Меѓу независноста и суверенитетот

Таа 1991 година се распадна Советскиот Сојуз на 15 посебни, независни држави, со што заврши таканаречената Студена војна и светот од биполарен се претвори во монополарен. Југословенските војни беа почнати, навестувајќи ги така најкрвавите воени судири во Европа по Втората светска војна.

Коалициските сили предводени од САД го нападнаа Ирак по неговата инвазија на Кувајт. Војната беше куса, но интензивна. За првпат во историјата, глобалната кабелска телевизија на Тед Тарнер, Си-ен-ен, вршеше директен телевизиски пренос од американскиот напад на Ирак.

Во Лос Анџелес, полицијата го претепа Родни Кинг, што потоа доведе до масовни протести (откога инволвираните полицајци беа ослободени од обвинувањата). На церемонијата на доделувањето Оскар доминираше филмот „Танцот со волците“ на Кевин Костнер, освојувајќи седум златни статуетки од 12 номинации.

Нобеловата награда за мир ја доби Аунг Сан Су Чи од Бурма (денешен Мјанмар). Наградата ја прими нејзиниот син, затоа што лауреатката се наоѓаше во домашен притвор. Нобеловата награда за литература ја доби јужноафриканската писателка и политичка активистка Надин Гордимер. Во кината се прикажуваа „Кога јагнињата ќе стивнат“ на Џонатан Деме, „ЏФК“ на Оливер Стоун, „Телма и Луиз“ на Ридли Скот и „Терминатор 2: Судниот ден“ на Џеjмс Камерон.

Државотворност?

Таа 1991 година, во Македонија излезе првиот број на неделникот „Пулс.“ Јас имав 30 години, бев заменик на главниот и одговорен уредник на „Пулс“, Слободан Петровиќ, и едвај чекав и официјално да заврши „социјалистичкиот период“ од мојот живот. Веќе бев женет и ќерка ми тогаш имаше четири години. И од личен, а уште повеќе од професионален аспект следев што се случува и кај нас, но и во светот.

Непосредно го гледав заминувањето на ЈНА од Македонија. Учествував на брифинзите на политичкиот врв со новинарите и уредниците на македонските медиуми. Иако бев критичен кон референдумот за самостојност и сувереност на Македонија, поточно кон поставеното прашање: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

Тогаш сметав, а сметам и сега дека ваквото прашање не може да ја изрази вистинската државотворност на македонските граѓани. Уште повеќе што албанската заедница во Македонија, во голем дел го бојкотираше референдумот. Сметав, а сметам и сега, дека без заедничка волја на сите етнички заедници не може да се направи заедничка функционална држава.

Денес, кога го славиме Денот на независноста, главно ќе ја споменуваме успешноста на референдумот. Ќе нагласиме дека излезноста била 75,8 проценти (1.132.928 гласачи од 1.495.807 тогаш запишани во избирачкиот список) и дека од нив, над 95 проценти гласале „за.“ Но, нема да ја споменеме ниската излезност во Гостивар, Тетово, Дебар…, некаде и под 30 проценти.

Конечно овие (не само) мои тези, за жал, ја добија својата потврда со настаните во 2001 година.

Иако бев отворено и јавно скептичен кон референдумското решавање на овие политички прашања, се разбира дека излегов на референдумот и гласав „за.“ Ја следев и онаа повеќе или помалку патетична прослава на централниот скопски плоштад, кога првиот македонски плуралистички премиер Никола Кљусев ги прослави референдумските резултати со отворање на евтиното црвено пенливо вино „фрушкогорски бисер“, а првиот македонски претседател Киро Глигоров одржа еден од неговите најзначајни говори.

Денес, 34 години подоцна, можам да кажам дека моите чувства се колебливи. Да, изборот за независност беше единствената правилна опција, со оглед на сите политички и општествени околности, но огромниот број неискористени или погрешно искористени шанси ја покажува политичката недозреаност на новоформираната држава.

Не, нема сега да правам рекапитулација на сите грешки на нашите тогашни и сегашни политички елити. Нив, помалку или повеќе, сите ги знаеме. Она што мислам дека е важно да се укаже токму денес, на Денот на независноста, е клучното неразбирање на некои од најважните поими што произлегоа од тој референдум. Првенствено тука мислам на поимите „независност“ и „суверенитет“, поими што најчесто се мешаат или се претставуваат како синоними дури и од нашите врвни политички елити.

Не е важно

Независноста е правна и бинарна категорија, односно во голема мера зависи од меѓународниот фактор. Независноста, значи, го означува меѓународно-правниот статус, односно дали еден територијално одреден ентитет се третира како субјект на меѓународното право. Независноста се стекнува со признавање од другите независни држави и со прием во меѓународните организации (Обединети нации, на пример).

Наспроти тоа, сувереноста е политичка категорија и таа се однесува на степенот на самоуправната автономија на една заедница, односно во која мера, во рамките на своите институции, таа е способна самостојно да решава за својата судбина. Степенот на суверенитет на една земја зависи од многу околности, но најдиректно е врзан од делувањето на политичките елити на власт.

Зошто сметам дека оваа дистинкција е важна. Прво затоа што стремежите за одреден степен на суверенитет, македонското општество низ историјата ги прилагодувало кон центрите на моќ кон кои доброволно или насилно било упатено. Тоа се должи на фактот дека Македонија и како територија, но и како ентитет, најчесто била (периферен) дел на поголеми политички степени.

Во таа смисла, ако некогаш тој центар бил Цариград, односно Истанбул, како престолнина на Отоманската империја, во 20 век, тој центар е Белград, како престолнина на првата и втората Југославија. Денес во 21 век и 34 години по осамостојувањето, овој центар е Брисел, односно Европската Унија.

Му се допаѓало тоа некому или не, судбината на Македонија, севкупниот нејзин политички, општествен и културен живот, нераскинливо се врзани за таканаречениот колективен Запад, односно со НАТО и ЕУ. И сите битки за суверените права на македонската држава треба, да не кажам мора, да се водат и да се артикулираат во однос на два меѓународни сојуза. Сето друго ќе биде само уште една во низата пропуштени шанси.

Еве, да се доречам. Во месец септември, таа 1991 година, излезе вториот, сега веќе култен албум на бендот „Нирвана“, насловен како „Nevermind“ (Не е важно). Велам, јас тогаш имав 30 години и се чувствував некако престар за овој гранџ-рок. Денес сум 34 години постар и не сакам да ми помине животот во стилот на „Нирвана“ – дека тој 8 Септември 1991 година не бил важен. И ништо не било важно. Престар сум за нови пропуштени шанси.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија