Менталитет базиран на докази

Во чест на македонското членство во НАТО, авиони на американското воено воздухопловство придружувани од воени авиони на Република Грција, денеска извршија прелет над нашата земја. Што правевме ние додека тие ни укажуваа чест? Достојно одговоривме. Во низок прелет масовно ги надлетавме, а потоа и ги запоседнавме кафулињата.

Копнени баталјони од пензионери побрзаа да си го искористат бесплатното возење во јавниот превоз. Продавниците и зелените пазари се наполнија со купувачи, улиците со возила… Маски, кој носи, кој не носи, небаре е личен избор, а не обврска.

Сè наликува како во старите добри времиња, пред да ни дојде короната. Ова не е влегување во нова нормалност, туку наше враќање во старата ненормалност. Прв сигнал – 52 новозаболени!

И каков апсурд: сега од сите страни врескаат истите оние што ги критикуваа рестриктивните мерки: „до кога полициски час?“, „Владата си игра со граѓанските слободи“, „Аман од овој куќен притвор“ итн. Кога важеа мерките – се редеа жестоки критики. Кога ги укинаа – прашуваат зошто има новозаразени? Угоре високо, удолу длабоко.

И каков апсурд: сега од сите страни врескаат истите оние што ги критикуваа рестриктивните мерки: „до кога полициски час?“

Владата и Комисијата за заразни болести секако носат одговорност за укинувањето на рестриктивните мерки, или на дел од нив. Ако здравствените власти во одлуката се раководеле од медицина базирана на докази, политичките власти требаше да се раководат од менталитет базиран на докази.

На пример, зошто во Словенија немаше мерки за ограничување на движењето? Затоа што и во корона-кризатa, и без неа, однесувањето на граѓаните е константно, и веројатно е резултат на менталитет многу поразличен од нашите јужњачки и еуфорични навики за масовни дружби, неколкучасовно шмркање кафиња, ивкови слави и поздрави со прегрнувања додека не ти се искриви ‘рбетот.

Не се Словенците „ладни“ како што овде често се врти тој стереотип, туку имаат многу поодговорен социјален и културен образаец на однесување, за разлика од нас.

Знам дека во наши услови и околности не е лесно да се жонглира меѓу потребите за неограничено движење, здравствените биланси, нужноста да заживее економијата и враќањето на функционалните институции преку избори. Но, во тој маѓепсан круг од потреби и можности, не треба никому да му се угодува, освен на она што го диктира здравствената состојба.

Додека да се договорат за избори, „ќе имат снемано“ народ за гласање. Луѓето едвај чекаат да избегаат подалеку од приземните политички кавги

Затоа што, од истите редови на оние кои беа против брзи избори, со став дека приоритет е здравјето на граѓаните, само до вчера популистички порачуваа: ако православните верници беа затворени за време на Велигден, не значи дека и муслиманите, заради рамноправност, треба да бидат во куќен притвор за Рамазан бајрам.

Сега, од истите тие партиски редови, лицемерно ќе прашуваат – од каде нови 52 заболени? Е па од истите кластери, потекнати од масовни ифтари во време на полициски час, кои беа охрабрувани дека не мора да бидат предмет на „урамниловка“ за празникот, па се опуштија.

Сега сигурно нема да чекаат респиратори од Алах, ниту разгледница од медениот месец на бившиот поглавар на ИВЗ, кој ги уверуваше дека вирусот е победен. Зошто нивните собири не беа санкционирани? Не знам. Министерот Чулев треба да одговори за прогледувањето низ прсти на литии, ифтарски вечери и други собири, поради кои ефектите од досегашните рестриктивни мерки може брзо да се издевалвираат.

На крајот, и здравјето, и тајмингот на избори ќе зависат единствено од конзистентоста на преземените мерки и опстојувањето на нив. Во меѓувреме, партиските лидери треба да се соочат со еден ноторен факт: граѓаните се изморени од нивните бескрајни тактизирања.

Додека да се договорат за избори, „ќе имат снемано“ народ за гласање. Луѓето едвај чекаат да избегаат подалеку од приземните политички кавги – во село, на планина, покрај езеро, море…

Тоа што партиските лидери наводно постигнале согласност дека изборите може да се одржат и во работен ден, не ја менува многу ситуацијата. Колку повеќе решението се одолжува, толку излезноста ќе биде поголема – ама во туристичките места.

Луѓето ќе дојдат на гласање само ако се уверат дека партиите престанале да се вртат во круг, бркајќи си ја сопствената опашка во недоглед. Во моментов, таа (не)доверба е приклучена на респиратор.