(писмо од Будимпешта)
Додека стакларот Лајош го врамува азилот во убава барокна позлатена рамка за да виси во мојата хотелска соба, а двајца Украинци веќе го сликаат документот во акварел техника – портрет седум на дванаесет метри за да биде еден ден закачен во фоајето во Белата палата – јас размислувам за македонската кауза.
Не сум по алкохолот, но домаќиниве, кои навистина се прељубезни, ме уверија дека македонска кауза најдобро оди со суво бело вино од сортата фурминт од регионот на Балатон. И секако ме натераа да сркам од овој нивни ширкепаприкаш, или преведено на македонска кауза – пилешки паприкаш, кој значително го подобрува имунитетот против закани од ликвидација, странски служби и домашни предавници на пропатување низ пријателска Унгарија.
Драги Македонци, еве веќе неколку дена како што работам интензивно на македонската кауза и можам да се пофалам дека имам и некои конкретни резултати. Прво, мислам дека направив некои грешки поврзани со каузата, кои во иднина ќе мора да ги исправам. Или, поточно, да ги исправиме ако ги преживеете тешките затворски години, кои, иако не сум посведочил лично, велат дека поминуваат мачно и бавно. (А овде во Унгарија дознав и дека условите по затворите не се баш најдобри, но за тоа потоа.)
Да се вратам сега на грешките што не смееме да си ги дозволиме во иднина.
Тука, пред сè, мислам на висината на провизиите. Се покажа дека пет отсто, како провизија што им ја баравме на сите, не се доволно пари за да може да покријат повеќе вакви патувања, особено во случај на поголеми и подолготрајни елементарни непогоди, како актуелнава. Имено, тие успеаја да покријат трошоци за пат и сместување само за едно лице, односно за мојата маленкост.
Мене, од денешна дистанца погледнато, ми е навистина многу жал што не баравме повеќе. Направив една пресметка, вака груба, на салфетка овде во ресторанот (мобилниот од безбедносни причини го оставив кај Виктор во канцеларија), и, според таа пресметка, излегува дека само со мала корекција, да речеме ако баравме седум отсто провизија, на ова патување ќе можев да го поведам и мојот братучед, а со 8 отсто и Миле, Гордана и Мартин.
За жал, драги мои, нема национално единство базирано на добра волја. Си сака вградување експлозив или со отровни капсули, чипирање на идиотите, како што правилно напиша оној комуњарот што му го запаливме џипот
Е сега, за повеќе души веќе мора да се ангажира комбе или минибус, тоа веќе ќе бараше двоцифрена провизија, што, според моите кост-бенефит анализи, станува неисплатливо, не само од економски аспект, туку и од политички. Зашто како ќе ги добиеме следните избори ако уште во сабота не поведеме барем со 3-1 во затворите, тренд што потоа би се задржал и во недела, со Господ напред.
Оние „жутите“ и другите наши клиенти немаше ни да ги осетат тие два-три проценти плус провизија, а нам сега толку многу ќе ни се најдеа тие пари.
Некој ќе рече – ако, памет за другпат. Ама не, срце ме боли, не можам да се оттргнам од тие мисли… Ќе стануваш во два по полноќ да споделиш со него… Ало, Миле ми текна ова, Миле ми текна тоа, секоја мисла сум ја делел со него… Зошто? За денес да го осудува ова мое службено патување за подобро запознавање на македонската кауза, притоа перфидно посрамувајќи ме пред мојот народ со користење на неприличниот збор за посетава на Унгарија – бегство.
Така доаѓам до втората крупна грешка – изборот на најблиски соработници. Очигледно патриотската љубов кон сопствениот водач, поткрепена со меници, не беше доволна. Почнувам дури вака од временска и од физичка дистанца да се прашувам дали и воопшто имало љубов или сè се сведувало на тие проклети меници.
Уште слушам почнале по судници и да сведочат против мене. Одеднаш од нивен татко, водач, војвода, станав на пример најобичен нарачател на државниот удар на 24 декември (иако и тогаш бев на службен пат), а адвокативе ми велат дека почнале да лаат и за други наводни криминали што сум ги правел служејќи ѝ на македонската кауза.
Наместо меници, следниот пат ќе применам поригорозно обезбедување на нивната лојалност. Имено, со мала хируршка интервенција ќе им внесам експлозив во стомакот, кој ќе може да се активира веднаш кога ќе застранат од македонската кауза. На тој начин ќе добиеме попосветени и понепоколебливи борци за интересите на македонскиот народ и на неговата демократска партија за национално единство.
Мислам дека направив некои грешки поврзани со каузата, кои во иднина ќе мора да ги исправам. Или, поточно, да ги исправиме ако ги преживеете тешките затворски години, кои, иако не сум посведочил лично, велат дека поминуваат мачно и бавно
За жал, драги мои, нема национално единство базирано на добра волја. Си сака вградување експлозив или со отровни капсули, чипирање на идиотите, како што правилно напиша оној комуњарот што му го запаливме џипот.
Е, кога сме кај палењето џипови и слично, доаѓам до уште една аномалија на системот што го воспоставивме – бевме премногу нежни! Тоа мора да се коригира во иднина! Нема палење џипови ако сопственикот не е во него! Нема нарачување шамари ако верољупците зеле хонорар, а не зеле во оружје! Па, нели го виде оној верникот што ја нападна општината на телевизија. Го испративме во нерамноправен бој, буквално да ми простите со к..от в раце (што и самиот тој ни го покажа на една од снимките).
Значи да повторам за да биде кристално јасно, веќе невооружени борци нема испраќање во битка!
Кога сме кај кристалите, нема веќе поткупување судии со кристали. Каков Сваровски, какви будалштини, ќе се применуваат многу потрајни и поопорни методи за да добиеме судство што ќе ѝ служи на македонската кауза. Ако треба ќе го клонираме Владимир Панчевски, ама ќе имаме од прв до последен судии верни до гроб на Македонија.
Во право беше Виктор кога вчера на кафе ме испокара за десоросоизацијата. Не можеш да правиш такви тешки зафати откако ќе паднеш од власт. Тоа се прави кога си најсилен. Кога покачуваш десет отсто плата на администрација, тогаш се апси, се убива, се фрла во ендек. Око нема да му трепне на народот за тоа што го правиш додека му го полниш џебот. А кога ќе снема (мора нешто и за себе да тргаш нели), ти го вртат грбот.
И нема веќе задоволување само со течење по ногавици! Не, не лајна, крв мора да тече по ногавици! Ах, само да се вратам, сите грешки ќе ги исправам. Ќе се борам за македонската кауза жестоко и без простување.
Помирување? Ќе видите што е помирување кога ќе се вратам, мир ќе немате!
И сега доаѓам полека до најголемата кнедла што ме притиска во грлото. И ми ја мачи душава, овде во туѓина, далеку од моите Македонци и од мојата фамилија.
Кога келнерот ми се доближи и на чист македонски јазик ми ја соопшти траорната вест за апсењето на мојот братучед, Пабло Ескобар, буквално за малку не го исплукав залакот паприкаш сосе голтката балатонско вино врз овој убав бел чаршав, со унгарски народен вез по рабовите.
Драг братучеду, знам дека сега кога лежиш врз валканите ќебиња во Шутка, и ти мислиш на мене, како што и јас овде мислам на тебе. Впрочем, затоа и им кажав на овдешните власти дека животот ми е загрозен. Знам дека да сум ти при рака, би ми го свиткал вратчето како на врабец. Но, те молам, во овие тешки моменти да останеме обединети, барем ние двајцата, кога веќе другите ни го свртеа грбот.
Извини, Пабло, што ја поставив онаа тутурутка за мој наследник. Верувај, не е до мене, тој лично го пратив да преговара со Виктор за бегството и идиотот испреговарал само за мене. Верувај ми, го натерав да клекне на колена ко на митинг и да се заколне дека, освен мене, ќе проба да спаси уште некој, но, ете, толку му бил капацитетот на детето. Тој и факултетот со врски го завршил, што очекуваш од него, прости му те молам.
Гледај на затворов, не како на хендикеп, туку како на можност. Сега можеш да му пишуваш отворени писма двапати дневно. Јас сум дал инструкција кај Мартин, секое твое писмо веднаш да се носи кај Мицкоски, и тоа на рака. Да не рече утре дека не бил на адресата кај што е пријавен кога му го доставувале.
Не знам што повеќе можам во овој момент да сторам за тебе, драг мој братучеду. Знам, ми вртеше неколкупати и мама да ургира за тебе, ама да ти кажам право, без да се навредиш, и ти беше малку тврдоглав.
Гледај на затворов, не како на хендикеп, туку како на можност. Сега можеш да му пишуваш отворени писма двапати дневно
Пабло, нејќам ова да ти прозвучи како ситење, ама стопати ти реков дека играш на картата на погрешна служба. Кај ти се сега твоите Американци да ти помогнат? Не можеле руските служби да припарат на Балканот, а? Е па, еве, ти испраќам поздрави, со љубов од Будимпешта.
Воедно, би било нечесно од моја страна да не ја искористам оваа прилика јавно да се заблагодарам на сите оние кои со својата работа или неработа го помогнаа оваа мое патување, и на тој начин свесно или несвесно директно ја помогнаа македонската кауза. Пред сè, тука мислам на Оливер Спасовски. Со неговото оставање на докажани патриоти на високи позиции во МВР, покажа дека Андонов можеби и не е најдобриот Оливер што сме го имале на чело на патриотската и татковинска полиција.
Но, и на сите судии, обвинители, политички опоненти.., кои покажаа слух дека на Македонија ѝ треба конструктивна опозиција, макар и надвор од нејзините граници.
Само да ве потсетам уште еднаш сите таму: мојот пријател Виктор и неговата Унгарија се членки на ЕУ и на НАТО. Немој утре грчкото вето да го замени унгарско, па пак јас да ви бидам виновен. Берете ум, не се залетувајте со екстрадиции, протерување дипломати, ноти што не се музички и слични глупости, да не ви заигра во Брисел чардашот наместо сиртакито. Ова не е закана, туку добронамерно пријателско предупредување.
Драги мои Македонци, се извинувам што писмово е вака лично и малку подолго. Секогаш кога пишувам за македонската кауза, емоциите ме понесуваат, па ни еден фејсбук-статус не можам да напишам пократок од две страници, а не, пак, едно вакво отворено и продлабочено писмо до мојот народ. И до мојот братучед, Пабло Ескобар.
Останете ми со здравје, мои Македонци. За вас, за каузата, ви наздравувам со ова прекрасно балатонско вино!