Едни исти новинари во едни исти медиуми повикуваат едни исти соговорници да коментираат едни исти политички збиднувања.
„Интелектуална власт во Франција: (Најмногу) 40 медиокритети решаваат за животот или за смртта на повеќе од 40 илјади автори. (…) За нивната работа (на авторите) тие се задолжително сито што го одвојува настанот од ненастанот, смислата од ништожноста, корисното од апсурдното.“
Ова, во сега веќе далечната 1979 година, го забележа Режис Дебре за уредувањето на францускиот јавен простор. Во сега веќе блиската 2016 година, уредувањето на јавниот простор во Македонија ја доведува забелешката на францускиот интелектуалец до колосални размери и парадигматично совршенство. Само што кај нас станува збор за многу помалку медиокритети и неутврден број автори, или, во нашиот случај „експерти“. Едни исти новинари во едни исти медиуми повикуваат едни исти соговорници да коментираат едни исти политички збиднувања.
И, гледајте чудо (!), ова совршенство очигледно може да се доусоврши.
Кај нас, имено, не постои некоја поделба на, на пример, таблоидно и професионално новинарство туку на „провладино“ и „опозиционо“, што, на крајот од денот, се сведува на две страни од една иста кованица. Кај медиумите, вклучувајќи ги тука и оние најважните, веќе не се распознава ниту уредувачка политика, ниту каков било напор за сопствено профилирање во рамките на медиумскиот простор.
Медиумите не само што личат како јајце на јајце туку меѓу себе буквално си ги пренесуваат не само истите коментари и „анализи“, ами и истите вести и информации. Информативниот простор стана рововско поле за отворена меѓупартиска војна, а не простор за информирање и за анализирање на актуелноста.
Ако можеме да покажеме некакво разбирање за таканаречените „опозициски“ медиуми (и тоа со прилично добра волја), кои се буквално бојкотирани од претставниците на власта, од финансиските извори, а при тоа се дефинитивно изложени на најразлични шиканирања, судски процеси и секакви други сопки во нивната работа, тогаш за „провладините“, кои не само што немаат финансиски проблеми туку се прилично (и чудно) богати, немаме ни најмало оправдување.
Информативниот простор стана рововско поле за отворена меѓупартиска војна, а не простор за информирање и за анализирање на актуелноста.
Затоа и не изненадува предлогот Јавниот сервис да има двајца уредници, еден од власта, а другиот од опозицијата. Не изненадува, затоа што во умовите не на 40 медиокритети, што би рекол Режис Дебре, туку во умот на оние четворица (или барем кај некој дел од нив) светот е црно-бел: ако не си со нас, тогаш си против нас! Затоа што во таа стеснета свест и не постои ништо друго, освен интересот на партијата, што ја претставуваат. По две во двете најголеми заедници: едната црна, другата бела!
Новинарството е премногу сериозна работа за да им се препушти само на политичарите, како што е и премногу сериозна работа за да им се препушти само на новинарите. Особено не само на новинарите, затоа што (сведоци сме) новинарите, барем оние експонираните, во суштина не се ништо друго туку некакви ПР-и, пропагандисти и ентузијастички поклоници на партиските догми.
Не е повеќе (барем не тука) нивна работа јавниот интерес туку одбраната на партискиот интерес. Тие се тие што се поделени меѓу себе, што главниот успех во кариерата им е да ручаат со некој моќник, што се корумпираат за едно службено патување (а може и за помалку) и чиј интерес е повисок од јавниот…
На една од овдешните телевизии (која, патем речено, се обидува да избега од црно-белата матрица) неодамна гледав дебата за медиумите, испровоцирана токму од политичките преговори за нивна регулација. За еден мој колега, учесник во дебатата, нема ништо спорно во вака поставениот медиумски простор („И опозицијата има голем број медиуми“). Дури постоеше и обид да бидеме убедени дека медиумскиот простор и во западните демократии е така дефиниран – медиумите како билтени на политичките партии, при што беше истакнато американското искуство.
Се разбира, во ова искажување заборавена е, на пример, улогата на традиционално републиканскиот „Вашингтон пост“, во уривањето на републиканскиот претседател Ричард Никсон. И покрај својата републиканска ориентација, „Вашингтон пост“ не можеше да помине преку криминалите на нивниот претседател и опстои на аферата „Вотергејт“, која заврши со затворски казни и аболиција за претседателот. За овдешните медиуми тој професионализам, едноставно, е незамислив.
Имаше во таа емисија и други ставови со кои вреди да се полемизира, ако воопшто има смисла каква било полемика. А нема! Затоа што оваа емисија со својата ретка дебатска ендемичност јасно го покажа она што сите го знаеме – дека нема дебата. Телевизиите што ги негуваат таканаречените дебатни емисии или собираат само истомисленици (некои телевизии од објективни, а некои, богами, и од субјективни причини) или емисиите ги претвораат во општа кавга.
На крајот од краиштата, вистински важните прашања никогаш и не се ставени на јавна расправа. Ако јавната расправа е испровоцирана од сензацијата на одлуките (како што е тоа примерот со „Скопје 2014“), тогаш излегува дека таа е небитна, односно го произведува ефектот на поговорката „Кучињата лаат…“.
Драстичен пример за целава приказна се токму оние четворица лидери, кои зад ѕидовите на Клубот на пратениците во Скопје (или на онаа резиденција во Пржино) се „борат“ за враќање на демократијата во земјата, односно решаваат за животот и за смртта на цела една држава. Се разбира, далеку од очите на јавноста и без никакво нејзино вклучување. Наводно, тие се избраните и тие се делегирани да ги решаваат нашите животи. На тој начин нема да се добие ниту стабилна демократија, ниту стабилна јавност. Единствено што може да се добие е стабилна олигархија.
И потоа треба да веруваме во вакуум-просторот и да чекаме „народот да одлучи“.