу првите земји што приложија донација. Нејзината донација беше релативно скромна – милион евра, но за тој потег известуваа дури и македонските медиуми.
Можеби нема никаква врска со ова, а можеби и има, ама ете еден мој белградски колега беше меѓу поканетите четворица странски новинари (другите тројца се од Аргентина, САД и Германија) на повеќедневен студиски престој во Франција, чија кулминација беше токму следењето на церемонијата на отворањето на Нотр Дам.
За кого бијат камбаните?
Зошто сметам дека нашето отсуство на отворањето на Нотр Дам е голем дипломатски гаф што нѐ дефинира и легитимира во некоја група земји, во која не сакаме да припаѓаме? Затоа што отворањето на обновената катедрала не е само некаква црковна церемонија, туку се проценува дека тоа е еден од најголемите неформални политички собири во последните децении.
Отворањето се смета за голем дипломатски успех на францускиот претседател Емануел Макрон, не само поради собраните преку 1.500 високи гости, меѓу кои околу 40-тина државници и не само поради тоа што на отворањето присуствуваа идниот претседател на САД, Доналд Трамп, британскиот принц Вилијам, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџа Мелони, па ако сакате и контроверзниот милионер Илон Маск, туку најмногу поради тоа што пред отворањето беше организирана и првата средба меѓу Трамп и Зеленски, за која се смета дека ќе има клучна важност за натамошниот тек во глобалните политички текови.
Никако не можам да разберам зошто Сиљановска-Давкова не отиде на отворањето на Олимпијадата во Париз, а уште повеќе на отворањето на Нотр Дам.
По свеченото отворање, присутните претседатели на државите, шефовите на владите и раководителите на битни меѓународни организации беа поканети од страна на Макрон, на свечена вечера во Елисејската палата. Вечерата, иако се одвивала надвор од очите на новинарите, сигурно била искористена за извесни лобирања, па ако сакате и за склопување важни пријателства.
Зошто не бевме таму? Зошто никој оттука не го слушна повторното биење на камбаните од славната црква? Не се сомневам во точноста на соопштението на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека причината за неприсуството на отворањето на Нотр Дам е дефект на службениот авион, но, ете, ако е тоа така – какво е тоа оправдување? Што кажува тоа за нас? Во оваа ера на комуникации? Немаше ли начин да се стаса до Париз?
Јас, на некој благонаклон начин, можам да разберам зошто нѐ немаше на пример на Второто заседание на АВНОЈ, кога буквално се решаваше судбината на Македонија. Ете, да кажеме дека можам да разберам зошто нѐ немаше на кој било од оние конгреси кога се кроеја картите на светот, а Македонија буквално се парчеше, ама никако не можам да разберам зошто Сиљановска-Давкова не отиде на отворањето на Олимпијадата во Париз, а уште повеќе на отворањето на Нотр Дам.
Особено затоа што, колку што разбрав, за дефектот на авионот се знаело неколку дена претходно, дека авионот во моментов е во возна состојба, но од безбедносни причини не се пушта во употреба, а онаа служба што треба да обезбеди алтернативен превоз, не добила никакво барање од Кабинетот на претседателката да го направи тоа.
На крајот на краиштата, еден малку поискусен возач, а располагаме со такви, ќе ја однесеше до Париз и ќе ја вратеше назад. Впрочем, ако не можела претседателката да оди таму, зар не можел никој друг?
Еве, и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој милува да се претставува како близок пријател на Макрон, не беше таму, ама затоа беше српскиот премиер Милош Вучичевиќ. И покрај тоа што деновиве неговата фотелја сериозно се тресе, а неговата земја е практично во непрогласена вонредна состојба.
Не беше ниту најавениот хрватски претседател Зоран Милановиќ, па ни нивниот премиер Андреј Пленковиќ, ама затоа беше нивната министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек.
Своевремено се потсмевав со една изјава на тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов, кој рече дека на некој прием си намигнале со некогашниот американски претседател Барак Обама. И тоа го толкуваше како извесна благонаклоност на САД кон Македонија. Денес мислам дека едно заемно намигнување меѓу Трамп и Сиљановска би било врв на македонските дипломатски успеси.
Не, не е „Сердарот“ соодветна парабола за она што ни се случува. Допрва ќе се пишуваат епови за нашите успеси. Со сите македонски антитези.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија