Истражувањa

Ситни набавки – високи цени за Музејот на ВМРО

Министерството за култура за Музејот на ВМРО нарачувало аспиратори, фрижидери, машини за садови, монитори, ВЦ-школки и аудио опрема за цени неколкукоратно повисоки од малопродажните

Автори: Мери Јордановска и Александар Димитриевски

Фрижидери, комоди, машини за перење садови, монитори и мебел со цени повеќекратно повисоки од оние што ги има во продавниците, нарачувало Министерството за култура за потребите на Музејот на македонската борба, еден од најскапите објекти од проектот „Скопје 2014“.

Според документите објавени во неколку броеви на „Службен весник“ од 2013 и 2014 година, Министерството за култура носело одлуки за „престанок и давање на трајно користење на движни ствари на Музејот на македонската борба и самостојност, Музејот на ВМРО и на жртвите на комунистичкиот режим“.

odluka1

Станува збор за најразлични движни работи, почнувајќи од лустери, до рачно изработени килими со иранска рачна изработка, машини за садови, фрижидери, аспиратори, канти за отпадоци, гарнитури, маси, столови, ВЦ-школки, монитори, компјутери итн. Сето ова го нарачувало Министерството за култура, а потоа се носеле одлуките за давање на трајно користење на Музејот на ВМРО.

 

nabavki-muzej

Аспиратор за 500 евра, фрижидер за 1.500 евра

Екипата на БИРН ги спореди цените на производите што ги нарачувало и купувало Министерството за култура со оние што ги има во малопродажба. Посетивме неколку продавници за бела техника и за канцелариски материјали, но никаде не сретнавме цени како оние што се напишани во одлуките на Министерството за култура.

Па така, Министерството на Музејот му дало на користење два фрижидера со димензии 60/65/190, „со стаклена предна врата“, кои биле купени за 200.600 денари, односно 100.300 денари еден.

Освен овој, Министерството купило уште еден фрижидер со димензии 60/185/60 сантиметри за цена од над 83 илјади денари или околу 1.300 евра.

masina+ aspirator 2

Цените на набавките што Министерството за култура ги нарачувало за Музејот на ВМРО

Посетивме неколку продавници за бела техника, но не успеавме да најдеме фрижидери со стаклена предна врата. Останатите фрижидери со речиси истите димензии, капацитет и потрошувачка, се движеа од 12 илјади до 30 илјади денари, односно 3 пати поевтини од оние што ги нарачувало Министерството.

Еден од поскапите фрижидери со вакви димензии што ги сретнавме во продавниците за бела техника | Фото: БИРН

Еден од поскапите фрижидери со вакви димензии што ги сретнавме во продавниците за бела техника | Фото: БИРН

Во една од одлуките стои дека Министерството за потребите на Музејот набавило аспиратор со „двострук мотор“ со димензии 60/30/20 сантиметри за околу 32 илјади денари, односно околу 500 евра.

Најскапиот аспиратор со овие димензии што успеавме да го најдеме во малопродажба чини околу 8 илјади денари (130 евра).

Машината за миење чаши што ја купило Министерството за Музејот чинела 142.781 денари. Станува збор за машина за садови за 12 комплети. Ваквите машини, според она што го видовме на самото место во продавниците, чинат од 12 илјади, па нагоре. Едни од поскапите машини за 12 комплети што ги видовме, чинеа 32.000 денари.

Автоматот за филтер кафе во Музејот на ВМРО чинел 11.800 денари, иако малопродажните цени за овие производи во просек се движат околу 2.500 до 4.000 денари.

За потребите на Музејот, набавени биле и три ВЦ-школки, секоја по цена од над 9 илјади денари.

Исти монитори, ама различна цена

Високите цени за бела техника и кујнски апарати, сепак не се единствените екстреми. Многу пари се потрошени на екрани со различна големина, слушалки, звучници и друга техничка опрема и повторно има големи разлики меѓу прикажаната вредност во документите и цените во продавниците.

Дури во самите документи можат да се најдат две набавени работи кои се опишани на сосема ист начин, а имаат различна вредност.

Па така, за Музејот се купени два LED монитори со дијагонала од 80 инчи, т.е. 203 сантиметри. Карактеристиките и на двата се опишани идентично , но за едниот е прикажано дека вреди над 774 илјади денари (12.600 евра), а другиот е 15 отсто поевтин и чини околу 667 илјади денари (10.850 евра).

Во „Службен весник“ објавени се набавки со идентичен опис, а различни цени за потребите на Музејот на ВМРО

Во „Службен весник“ објавени се набавки со идентичен опис, а различни цени за потребите на Музејот на ВМРО

Независно од разликите во вредноста во документите, не можевме да најдеме толку скапи, но и толку големи монитори по продавниците. Најблиското што го забележавме е LED телевизор со дијагонала од 75 инчи, односно 190 сантиметри. Неговата цена е околу 185 илјади денари (3.000 евра) и тоа за телевизор од врвен производител.

Сепак, ја земаме оваа сума со резерва, бидејќи не знаеме кога точна се купувани телевизорите и мониторите, а познато е дека овој тип електроника брзо ги менува цените. Користејќи ја алатката web archive, ги разгледавме интернет страниците на македонските продавници за ваква опрема, со цените кои ги нуделе во 2012-тата и во 2010-тата година.

Споредувавме три производи. LCD монитор од 19 инчи за Музејот на ВМРО чинел 22.300 денари, а таков производи за спомен Куќата на Мајка Тереза е платен 11.025 денари. И едната и другата прикажана вредност се и по неколкупати поскапи од она што се нудело на пазарот во изминативе пет години. Во 2012 година, LCD мониторите од овој тип и од еминентни производители чинеле во просек околу 6.000 денари, а во 2010 година за нив требало да се избројат околу 8.000 денари.

Цени на монитори во 2012 година

Цени на монитори во 2012 година

Исто е и со другите димензии на монитори. Така, 24-инчен LED монитор за Музејот е платен 46.197 денари за едно парче, а тој производ во 2012 година чинел во просек околу 10.000 денари. За 2010 година не најдовме LED монитори што се нуделе на пазарот, а само за споредба, LCD мониторите со таа големина чинеле до 18.000 денари.

Ценовник за монитори од 2010 година

Ценовник за монитори од 2010 година

Ќе ги спомнеме и LCD дисплеите од 32 инчи за кои се потрошени вкупно 25.000 евра или по околу 1.200 евра од парче. Таков телевизор или монитор во 2012 просечно чинел околу 20.000 денари, додека во 2010 цената варира од 26.000 до 33.000 денари. Или со други зборови, поскапите модели од 2010-тата се по два и пол пати поевтини од она што е купувано за Музејот.

40.000 денари за еден стол

Високи цени можат да се забележат и кај дел од мебелот. На пример, типските столови во барок стил кои патем се тапацирани со луксузен мебел штоф, чинат од 31.000 до речиси 40.000 денари од парче, зависно до тоа дали имаат или немаат потпирка за раце. Вкупно, за 94 вакви столови се потрошени безмалку 50.000 евра, односно 3 милиони денари од буџетот.

Цените на типските столици за потребите на Музејот објавени во „Службен весник“

Цените на типските столици за потребите на Музејот објавени во „Службен весник“

Понатаму, пулт масата за билетарницата со димензии 190/70/114 од медијапан во комбинација со иверка, метални ногарки, оков и лајсни од алуминиум чинела над 192 илјади денари или околу 3 илјади евра. Пултот за наплата, пак, чинел над 82 илјади денари.

Шанкот од медијапан во комбинација со иверка и обложен со еко кожа со димензии 359/70/113 бил платен околу 350 илјади денари или над 5.700 евра. Но, иако овие парчиња мебел звучат скапо, тешко е да се каже дали се преплатени или пак, Владата едноставно купувала луксузен мебел.

Дел од мебелот и столиците во Музејот на ВМРО | Фото: Официјална веб-страница на музејот

Дел од мебелот и столиците во Музејот на ВМРО | Фото: Официјална веб-страница на музејот

На пример, столови од по 30.000 илјади денари и повеќе можат да се најдат и во салоните низ Скопје, но најчесто само кај увозниците на ексклузивен италијански мебел. Документите, сепак, не откриваат дали и од каде е купуван мебелот, но и дали евентуално е изработуван по мерка во Македонија.

Молк од Министерството за култура

За тоа на кој начин биле купувани овие производи, дали бил распишан тендер и дали овие набавки биле најевтините понудени, поставивме прашања до Министерството за култура по писмен пат.

Prasanja do kultura

На електронската пошта не ни беше одговорено, иако портпаролката на Министерството, Анита Јованоска, со СМС порака ни одговори дека прашањата се добиени и проследени до службите. Неколку дена подоцна, таа веќе не одговараше на нашите телефонски повици.

Најголемиот број набавки за ентериерно уредување на Музејот на македонската борба, според веб-страницата на Бирото за јавни набавки и според базата на податоци на БИРН,„Скопје 2014 под лупа“, ги има добиено фирмата „Десигн Фантаси“.

Во распишаните тендери за мебел и ентериер, сценографски елементи и ентериерна обработка за потребите на музејот, секогаш како главен критериум е напишана најниската понудена цена, а потоа следува квалитетот. Нејасно останува дали дел од овие „ситни“ набавки спаѓаат во тендерите што ги добила компанијата „ Десигн Фантаси“ или пак, станува збор за сосема други, кои спаѓаат во набавки под 5.000 евра.

Се обидовме да стапиме во контакт со надлежните од „Десигн Фантаси“, за да добиеме одговор дали овие набавки оделе преку нивната компанија и зошто цените се неколкукратно повисоки. Најнапред ни беше речено дека директорот не е во канцеларија и дека ќе ни се јави дополнително. Откако не ни се јави, се обративме до фирмата по писмен пат, но одговор не добивме.

Инаку, фирмата „Десигн Фантаси“ има добиено 3 тендери и уште два анекса за дополнителни и непредвидени работи. Сите се однесуваат на мебел, ентериер, сценографски елементи и ентериерна обработка за потребите на Музејот на македонската борба, со вкупна вредност од над 4 милиони евра. Набавката и монтажата на видео и аудио опрема за потребите на Музејот на македонската борба ја има вршено фирмата „Коди“ ДОО, а тендерот тежи над 125 илјади евра.

Музејот на ВМРО како што колоквијално се нарекува, се градеше од 2008 до 2011 година, а официјално беше отворен на 8 септември по повод 20-годишнината од независноста на Македонија. Станува збор за објект кој е еден од поскапите во проектот „Скопје 2014“ за кој, според евидентираните документи од јавни набавки, достапни во базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ се потрошени 16,4 милиони евра.