На Македонија ѝ треба повеќе демократија, а помалку „достигнувања“

Колумна на Харалд Шенкер

Ова е тоа време во годината кога сите ги презентираат „резултатите”. Грешка. Во ерата на суперлативите, кои произлегуваат од социјалните медиуми, поточно е да се каже: сите ги презентираат своите достигнувања. Секој мал проект за развој се претставува како „пресвртница“, иновативен џиновски скок, еволутивна одредница.

Кога ги читам таквите извештаи, ги слушам таквите говори или ги гледам таквите објави на социјалните медиуми, ме прогонуваат сеќавања од социјалистичкото минато. Во раните седумдесетти години на минатиот век, официјален хит одреден од Партијата во Романија беше „исполнување на петгодишниот план за четири и пол години“. Не, не се шегувам, можете да го слушнете тоа овде

 Бидејќи моите детски години во Романија беа дефинирани од секојдневните „достигнувања на мултилатерално развиеното социјалистичко општество”, имам речиси физичка одбивност кон какви било себепромоции и фалења.

Додека го пишувам ова, седам во соба на која ѝ е потребен прочистувач за воздухот. Апликацијата ме предупредува дека е најдобро да останам внатре затоа што квалитетот на воздухот надвор е опасен. Се прашувам дали градежните работници ја користат истава апликација и што мислат тие за достигнувањата во развојот кога работат во вакви услови?

Во текстот објавен овде минатата недела, Флоријан Бибер пишува дека промените во балканските земји мора да дојдат однатре, бидејќи притисокот, особено од ЕУ, веќе не може да се очекува. Иако се согласувам со неговата анализа, прашањето останува: како овие драматично поларизирани општества ќе го сторат тоа?

Паралелно со зајакнувањето на односите со соседите, на земјава ѝ е неопходен процес за внатрешно помирување. Тоа треба да ја поништи штетата направена со поделбите стари четвртина век, како на меѓуетнички, така и на внатре-етнички план

Зимава деновите се куси, а оптимизмот е редок луксуз. Година и пол по смената на власта, луѓето во Македонија се сè повеќе разочарани.

Последната причина е законот за амнестија за извршителите на крвавиот напад врз парламентот во април 2017. Законот се критикува поради неговиот квалитет и поради тоа што е политички инструмент. Премиерот Заев мора да обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени, кои произлегуваат од Преспанскиот договор со Грција за спорот за името.

Но, се чини дека законот е сè што остана од офанзивната најава на Заев за помирување. Ако е тоа случај, ќе биде пропуштена голема можност. Паралелно со зајакнувањето на односите со соседите, на земјава ѝ е неопходен процес за внатрешно помирување. Тоа треба да ја поништи штетата направена со поделбите стари четвртина век, како на меѓуетнички, така и на внатре-етнички план.

Крајно време е да се изнајде нов наратив, во кој другиот не е непријател. Крајно време е политичките програми да ги заменат племенските аспирации, а инклузивноста во политиката и нејзиното спроведување да ги заменат националистичката исклучивост и ексклузивизам.

Но, овие процеси нема да се случат сами по себе. Тие треба да бидат водени од врвот надолу, додека се охрабруваат и организираат одоздола. Тие треба да бидат водени од институциите, цивилното општество и од академскиот свет. Процесот мора да биде транспарентен и инклузивен; поддршката системска и систематична, а најмногу од сѐ – веродостојна. И поддржана од меѓународната заедница.

 

Освојте ги луѓето

Македонија има искуство со неуспешни помирувања: општа амнестија за учесниците во конфликтот од 2001. Огорченоста беше многу голема и законот, колку и да беше неопходен, всушност придонесе за продлабочувањето на етничкиот јаз. Истовремено, она што апсолутно го уништи кредибилитетот на тој процес беше институтот наречен „автентично толкување“ на законите.

Со грубото игнорирање на меѓународното хуманитарно право, амнестијата се примени врз четири случаи на обвиненија за воени злосторства што беа вратени од Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, за да се судат дома. Извршителите на овие злосторства се амнестирани, додека владата се повика на грижа за безбедноста.  

Друг релативно неодамнешен случај што го дискредитираше помирувањето е несмасниот обид на претседателот на почетокот на 2017 година да амнестира цела група луѓе, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски. Претседателот Иванов мораше да ја повлече одлуката по домашните и меѓународните реакции што таа ги предизвика.

Но, тука има уште нешто. Самите темели на државата се поставени во калта на конфликтни наративи, секој од нив племенски, милитантен и исклучив за другиот. И тоа не е нешто ново, тоа постои уште од кога постои „македонското прашање“. Со други зборови, она што ѝ е потребно на Македонија не е помирување, туку нова основа. А за тоа треба време.

Не е доволно да се преработат пасуси во учебниците по историја. Треба да се смени целото поимање на историјата

Не е доволно да се преработат пасуси во учебниците по историја. Треба да се смени целото поимање на историјата. Не може да се има ексклузивна сопственост врз историскиот наратив, како што тоа беше случај во Југославија и како што тоа се правеше во последнава деценија.

Напорот кон надминување на тесноградото читање на историјата е веќе направен во голем дел од Европа, и тоа не помина без прилична доза критицизам. Но, сѐ повеќе настојуваме да ги нагласиме заедничките напори во градењето на европскиот проект, наспроти националистичкиот поглед, кој инсистира на постојан конфликт меѓу вечните непријатели.

За да бидете успешни во тоа, морате да ги освоите срцата на луѓето со вистинско лидерство. Првиот чекор е направен, особено од премиерот Заев и од министерот за надворешни работи, Димитров, но голем дел од владата, особено административната машинерија веќе се вратија на вообичаениот начин на функционирање – исклучиво во сопствена полза.

Ќе се задржам само на еден пример: Напросто е неприфатливо по години и години фрлање пари и обуки за јакнење на капацитетот на Собранието, пратениците од различни партии да немаат подобра идеја, освен да бараат вработување во администрацијата кога ќе им заврши мандатот. Повторно, ова не е шега. Тоа се истите оние парламентарци кои би требало да го регулираат владеењето, да ги зајакнат напорите во борбата против митото и корупцијата.

Списокот на неприфатливи работи би можел да продолжи во недоглед и за секој пример би можеле да најдете неколку проекти што ќе се фалат со своите успеси. Сега, јас не велам дека странската помош е погрешна, токму спротивното. Но, помошта треба да биде многу пофокусирана, повнимателна кого и што таргетира, многу подолгорочна и дефинитивно пофлексибилна. И треба да биде насочена кон луѓето, не само вербално во повеќе или во помалку инспиративни теории за промени, туку во нивниот реален фокус.  

На Македонија денес ѝ треба повеќе демократија, а помалку „достигнувања“. И треба повеќе размислувања, повеќе дебати и дискусии, а помалку однапред готови решенија

Она што на Македонија ѝ треба е да ги убеди своите граѓани дека единствената иднина што ја имаат е во заедништвото. И дека е подобро да се учествува во градењето на таа и таква иднина отколку тоа да им се остави во рацете на оние на кои луѓето и така не им веруваат и кои прават сѐ за да ја заслужат таа недоверба.

На Македонија денес ѝ треба повеќе демократија, а помалку „достигнувања“. И треба повеќе размислувања, повеќе дебати и дискусии, а помалку однапред готови решенија. Но, меѓу луѓето преовладува пасивно-агресивно општо расположение и секое натамошно разочарување само ќе го интензивира, а тоа е плодна почва за популизам и за конфликт што треба да се спречи.

Во неодамнешно интервју за „Ле Монд”, министерот за надворешни работи, Димитров рече дека неговата влада „ќе покаже дека се можни чуда на Балканот”. Сепак, решавањето на проблемот за името е само почеток на тој пат. Во тој креативен и храбар дух, да се прекине со постојаните навики и перцепции, работата мора да почне на и со луѓето.

Расте нова генерација луѓе, кои се чувствуваат поудобно како граѓани на светот. Тие растат со меѓународни стипендии, сите видови размена, од интеракција со нивните врсници низ целиот свет. За жал, помалку поради образовниот систем дома. Тие се технолошки писмени и флексибилни. И тие сè повеќе одбиваат стереотипи. Нивната одбивност кон актуелните политички дискурси е силна и премногу често се манифестира во напуштањето на земјата.  

Креативната енергија на овие млади луѓе е таа што Македонија (и сите други земји во регионот, исто така) треба да ја искористи, да ја користи за себе, но и за нив. Токму оваа генерација, која може да биде убедена да не нѐ напушти целосно, има потенцијал да напише нов наратив. И тоа би била вистинската пресвртница.