Регион

Хрватска ја одбележа 27-годишнината од падот на Вуковар

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, и градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава, во колоната на сеќавањето, во Вуковар. Фото: Бета

 
Ања Владисављевиќ | БИРНЗагреб
 

Илјадници луѓе од сите делови на Хрватска, но и Хрвати од дијаспората, се собраа во недела во Вуковар за да ја одбележат 27-годишнината од падот на градот, во рацете на припадниците на Југословенската народна армија (ЈНА) и на српските паравоени сили.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, рече дека со своето присуство, членовите на Владата, сакаат да ја изразат својата почит кон жртвата што ја дале оние кои застанаа во одбрана на градот, но и кон сите оние кои ги дадоа своите животи за Хрватска.

„Секој комеморацијата треба, пред сѐ, да потсети на вистината, на почитувањето кон жртвите, но, исто така, и да отвори страници кон иднината, кон помирувањето и соживотот”, нагласи Пленковиќ.

Колоната на сеќавањето, предводена од организациите на ветераните и од семејствата на жртвите, движејќи се пеш по улиците на Вуковар, пристигна на меморијалните гробишта кои се наоѓаат на влезот во градот од источниот дел, каде што се закопани повеќето хрватски војници и цивили кои загинале за време на опсадата.

По кратката молитва, која што на гробиштата ја одржа католички свештеник, на жртвите почит им оддадоа бројни политичари. Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, претставници на Владата и на хрватското Собрани, како и градоначалникот на Вуковар, положија венци на централниот споменик на гробиштата.

Веднаш потоа беше одржана и светата миса.

Комеморации, во недела навечер, ќе бидат одржани ширум Хрватска, со палење на фенери во секоја улица, во секој град, што го носи името на градот Вуковар.

ЈНА и српските паравоени сили го држеа и го гранатираа овој град од крајот на август до средината на ноември 1991 година. За време на тромесечната опсада, секој ден на градот паѓале околу 7.000 гранати, во кои напади биле уништени 85 проценти од објектите во градот.

По падот на одбраната на Вуковар – официјално на 18 ноември – илјадници несрби биле протерани, илјадници биле испратени во логори во Србија, а стотици биле егзекутирани на фармата Овчара, којашто се наоѓа во близина на градот, и на други места.

За време и по опсадата биле убиени над 3.000 војници и цивили, од кои 86 биле деца. И денес, околу 300 жители на Вуковар сѐ уште се сметаат за исчезнати.

Инаку, освен денешната комеморација, цела недела, во градот, како и во другите делови на земјата, се организираат изложби, фестивал на патриотска поезија, историски симпозиуми и ТВ и радио емисии, посветени на Вуковар.

Еден ден пред официјалната комеморации, Вуковар го посети и водачот на хрватските Срби, Милорад Пуповац, кој во чест на невините жртви, спушти венец во водите на реката Дунав.

„Наша најдлабока желба е, во Вуковар, но и во земјата, да почнеме да создаваме комеморативни политики и политики на сеќавањето, кои нема да бидат извор на страв, обвинувања, продолжување на омразата, туку, кои ќе бидат повод за зближување, изразување на почит, пиетет и чувство на солидарност”, изјави Пуповац во саботата.