Доаѓа дете од град на гости кај деда си во село и бидејќи е градски мангуп, решава да си го направи интересен здодевниот селски живот, па да си тера мајтап со својот селски предок.
– Дедо, вие тука у село, немате као кај нас у град веце по дома, така?
– Е, така е внучко, ние овде полско веце имаме.
– А, извини вака на питање, тоа полето далеку ви е од тука?
– Па, не е – му одговара дедото, па по кратко размислување додава – ако на време тргнеш, извини вака на одговор.
Стар виц, но секогаш ќе се најде нова будала што не го знае. Лошо е кога таа будала ви седи во парламент. А уште полошо кога вие го плаќате. Најлошо – кога сфаќате дека сите надежи ви биле во него. Ептен најлошо – кога сфаќате дека не е еден туку се тројца.
Не велам дека потегот на Павле Трајанов со враќањето во живот на законите барани од Специјалното јавно обвинителство не беше негов евтин политички трик за бесплатно конвертирање од довчерашен апологет на власта во новопечен турбо-опозиционер, но факт е дека одеднаш се создаде нова стопроцентна шанса во шеснаесетникот на противникот. Шансата ја намирисаа и дипломатите, па веднаш инвестираа од своето скапоцено време во серија воспитни заушки за албанските играчи на теренот и ете прилика за згодитак. Ете ново гласање за законите, и – бум, статива! Добро, ќе си рече човек, со оглед на довчерашната констелација на силите во парламентот, сепак, резултатот е логичен и очекуван. Потоа, излегуваат листите кој како гласал и бум нов солза-момент на вистината за СДСМ – неко меѓу нама није наш!
Ќе протестираш секој ден во шест пред СЈО, ќе фрлаш јајца и боја, ќе се судираш со полициски кордони, ќе трепериш од надеж дека правдината е можна пред и по секоја прес-конференција на обвинителките, за кога ќе дојде клучниот момент во Собранието – на тројца од опозициските пратеници да им се прикака
Тројца пратеници од опозицијата, имено, не биле во салата кога се гласало за законите за СЈО. Неофицијално, тие сѐ уште ѝ се верни на каузата, го сфаќаат значењето на СЈО како такво во севкупната битка за демократија, слобода и пред сѐ правда, но ете, луѓето во критичниот миг биле „понадвор“, односно во веце. Ова поразително сознание на суров, безмилосен начин нѐ враќа на мудроста на дедото од вицот – правдата не е далеку, но ако на време тргнеш кон неа, односно ако на време тргнеш од тоалетот кон собраниската сала. Ако задоцниш, можеби твоите гаќи ќе останат чисти, но посрана ќе ти остане државата.
И така, драги мои, ќе протестираш секој ден во шест пред СЈО, ќе фрлаш јајца и боја, ќе се судираш со полициски кордони, ќе трепериш од надеж дека правдината е можна пред и по секоја прес-конференција на обвинителките, за кога ќе дојде клучниот момент во Собранието – на тројца од опозициските пратеници да им се прикака. Е па, како нив што им дошло таквото на газот, мене ми доаѓаат на врв на јазик некои цитати и парафрази од обвинителката Фатиме Фетаи од случајот „Тортура“: „Пичка ви мајчина“, „Ајде сега нека какаат ѓубрињата“, „Шефот ми рече 8 мандати на шолја да преседиш“ и сл… Среќа, ова не е случајот „Тортура“, па ќе се воздржам од понатамошни пцовки. Ама, сепак, ќе се послужам со принципот на именување на СЈО, па овој случај на отсуство на политичка физиолошка култура ќе го именувам на буквата „т“ – „Тоалет“.
Што е поуката за опозицијата од случајот „Тоалет“, но и од претходниот случај „Три грации – Солза, Љуба и Роза“? Поуката е – да, опозицијата губи поради сите кражби на гласови за кои чувме во бомбите, да – и поради украдените пари од кои добар дел се користат за изборна корупција, да – и поради неодвоеност на партијата и државата, да – и поради затруеното гласачко тело од пропагандната машинерија на власта, ама и да – поради тешките кадровски промашувања.
Додека еден добро обучен и прекален пратеник од владејачкото мнозинство, како Силвана Бонева, на пример, за одење до собранискиот тоалет и назад има пресметано сѐ до последен детаљ, може дури и патни трошоци да ви наплати, иако растојанието е кратко, некои пратеници од опозицијата цврсто се држат до македонскиот принцип на доцнење – доцневме со државата, доцниме за во ЕУ, задоцневме во Јајце, зошто да не задоцниме и на гласањето за СЈО. Боже мој. Кога е принцип во прашање.
Но, добро ајде, да го оставиме сево ова зад нас. Пратеничкиот состав се распушти. Сега за повеќето партиски членови доаѓа највозбудливиот период од нивниот политички живот, доаѓаат денови поради кои многумина од нив и се зачлениле во партија и ревносно секој месец одвојуваат од устата на своите деца за да ја платат партиската членарина – составувањето пратенички листи.
Бесплатна среда е, сакам да помогнам, па еве, бесплатно еден мал прирачник за правење пратенички листи за трите најголемите партии.
Кај ВМРО-ДПМНЕ овие три точки се многу кратки, јасни и едноставни. Секој кандидат треба да е подготвен:
- Пред статутот, камата и пиштолот на партијата, да ја каже убедливо и веродостојно заклетвата на историското ВМРО: „Се колнеме во името на Бога, верата и честа, дека отсега ќе служиме колку што можеме за слобода на Груевски; ќе ги слушаме наредбите на нашите главатари; нема никому да му ги кажеме скришните партиски работи. Ако не ги слушаме наредбите на нашите главатари, ако некому, свесно или несвесно, му кажеме за она што сега го гледаме, што го слушаме и што го работиме, да бидеме убиени од браќата со оружјето што сега го целиваме. Амин“;
- Освен пиштолот и камата, да целива и рака на барем еден од братучедите;
- Да потпише меница.
Сличен е и прирачникот за да станете кандидат на ДУИ, само по обратен редослед: прво меница, потоа бацување рака на барем еден од братучедите, па дури на трето место е да ја кажете заклетвата на ВМРО.
Кај опозицијата е веќе многу покомлицирано. За да се поедностави, предлагам тестирање во само две точки. Патем, за да се надмине комплексот на повисока вредност што партијата си го влече децении наназад како внучето-градски мангуп од вицот на почетокот, тестирањето би требало да се спроведе на некоја селска нива. Големо е Струмичко Поле, нема да биде проблем шефот да им обезбеди селска нива.
- Патот до слободата нели е трнлив, па затоа, секој што сака да биде кандидат треба да изоди една нива со трње. Еве, за да се чувствува фино и во духот и симболиката на партијата, трњето нека биде насад со рози. Кандидатот треба храбро, без кукање, да го изоди целиот пат без да пушти ниту – солза, а на целта да стаса чист пред граѓаните, односно за него не смее да биде закачена ниту една – роза;
- Сите полски вецеа во Струмичко Поле да бидат заклучени за време на тестирањето.
Јас, право да ви кажам, само ако добијам кандидатски листи што поминале низ вакви сита и решета ќе излезам на гласање. Во спротивно, пак ќе излезам, ама не на гласање туку од државава. Третата опција, онаа што ја предлага Љубчо, „Не гласам за никого“, нема да ја коментирам, зашто и самата помисла на неа ме тера да излезам – понадвор. А на ова гласање навистина не би сакал да задоцнам.