Минхен или новата Јалта

Има некоја симболика во фактот што Минхенската безбедносна конференција се одржа отприлика токму во периодот на одбележувањето на 80-годишнината од Конференцијата на Јалта, кога, според врежаниот мир, тројцата победници од Втората светска војна, Рузвелт, Черчил и Сталин го поделија светот.

Каде е местото на Европа

И симболиката не е само во тоа што Јалта се наоѓа на Крим, украинска територија, анектирана уште во 2014 година од страна на Руската федерација, а Украина, всушност, руската инвазија на оваа земја, беше и главната тема на годинашната минхенска конференција.

Впрочем, токму на Минхенската конференција во 2007 година, Путин го одржа оној славен говор, во кој ја најави својата нова империјалистичка политика, обвинувајќи го „колективниот Запад“ за „лицемерие“ и „предавство“. Рускиот претседател тогаш го окарактеризира ширењето на НАТО како директно загрозување на руските национални интереси и констатираше дека „еднополниот свет“, не само што е неодржлив, туку, едноставно, не е можен.

Практично во таа 2007 година, Путин ја најави новата „ладна војна“, која подоцна, со инвазијата врз Украина, влезе во прилично врела фаза.

Факт е меѓутоа дека на Јалта, тој февруари 1945 година се создадоа контурите на новиот светски поредок. И факт е дека тој поредок се урива токму во Минхен, осум децении подоцна. На Јалта, токму под американска палка, е создаден еден мултилатерален, универзалистички свет. Денес, американскиот претседател Доналд Трамп става точка на оваа досега неприкосновена политичка доктрина, заменувајќи ја со класична, националистичка, односно империјалистичка политика.

Некои европски аналитичари предупредуваат дека претпоставените отстапки што Трамп ќе му ги направи на Путин нема да доведат до траен мир, туку токму спротивното – ќе го амбицираат Путин во остварување на неговите империјалистички соништа

Или како што вели неговиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, Америка мора да зборува со истиот јазик со кој зборуваат Русија и Кина, а тоа е јазикот на силата. Затоа што тие само овој јазик го разбираат. Се разбира, ваквата реторика за Европа е неприфатлива.

Всушност, Европа (не само Европската Унија), во овој момент е принудена да го бара своето место на светската геополитичка сцена. За почеток, досегашниот релативно лагоден безбедносен американски штит, повеќе не е толку цврст, како што се чинеше до доаѓањето на Трамповата администрација, на чело на САД. Напротив. Она што досега се чинеше за неприкосновено и непробојно партнерство, какво што беше, на пример меѓу Велика Британија и САД или на САД со другите поголеми европски земји, сега напукнува до граница на целосен слом.

Тоа го потврдува изјавата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој во еден момент ќе каже дека состојбата со слободата на говорот во Велика Британија е поголема закана за Европа од руската опасност (!).

На ова се надоврзува и шлаканицата што ја доби Европа со нејзиното отфрлање од американско-рускиот преговарачки процес. Практично, САД, според слоганот на Трамп „Америка прва“, јасно им покажува на сојузниците која е нивната сила и колку им значи нивното мислење. И така доаѓаме во ситуација кога за егзистенцијално важните европски прашања решаваат една трансатлантска и една евроазиска држава.

Некои европски аналитичари предупредуваат дека претпоставените отстапки што Трамп ќе му ги направи на Путин нема да доведат до траен мир, туку токму спротивното – ќе го амбицираат Путин во остварување на неговите империјалистички соништа. Според овие анализи, следни на удар би биле прибалтичките земји.

Ако се цени според принципите на изолационистичката политика на Трамп, американскиот даночен обврзник би можел да оправда американска интервенција во одбрана на Лондон или Париз, но тоа сигурно не би го одобрил за одбрана на Вилнус. Источна Европа, за нив, е сега веќе чиста егзотика. Нешто таму, далеку. Тоа впрочем се гледа и од односот со Украина, која е принудена да потпише договор со САД за искористување на нејзините ретки метали во вредност од 500 милијарди долари, во замена за натамошната американска воена помош.

За волја на вистината, ако на преговарачката маса седнат најголемите европски земји, вклучувајќи ја тука и Полска, тогаш на неа ќе мора да се направи место и за Кина, дури и Бразил, како една од групата земји за мир во Украина, а секако и Турција. Во таков еден состав, тешко е да се претпостави дека ќе биде донесено какво било решение за Украина.

Европскиот парадокс

Всушност, токму во оваа европска позиција, надворешнополитичкиот аналитичар Жељко Пантелиќ го гледа најголемиот парадокс. Имено, тој вели дека Европа не успеа да го направи она што го направи во „нејзиното чедо“ – САД. САД не се создадени, како што вели, од марсовци, туку токму од Европејци, и тоа претежно од жители на Западна Европа.

Значи, Европа за овие осум децении по Втората светска војна, на својот континент не успеа да создаде една федерација, со еден работен јазик и со конзистентна заедничка интересовна политика.

Всушност, на Трамп не му одговара силна и обединета Европа. Токму затоа неговата администрација ги поддржува оние европски десничарски движења и партии, кои сакаат лабава Европа, поврзана евентуално само во форма на царинска унија. Да не се лажеме, во овој момент во светот реално постојат две големи сили. Тоа се САД и Кина. Силна Европа би била сериозна конкуренција на САД, не само за нивните европски, туку и за глобалните интереси.

Минхенскиот форум е, всушност, неформален, односно на него не се носат никакви обврзувачки заклучоци или одлуки. Токму затоа, говорите на конференцијата се „оперирани“ од дипломатски фрази

Од друга страна, Европејците, па и светот, даваат, се чини, преголема важност на изјавите и одлуките на Трамп. Факт е, меѓутоа, дека неговите надлежности во надворешната политика се прилично лимитирани. Дури 80 проценти од неговите уредби веќе се оспорени и судски блокирани. Вклучувајќи ја тука и фамозната уредба за тримесечно блокирање на работата на УСАИД.

Во суштина, од сите царински закани, Трамп успеа да воведе царини само на Кина. И тоа повикувајќи се на закон од 1867 година, значи пред век и половина, според кој Конгресот му делегира права на претседателот да воведе одредени мерки кон земји што ја загрозуваат американската безбедност. Без оглед на реториката на Трамп, тој не може да се повика на загрозување на безбедноста од страна на Европа или на Канада.

Дури и еквилибристиката со цифрите тука не помага премногу. САД имаат трговски дефицит со Европа од околу 156 милијарди евра, но ако се земе нивниот суфицит во областа на услугите што изнесува околу 108 милијарди евра, се доаѓа до вкупен дефицит од нецели педесет милијарди евра. Ако се земе предвид вкупната американско-европска размена, која изнесува 1.500 милијарди евра, овој дефицит е некаде околу три отсто, што реално гледано не е некоја цифра за кревање големи аларми.

Со други зборови, сите поважни одлуки на Трамп, во однос на меѓународната политика мора да поминат проверка во Конгресот, а Трамп во Конгресот и нема толку големо мнозинство, како што нам ни се чини.

Минхенската безбедносна конференција е најголемиот светски форум за безбедност. Тој се одржува уште од почетокот на 60-тите години на минатиот век и секогаш е тоа во главниот град на Баварија, и во истиот хотел. Форумот е, всушност, неформален, односно на него не се носат никакви обврзувачки заклучоци или одлуки. Токму затоа, говорите на конференцијата се „оперирани“ од дипломатски фрази, што ќе рече дека станува збор за размена на мислења и насоки за натамошната надворешна политика на главните геополитички играчи.

Всушност, нејзината важност се гледа токму во нејзината неформалност. Минхенската конференција, бездруго, е круцијална, не само во однос на состојбите во Украина, туку за прераспределба на моќта во светската геополитика.

Веднаш по завршувањето на Минхенската конференција, францускиот претседател Емануел Макрон ги покани лидерите на поголемите европски земји на нов самит. Едноставно, американските ставови за разнебитување на Европа, конечно, ја натераа самата Европа да се заврти кон самата себе.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија