Регион

Црна Гора: Уапсено лице осомничено за вандализирање на антифашистички споменик

Вандализираниот споменик на Равен Лаз, кај Подгорија. Фото: Граѓанска акција

Полицијата денеска соопшти дека уапсила 18-годишно момче од Подгорица, идентификувано со иницијалите Л.В., под сомнение дека ја искршило  мермерната плоча на споменикот посветен на организаторите на востанието во Црна Гора, против италијанскиот окупатор, на 13 јули 1941 година.

„Сторителот на овој вандалски чин ѝ е одамна познат на полицијата како учесник во инциденти. Тој, со група лица уништуваше јавни површини со испишување на графити со национални симболи во населбата Доња Горица“, изјави за медиумите, Иван Ровчанин, помошник командир на полициска станица за јавен ред и мир, во центарот за безбедност во Подгорица.

Тој додаде дека Л.В. бил гонет и за попречување на полицијата во извршувањето на службените должности, за време на верските собири на Српската православна црква.

Чинот на вандализам беше осуден и од властите и од повеќето политички партии во земјата.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, на прес-конференција во понеделникот изјави дека „државата и агенциите за спроведување на законот нема да имаат милост, сѐ додека лицата или групите што стојат зад инцидентот не бидат изведени пред лицето на правдата“.

Градоначалникот на Подгорица, Иван Вуковиќ, најави дека градот ќе го финансира реновирањето на споменикот.

Востанието во 1941 година, предводено од Комунистичката партија на Југославија и поранешните офицери на кралската југословенска војска, го зазедоа поголемиот дел од територијата на Црна Гора во рок од три недели, принудувајќи ги италијанските трупи да се повлечат во нивните упоришта во Плевља, Никшиќ и Подгорица. Ова беше проследено со контраофанзива на повеќе од 70.000 италијански војници, кои го згаснаа востанието во рок од шест недели.

Црна Гора и денес, децении по завршувањето на комунистичкиот режим во Југославија, го чува сеќавањето за партизанското наследство. Во декември 2018 година, во центарот на Подгорица беше подигната бронзена статуа на Јосип Броз Тито, на иницијатива на градот и на борците од Втората светска војна.

Во 2003 година, властите со динамит го отстранија споменикот на водачот на четничкото движење во Црна Гора, Павле Ѓуришиќ.

Поддржувачите на Ѓуришиќ тврдат дека тој бил антифашист и борец за ослободување на Црна Гора, но некои историчари велат дека тој лично ја водел четничката војска, во жестоки борби со партизаните во Црна Гора, во име на италијанската армија, која ја окупира земјата во 1941 година. Војниците на Ѓуришиќ се сметаат за одговорни за убиствата на стотици цивили во северниот дел на земјата.