Ме(н)тална ограда

Според некои (речнички) дефиниции, оградата (1) го означува она со што нешто (земјиште, двор итн.) се одделува од нешто друго; метонимиски, тоа е ограден простор на овоштарник, градина, пасиште, ливада, поле итн.; (2) заштита на столбовите на мостовите, балконите итн. и (3) преносно, резерва за некое тврдење, забелешка, изразено сомневање…

Овие дефиниции ги побарав низ страниците на сезнаечкиот интернет за да сфатам што значи онаа метална, сега и двојна, ограда пред главниот влез на Собранието на Република Северна Македонија.

Малку е да кажам дека бев фрапиран кога сфатив дека не можам да поминам по најприродниот и најкусиот пат до Домот на АРМ, односно до филијалата на Халкбанк што се наоѓа таму. Младиот полицаец во чуварската куќичка пред Собранието само слегна со рамениците и со прст ми покажа да одам од околу. Не знам ниту како да го опишам чувството кога сфатив дека јас сум непожелен минувач по сосема регуларна улица и сосема регуларен тротоар. Дека јас сум таа закана за безбедноста на „кревката“ народна власт и „кршливите“ 120 пратеници, кои, ете, сфатија дека врвна закана е обичните минувачи да минуваат крај нивното работно место.

Ги разбирам јас, се разбира, безбедносните мерки кога има безбедносни ризици, но навистина што, кого и од кого штити оваа двојна метална ограда, сега, среде август, кога Народниот дом практично и не работи? Кој и какви опасности предвидел врз зградата на Собранието, па морал херметички да го забрани поминувањето крај неа?

„Кревката“ народна власт и „кршливите“ 120 пратеници сфатија дека врвна закана е обичните минувачи да минуваат крај нивното работно место

Знам дека некој ќе каже дека ова не е најголемиот проблем во државата (секако, дека не е) и дека се навикнавме во последната декада, а можеби и повеќе, да ги гледаме оние грди метални бариери како составен дел на собранискиот комплекс (иако, искрено, двојната ограда за мене лично беше новост).

Меѓутоа, токму ваквите констатации најдобро ја објаснуваат општествената патологија во која сме западнале. Оградата, сама по себе, симболизира моќ и лична или колективна власт (сопственост) врз одреден простор. Оградата оградува одредена територија и служи за попречување на слободниот проток на луѓето, стоката и идеите.

На буквално и на симболичко ниво, таа праќа порака дека на тој простор некој друг е газда и дека вие сте непосакуван гостин или минувач, сосема сеедно, па затоа и физички треба да ви се попречи пристапот кон оградениот простор.

И сето ова навистина и би можело да има некаква смисла, ако стануваше збор за вистински приватен, корпоративен или не знам веќе каков не имот, а не за нешто што по дефиниција е јавен простор. Во центарот на државната метропола. Имено, сите простори со кои располага државата по дефиниција се јавни и им припаѓаат на сите даночни обврзници, односно државјани на државата. Граѓаните ги делегираат своите права, поточно ги отстапуваат на избраните претставници. Меѓутоа, не можам да се сетам дека која било партија, кога било во својата изборна програма навела дека ќе оградува јавни простори. И ќе му забранува на гласачот да поминува по некој тротоар, па макар е тоа и „недопирливиот“ тротоар пред Собранието на РСМ.

На некое симболичко ниво, втората, исто така многу битна, порака е – нетранспарентноста! Оградата кажува и покажува дека тебе не треба да те интересира што се случува зад неа. Дека луѓето што ја имаат моќта (власта) да ја постават оградата, не само што не се подготвени да споделат со вас каква било информација од запоседнатиот простор, туку јасно ви даваат на знаење дека воопшто е непожелно да покажете каков било интерес за она што се случува таму.

Меѓутоа, она за што, исто така, нема објаснување е зошто оградата е поставена токму на тротоарот и така го намалува и онака дефицитарниот пешачки простор? Прашањето не е ниту реторичко, ниту колоквијално. Навистина: зошто? По некоја слободна волја? Така им текнало? Па, утре може да им текне да го заградат, на пример, паркот „Жена борец“ и од него да направат простор за дремење на избраните властодршци.

И четвртата работа што произлегува од сето ова погоре кажано е – степенот на културното образование на оние што се во позиција да го попречуваат движењето на луѓето.

Секоја култура има своја хиерархија. Во сообраќајната култура, на пример, на врвот на пирамидата се наоѓа пешакот. Тој е неприкосновен, а негов неприкосновен простор е тротоарот. На тротоарот не смее, ама буквално не смее да има простор за што било друго, освен за поминување пешаци.

Оградата кажува и покажува дека тебе не треба да те интересира што се случува зад неа

На тротоарот не смеат да бидат поставени кафеански маси, не смее да има паркирани автомобили, не смеат да се цртаат велосипедски патеки, да се оставаат кабасти предмети, а најмалку да се ставаат огради.

Односно не смее да има што било што го попречува слободното движење на луѓето. Од урбаната опрема на тротоарот се дозволени само дискретно поставени клупи за одмор и корпи за ѓубре. Токму она што го нема на тротоарот пред Собранието. Ама затоа има – двојна ограда.

Од друга страна, во таканаречената демократска или политичка култура, на врвот на хиерархијата е граѓанинот. Тој е неприкосновен, суверен, тој е сопственик на јавниот простор. Ако сакате, пак, во она што се нарекува правна држава или во овој случај правна култура, никој не смее да го ограничи движењето на граѓанинот ако за него нема основано сомневање дека не ги почитувал правилата, односно законите. А камоли на сите граѓани да им се ограничи движењето во таканаречени „мирнодопски“ услови (без непосредна безбедносна опасност, без епидемиска загроза и сл.). Тоа се карактеристики на она што во теоријата и праксата се нарекува „авторитарен“ или „недемократски“ режим.

Уште Жан Жак Русо има кажано дека цивилизацијата почнува кога првиот човек оградил парче земја и рекол: „Ова е мое“. Со почетокот на цивилизацијата, според Русо, почнуваат недоразбирањата, војните, убиствата…

Она што ние го знаеме од поп-културата или од нашето детство како „каубојци и Индијанци“, всушност е една долгогодишна необјавена граѓанска војна на северноамериканските простори меѓу ренџерите (ранчерите) кои ја оградуваат својата земја и не им дозволуваат на каубоите (сточарите) слободно да ги пасат нивните говеда.

Големата пресметка кај ОК Корал меѓу Ерпови и Клејтонови, која е влезена како дефинитивна легенда на „романтичарскиот“ период на развојот на САД, не е ништо друго, туку пресметка меѓу крупниот капитал (земјопоседниците, претставени во власта на шерифите, во случајов на Вајат Ерп) и на сточарите, односно безземјашите, тука претставени преку браќата Клејтон.

Овие примери, колку банално и да изгледаат, служат за илустрација кон што може да води оградувањето на јавниот простор и одземањето на слободата на движењето.

Да, знам дека оградувањето на Собранието е најмал проблем во мигот за државата Македонија, само сакам да кажам дека може да стане и поголем проблем. А тоа навистина никому не му е потребно.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија