Регион

Затвор за поранешни припадници на АБиХ, за силување на малолетничка

Судот на БиХ. Фото: БИРН

Admir Muslimovic | Сараево | БИРН 

Кешмер и Мензиловиќ, поранешни припадници на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), на обновеното судење, беа прогласени за виновни за силување на заштитениот сведок „А”, во 1993 година, која во тоа време била малолетник.

Со пресудата, на Кешмер и на Мензиловиќ им беше наложено на сведокот „А”, на име нематеријална штета, да ѝ исплатат вкупно 30.000 конвертибилни марки (околу 15.000 евра).

„Судот утврди дека Кешмер и Мензиловиќ … ја тепале, ја навредувале на национална основа, а потоа и ја силувале малолетната „А“, при што ѝ се заканувале дека ќе ја убијат, и сето тоа траело неколку часа”, стои во пресудата на Апелацискиот совет.

Во образложението се вели оти сведоците, кои имале сознанија за силувањето на малолетната „А”, како и материјалните докази и медицинската документација на оштетената, неспорно го потврдиле кривичното дело, за кое обвинетите се товареа.

„Малолетничката „А“ го опиша самиот чин на силување … Разликите во исказите што одбраната се обиде да ги покаже, не беа доволно силни, за да може нејзиното сведочење да се доведе во прашање. Многу сведоци зборуваа за силувањето, а нивните изјави се конзистентни и се поклопуваат со сведочењето на жртвата“, се вели во образложението на пресудата.

При одредувањето на казната, Апелацискиот совет, како отежнувачки околности, ги зеде предвид  бруталноста и суровоста при извршувањето на делото, како и дека жртвата била малолетно лице.

Од олеснителните околности, судот го зеде предвид тоа што обвинетите во тоа време биле млади полнолетници.

Судењето на Кешмер и Мензиловиќ беше обновено откако Апелацискиот совет ја поништи првостепената пресуда со која тие беа осудени на по пет години затвор.

Со првостепената пресуда, изречена во јули 2018 година, на шест години затвор беше осуден и  Елвир Муминовиќ, но постапката против него беше одвоена, бидејќи тој избега. Не постои можност за жалба на оваа пресуда.