Дури и без референдумот и неговото значење, посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Македонија е самата по себе историска. Без оглед на сите толкувања што деновиве можеа да се слушнат, видат и прочитаат во македонскиот медиумски простор, тука ќе се обидеме да го истакнеме значењето на оваа посета и преку некои навидум маргинални факти.
Имено, од некои причини, општествениот, социјалниот, економскиот, па и цивилизацискиот стандард, меѓу другото, се мери и со – количество на произведено и консумирано пиво. Неодамна, Агенцијата за статистика на Европската Унија Еуростат ги објави податоците за производството на пиво во земјите во Унијата (вклучувајќи ја и Велика Британија).
За љубителите на бројките ќе кажеме дека лани (2017) во земјите од Европската Унија се произведени нешто повеќе од 41 милијарда литри пиво, што е за 2,5 милијарди литри повеќе од претходната година. Или преведено на просек по жител, по глава на секој резидент на Европската Унија доаѓа по 81 литар пиво.
Ако го преведеме во македонски услови, Македонија би требало да произведува преку 160.000.000 литри годишно, за да биде на нивото на ЕУ. Инаку, според некои податоци, во Македонија се пијат по 36 литри по жител годишно, односно лани се произвеле околу 70 милиони литри.
Меѓутоа, Еуростат наведува уште еден интересен податок: од кои земји што се не се во нејзин состав, Европската Унија најмногу увезува пиво. Првото место убедливо го држи Мексико со дури 52 проценти од севкупниот увоз (211 милиони литри), но она што е за нас интересно е дека високото второ место ѝ припаѓа на Србија, која во ЕУ извезува 48 милиони литри (12 проценти од вкупниот увоз на пиво во земјите на ЕУ).
Постојат неколку мистерии во македонската историја: колку време му требало на Василиј да ослепи 14.000 војници, кој го уби Кочо Рацин и што, по ѓаволите, навистина разговараа Мицкоски и Меркел?
Македонија ја нема како извозник на пиво на листата на Еуростат. Зошто? Веројатно затоа што воопшто не извезува пиво во ЕУ. Најмногу македонско пиво се извезува во Косово, потоа во Албанија, па Австралија и Србија. Од друга страна, најмногу пиво се увезува од Романија, Бугарија и Полска.
Со други зборови, сето она што ни се продава како германско или чешко пиво, всушност е романско или бугарско. Практично, пиеме фалш пиво. Во таа смисла, имаме фалш општествен, социјален, економски, па и цивилизациски стандард. Со други зборови, ние сме фалш држава.
Ете, во таков некаков клуч ја сфаќам посетата на лидерката на земјата-лидер во производство на пиво. Дојде жената да ни објасни дека цивилизацијата и квалитетното пиво не се толку далеку колку што нам ни се чини кога ќе испиеме „Старопрамен“ произведен во Бугарија или „Никшиќко“ од Романија.
Пораката ѝ беше дека и нашето пиво, покрај со оние од Косово и Албанија, може да се мери и со европските пивски брендови. Дека можеме да седиме на иста маса и да си ги мериме пивата. А убеден сум дека на ова поле имаме што да покажеме, а притоа да не се срамиме. Само треба да го отстраниме фалшот од нашите трпези и од нашите глави.
Во таа смисла, прилично ми е жал дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не ни откри за што зборуваше со канцеларката Меркел. Можеби разменуваа некакви тајни рецепти за крафт пиво, нешто што пошироката јавност не треба и не смее да го знае. Или, пак, канцеларката Меркел се распрашуваше за рецептот за успешна организација на бројни пиво-фести и улогата на Аца Лукас во општото опијанување на нацијата?
Постојат неколку мистерии во македонската историја: колку време му требало на Василиј да ослепи 14.000 војници, кој го уби Кочо Рацин и што, по ѓаволите, навистина разговараа Мицкоски и Меркел? Сепак, се надевам дека еден подолг ден и оваа тајна ќе биде разоткриена пред очите на стручната историографска јавност.
На пример, Мицкоски ќе напише мемоари под наслов „Моите разговори со Ангела Меркел“, каде што децидно и прецизно ќе објасни дека немал навигација додека разговарал со канцеларката Меркел. „Кој сум јас да имам навигација“, искрено ќе ѝ признае Мицкоски на Меркел во хипотетичките мемоари.
Ете, што прави фалш пиво.
И, ете, тоа беше пораката на Меркел. Препознајте веќе еднаш што е фалш пиво и влезете на сериозниот пивски пазар! Бидејќи, од некои причини производството на пиво, па и неговото консумирање се смета за еден од критериумите за мерење на општествениот, социјалниот, економскиот, па и цивилизацискиот стандард на една земја. Ајде да се измериме.