Една ноќ, го врти полицаец бројот на МВР и откако ќе му кренат, прашува:
– Се извинувам, дали е тоа три-еден-еден, седум-два-два-два?
Од другата страна одговара, исто така, полицаец:
– Не, господине, го добивте триста и единаесет, седумдесдва, седумдесдва.
– А… Тогаш извинете ако ве разбудив.
– Нема врска, и онака ѕвонеше телефонот.
Се сеќавате ли можеби на Сер Чепелето? О, да, точно, добро се сеќавате, тоа е оној лик од Декамерон, во секако една од највпечатливите од стоте новели на Џовани Бокачо, сместени во ова епохално дело.
Дозволете, сепак, малку да ве потсетам на овој расипан итрец. Чапелето е еден олош и измамник, кој сиот свој животот го поминал како нотар-кривотворец, изработувајќи за пари лажни документи, мамејќи ги наивците и лековерните, понекогаш и лажно сведочејќи за пари, или, да не одолжуваме, на прстите од едната рака се броеле делата негови што не биле злосторство или грев.
Е, тој господин Чапелето, кога сетил дека му се ближи крајот, решил да се исповеда. Иако двајцата лихвари, кај кои бил сместен во моментите кога паднал в кревет тешко болен, биле скептици за оваа идеја знаејќи го неговото минато, сепак, како негова можеби последна желба, решиле да постапат баш како што тој барал и му довеле в соба еден стар и честит фратар за да се исповеда.
Чапелето никогаш во животот претходно не се исповедал, но независно од овој факт, првиот „грев“ што му го признал на свештеникот бил следниов: „Оче, целиот свој живот барем еднаш неделно се исповедав, ама еве сега, откако се разболев, има осум дена како не сум се исповедал.“ Фратаров зел да го теши дека тоа не е воопшто грев, ами е за пофалба.
Потоа, измамникот со лажен самопрекор ја почнал својата лична грешна историја. Најпрво се извинил што го викнал овде, во оваа грешна куќа, кај овие двајца лихвари. Веднаш објаснил дека нема никаква врска со нив и со нивните ужасни недела, напротив, дошол да ги предупреди и да ги укори.
„И верувам дека ќе успеев да ги одвратам од лихварството, да не ме легнеше Бог в постела.“ Ова измамило и по некоја солза кај свештеникот, кој иако искрен и понизен верник, дури му дошло да го прекори Бога за неправдата што му ја прави на овој добар човек.
„Но, мора да знаете“, продолжил Чапелето, „дека татко ми ме направи богаташ и оти по неговата смрт го разделив поголемиот дел од тоа богатство служејќи му на Бога, а потоа, за да се прехранам и за да можам да продолжам да им помагам на сиромашните следбеници на Христа, почнав малку да се занимавам со трговијата. Сакав нешто малку и да заработам, и секогаш со сиромаштијата делев по половина од она што ќе го заработев, ама признавам оставав една половина за моите потреби. Создателот толку ми помогна, што секогаш заработував добро во мојот бизнис…“
И продолжил измамникот да ги реди своите „гревови“, да се извинува и да бара прошка за нив, а наивниот фратар, не само што сметал дека нема што да му се прости на овој кутар човек, туку почнал да верува дека пред него лежи вистински светец. Со такво убедување си заминал во манастирот. И не само тоа, почнал да ја шири приказната за Сер Чапелето, толку убедливо и веродостојно, што, кога измамникот починал, навистина бил прогласен за светец.
Оваа приказна, настаната во 14 век, или поточно раскажана од Бокачо тогаш, а родена можеби многу порано, треба да биде пролог во сите модерни учебници за таканаречените односи со јавноста. Со наслов: Вака се роди пи-арот.
Некогаш се викаше итроштина, денес се вика пи-ар. Политичарите, како најредовни ползувачи на овие алатки, често знаат да се извинат и да признаат некој грев, ако нивните пиар-тимови се убедени дека тој „грев“ ќе им донесе повеќе поени отколку што ќе им причини штета. Просто како грав.
Јавноста, ние, големите и некритички консументи на политичкиот материјал, немајте никакви дилеми, сме тој наивен и простодушен фратар, кој со воодушевување и озарен поглед полн восхит, ги голта приказните на модерните Чапелетовци. Просто како леќа.
Но, (секогаш има по некое но), одвреме-навреме ќе се случи по некој инцидент во кој ќе се заменат улогите, та некој политичар (или друга јавна личност) ќе стане наивен фратар, жртва на измама. Тоа се ретки случаи, затоа се и толку популарни, понекогаш дури комични и смешни.
Проблемот на премиерот Зоран Заев и таквите како него е што се толку невнимателни и наивни, што просто плачат да дојдат од „оваа страна“, од страната на измамените. Друштвото е фино – Макрон, Столтенберг, Борис Џонсон… – но можам да се кладам, во светоста на Сер Чапелето ако треба, дека за Зокита наш, рускиве пранкери најмалку се измачиле. Нема да ме чуди ако само оставиле број и Зоки сам ги побарал.
Среќата, пак, за премиерот Зоран Заев, па дури и на државата Северна Македонија, е што освен наивен и простодушен, тој е и многу искрен. Тоа не е многу прагматично за еден политичар, ама ете и некаков ќар од фактот дека Зоче и зад затворени и пред отворени врати зборува исто, како што вели нашиот народ: што на ум, то на друм…
Тоа еден ден секако ќе го чини власт, во најдобар случај само тоа, но во конкретниот случај на руската пранкерска зафрканција со него – тоа излезе супер корисно. Дури би се согласил со Тричкоски дека материјалов владата може да си го закачи слободно и на официјалната веб-страна како пиар-содржина.
(Замислете на пример колку шизофрено ќе биде да чуеме што Мицкоски и Мицотакис зборуваат за името со странците, а што со нашата јавност.)
Русите велат дека прекинале зашто им станало здодевно. Го преслушав Заев и мене ми стана здодевно. Истите работи што ги зборува како навиен секој ден. Разговорите се толку бенигни, што дури ме потсетија на оној виц за полицаецот што врти на работа, оној од почетокот на колумнава, само што вицов е позабавен.
Како и да е, приказнава има и друг аспект, малку посериозен. А тоа е тоталното аматерско функционирање на државниот протокол.
Сетете се, првиот претседател за малку не го изгуби животот зашто не беше почитуван безбедносниот протокол за движење на службено возило во град (плус своеволно си седеше на предно седиште). Следниот претседател го загуби животот зашто (официјално) државните пилоти не го почитуваа протоколот на летање. И еве ние и денес, по сите овие трагични лекции, си тераме по старо.
Овојпат беа руски пранкери (со или без поддршка на Кремљ). Претходно беше лажниот црногорски принц. Некој следен пат може да биде некоја терористичка организација или некоја друга демнечка безбедносна или дипломатска опасност. (А можеби и веќе свртеле, тие разговори обично не одат на Јутјуб.) За ова треба да размислат добро и во државниот протокол, а и самиот Зоран Заев.