„Намерата на уставотворецот кој не ги уредил во детали можните постапување на Претседателот во вакви или слични ситуации, значи дека му дава слобода во делувањето и проценките на претседателот на Република Македонија“, рече Ѓорге Иванов и по своја слободна проценка, ги смени правилата на игра. И, небаре станува збор за подготовка на „турли-тава“, а не за состав на влада, претседателот во мастрафот си додаде и два „негови“ услова. Имал право на „слобода во делување“.
Среќа што Иванов е „само“ претседател на држава, а не фудбалски судија, инаку, можете ли да замислите каков хаос ќе предизвика на теренот. На едната екипа автоматски и дава предност за резултат, како што му даде на ВМРО-ДПМНЕ: ем сама на терен 20 дена, па откако не постигна погодок, ете и шанса за нов натпревар.
А на оние од другата екипа прво ќе им ги прегледува копачките да не им влегло внатре некое камче, барем не прозападно. Па ќе им бара да му ја пеат химната за да оцени дали и колку се за унитарноста на државата. Откако ќе демонстрираат безбедносна клутура, ќе бара да му приложат потпис од 61 лице за да добијат право да заиграат на теренот, во прилог со матичен број, фотографија, крвна група, папиларни линии, број на чевли…
На крајот следува трето полувреме, кога лично тој ќе утврдува дали им се валидни доказите. Изгледа шашаво, ама функционира. Не мислев на космодиск.
А бидејќи уставотворецот воопшто не утврдил дека претседателот мора да помине здравствен преглед или тест на личен, морален и професионален интеритет, по истата логика, и ние како граѓани, би требало да имаме „слобода во делувањето“ – најдиректно и промптно да инсистираме на тоа. Особено што Иванов досега не дал ниту еден дал валиден доказ врз основа на што и натаму се одзива на функцијата „претседател на државата“, но даде многу докази врз основа на што не заслужува да биде тоа.
Среќа што Иванов е „само“ претседател на држава, а не фудбалски судија, инаку, можете ли да замислите каков хаос ќе предизвика на теренот
По прашањето за состав на новата влада, Иванов се однесува идентично како царот во рекламата за „брускети“: ќе ја даде раката на царската ќерка (мандатот) на оној ерген што ќе му донесе најбогат мираз, а тој ќе по своја проценка ќе ги цени доказите за богатството.
Затоа, секој обид да зборуваме со силата на аргументите, наидува на одбивање по кратка постапка од страната/страните што ги носат одлуките, а кои немаме основа да ги наречаме институции. Тоа е една политичко-функционерска формација со години тренирана и дресирана да прекине секаква неопходна дебата со плотуни од брзопотезни одлуки (демек, колку погласни и побрзи – толку поубедливи) преку кои испорачуваат нивна правда и нивно толкување.
Не знам колку се свесни дека со тоа јавната сцена ја исполнија со мирис на барут и конфронтации, и дека брзоплето ја вратија земјата некаде во деведесетите години, на сомнителната страна од барикадата: таму каде што се консумираат национализми, на штета и на инклузивноста и на правдата во општеството.
Се разбира, сето тоа е затскриено зад инстант навлечени либерални маски, а кога тие од невнимание ќе се закачат на првата некастрена грмушка во резиденцијата на Водно, под нив во сета голотија се покажува суштината на основната манипулација.
Не мора човек да е ставен во ментални окови за да го сметаме за заробен од некого и нешто. Иванов е врвен доказ за тоа. Негови пранги се неговото неограничено полтронство и раскошно паљурското поимање на почитувањето на Уставот и законите. Тоа е толку трагично, што не е ни за потсмев, без оглед што од социјалните мрежи стигнуваат вонредни временски предупредувања: „Ако ви задува нешто од Водно, тоа не е ветер, туку провевот што го произведува претседателот кога во интерс на граѓаните си ја растресува главата, мислејќи дека мисли“.
Ете, и „метеоролозите“ некогаш знаат да погодат.
Особено ќе биде важно да се утврди и на каде дува тој ментален провев под партиско покровителство – накај Исток, или накај Запад. Од првичните анализи, станува збор за стратуси, кои создаваат лажен привид дека се движат во една насока, а всушност затскриени зад маглата се движат во сосема друга. И тоа не е далеку од вистината.
Гледаме како некои си ставаат дупли „памперси“ кога ги читаат соопштенијата од Москва, со гаќи навлажнети од руски солзи амбасадорски за штетите од „Шарената револуција“. Од друга страна, луто крцкаат со забите додека пишуваат писма до непријателските Брисел и Вашингтон. Најновото го пишале до клетиот Берлин.
Во обложувалниците веќе размислуваат да отворат можност за обложување – до кои метрополи ќе биде испратено следното кодошко писмо за амбасадорите. Небаре тие амбасадори не ја следат официјалната политика на нивните земји, туку се затекнале овде како резултат на случајни туристички околности – дефект на авион или како заглавени од невреме странски туристи субвенционирани од македонската влада.
Истите тие наши шибицари ги гледаме како од наши пари плаќаат странски „браќа по партиска и лукративна крв“ за да даваат изјави во тамошни медиуми во нивна корист, затоа што баш им е гајле дека со тоа наголемо ја резилат државава. Така си ги крепат фантазмите за својата неказнивост и надежите дека ќе останат на власт, па и по цена и да се скараат со целиот нормален свет, испијанети од бесвест од најевтина вотка со каква што се трујат бездомниците околу „Арбатскаја“.
Иванов досега не дал ниту еден дал валиден доказ врз основа на што и натаму се одзива на функцијата „претседател на државата“, но даде многу докази врз основа на што не заслужува да биде тоа
И не ги интресира колкава е штетата за Македонија од нивните авантури и таа пишувачка манија. Неспоредливо поголема од штетите на оној ќумез, неправедно наречен „народна канцеларија на претседателот“, за која никој и не ќе разбереше дека постои, ако не и беа искршени стаклата. Оти и таа како и претседателот, егзистираше испразнета од суштина, како пуста квадратура во центарот на градот покрај која многу проаѓаат, а никој влегува.
И кога ефектот на таа димна бомба еден ден ќе се расчисти, ќе се види кој каква штета направил, особено преку претседателските одлуки. Тешко ќе биде во нив да се открие некаков хуманистички приказ на претензиите за „правни“ одлуки или на свечените фрази за почитувањето на законите, еднаквоста и граѓанските слобода.
А претседателот не треба да се грижи. Оние што го советуваат да го слушне тоа што сака или мора да го слушне, поради вродено конвертитство веќе утре ќе се колнат дека со вулгаризацијата во читањето на Уставот, Иванов ги изнел на виделина само потребите кои ги имале неговите политички ментори. Но, факт е дека тој „суверено“ прифаќа да биде партиска маринета, опслужувана со исти такви.
Факт е дека човекот кој даде заклетва пред Уставот, без проблем со години си го развртува највисокиот правен акт како да е рубикова коцка, се додека не се наместат коцкичките за потребите на неговите шефови.
Тоа само ја покажува опасноста што ја рефлектира овој, далеку од „татко“, а за кого дури и описот „очув на нацијата“ би звучел како комплимент. На неговите уставно-прави авантури и на неговите ментори, мора да им се спротивстават и стручната јавност и граѓанството за век и веков, како што би рекол еден бивш претседател на ДКСК.
Не е неважно кога ќе се рече амин!