Како „Хил“ стана најчитан весник, а Михан најеминентен познавач на медиумската сфера.
Еден од оригиналните придонеси на македонската новинарска практика во светскиот журнализам е појавата на медиуми без новинари. Добро, не дека и во некои поранешни времиња не се појавуваа непотпишани текстови, но тие беа карактеристични за нешто што се нарекуваше билтен, а не медиум. А билтенот има сосема друга намена од медиумот. Тој е во функција за информирање, па и пропаганда на одреден субјект (претпријатие, партија, министерство), додека медиумот белки треба да го креира јавното мислење.
Во тие некои „мрачни времиња на комунизмот“ (ова намерно го потенцираме), текстовите во медиумите излегуваа со потпишано име и презиме. Во вонредни случаи се појавуваше текст потпишан со името на рубриката или редакцијата, а непотпишани беа главно соопштенијата на „органите на работниот народ“ или на некоја организација. За жал, во „светлите времиња на слободата“ медиумите ја презедоа улогата на билтени, па така и дојдовме до феноменот на „медиуми ослободени од новинари“.
Во македонскиот случај, парадигматична улога во инаугурирањето на оваа појава одигра денес веќе фамозниот портал „Курир“, кој како да стана симбол на пропагандистичката машинерија на власта. Повод за спомнување на оваа опскурна веб страница е текстот насловен како „Највлијателниот американски авторитет за медиуми ја осудува изјавата на Заев“, кој со брзина на светлината, односно истовремено со објавувањето во „Курир“ беше пренесен од дузина провладини медиуми.
Преку овој текст може многу лесно да се согледа технологијата на манипулирањето и пропагандата на таканаречените „провладини“ медиуми. За нејзино објаснување, за жал, нужни се и неколку цитати од спомнатиот текст. Таму, имено, се наведува: „…најеминентниот познавач на медиумската сфера во САД, Мајкл П. Михан, чии колумни се објавуваат во највлијателниот и најчитаниот весник во политичката јавност во Вашингтон, ‘The Hill’, дава голема поддршка за медиумите кои беа нападнати од Заев и силна ја осудува ваквата постапка на опозицискиот лидер“ и нешто подолу: „Инаку, ‘The Hill’ e највлијателниот весник на политичкиот естаблишмент во Вашингтон .‘The Hill’ e најчитаниот весник во политичката јавност во Вашингтон, го читаат сите конгресмени, сенатори, администрација и останати политичари, чие влијание е огромно и важи за главен креатор на политичкото мислење во Америка.“
Интересно е да се спомене дека истите овие цитати, со истите граматички грешки (кои се тука лекторирани, поради правописна хигиена) се појавуваат и во повеќе следни текстови што се заанимаваат со истата тема. И, се разбира, повторно во дузина сајтови што истовремено ги пренесуваат текстовите.
Ако читателот, на пример, не слушнал за „највлијателниот“, „најчитаниот“ итн. „The Hill“ (испишан дури и во оригинал), наспроти, на пример, „Вашингтон пост“ или „Њујорк тајмс“, нема место за загриженост. Станува збор за вашингтонски дневен весник, во сопственост на „Capitol Hill Publishing“, кој излегува од 1994 година (на почетокот како неделник, а подоцна и како дневен весник).
Негова основна преокупација е покривање на Конгресот на САД. Впрочем, „Хил“ излегува дневно само за време на конгресните сесии. Тиражот на неговото печатено издание е околу 24.000 примероци. Освен активностите на Конгресот, „Хил“ ја покрива и Белата куќа, федералните кампањи, како и надворешната политика, но поради неговата насоченост кон Конгресот често објавува и лоби, односно платени текстови.
Авторот на текстот „Нападот врз слободните медиуми е напад на сите нас“, Мајкл П. Михан (Michael P. Meehan), „најеминентниот познавач на медиумската сфера“, како што го претставува „Курир“, не е на списокот на колумнистите на „Хил“, ниту на актуелните ниту на оние што порано пишувале.
Михан е пи-ар стручњак и претседател на управниот одбор (практично сопственик) на пи-ар фирмата „VennSquared Communications“, која постои шест години. Претходните 23 години ги поминал како службеник во Конгресот каде што работел на низа кампањи на повеќе политичари и конгресмени. Од нив, за нас најпознато е името на американскиот државен секретар Џон Кери.
Пред шест години го започнува пи-ар бизнисот, а на списокот на неговите клиенти, како што се наведува во неговата биографија, се дузини компании од топ 500 листата на „Fortune“, потоа фондации и трговски организации, а компанијата се занимава и со организирање политички кампањи и политички промоции. Михан важи за човек со сериозни контакти во Конгресот, па затоа неговата пи-ар компанија често се користи за лобирање во полза на компаниите што ги заастапува.
Со други зборови, лесно е да се претпостави дека „најеминентниот познавач на медиумската сфера“ не напишал текст во „најчитаниот“ американски политички весник поради неговиот интерес за „опозицискиот напад на слободните медиуми“ во Македонија туку дека напишал – нарачан текст. Кога веќе ќе нарачате текст во некој американски медиум или од некој американски лоби-махер, тогаш е редно тоа да го афирмирате и во сопствените медиуми.
Тогаш на сцена стапува „Курир“. А следствено на тоа и низа други сателитски медиуми. И на тој начин доаѓаме на сега веќе стандардната македонска медиумска шема – медиуми без новинари и без потписи и текстови преполни со манипулации, сѐ со цел спроведување непримерна, неаргументирана и, конечно, опасна пропаганда.
Толку за слободните медиуми, за партиските цензури и за најеминентните стручњаци за медиумската сфера.