Чудата во чудесната земја

Се сеќавате ли на она чудо што пред нешто повеќе од месец дена го изведе оној Никола Чудотворецот. Сигурно се сеќавате, затоа што ако не се сеќавате, тогаш тоа не би било чудо. А и не помина ни премногу време оттогаш. Значи, се работи за оној Никола, кој и самиот претендира да биде светец, само по можност да ја прескокне маченичката фаза на тој пат.

Е, тој Никола, во еден момент, наместо да се најде во Истражниот затвор во Шуто Оризари на издржување затворска казна, во тој момент онака волшебно се најде во Будимпешта. На полицијата, обезбедувањето, разузнавањето, полициската аналитика, судовите, обвинителите, истражителите… им кажа неколку вообичаени магични зборови од типот на „абракадабра“ и додаде уште по некој колоквијален збор за овие прилики, чија употреба не е препорачлива во јавниот дискурс, замавна со раката и – оп, ете го во Будимпешта.

И со истиот тој потег на раката, овдешното обезбедување го претвори во унгарски разузнавачи. Јас лично мислам дека и да завршеше зад решетки, со оглед на неговите квалитети, во следниот момент ќе се најдеше на некое друго место. Во Белизе, на пример.

И таман човек ќе помисли дека и со чудата се претера, ете го оној другиот Никола Чудотворец, овојпат вистинскиот светец, како сосема неочекувано, наместо во некоја црква, се појавува на Медицинскиот факултет, односно на Клиниката за пулмологија. Заедно со цела свита бели мантили и црни мантии, со сите свеќи, славски погачи и сѐ што доликува кога се пречекуваат светци од ваков ранг.

За волја на вистината, за разлика од приказанието на Никола Груевски во Будимпешта и наспроти целата констернација и крстењето на јавноста, излезе дека појавата на Свети Никола на Клиниката за пулмологија и не е некое чудо. Имено, тој таму се појавувал секоја година во исто време веќе десетина години наназад. А ако чудото секогаш се репризира, тогаш тоа станува пракса, а не чудо.

И министерот за здравство Венко Филипче со неговата реакција, односно со целосното отсуство не реакција, потврди дека појавата на светци и попови на највисоките здравствено-научни институции всушност е вообичаена работа врз која не треба да се вознемируваме. Нешто слично како есенско-зимското загадување на Скопје. Толку нормална работа. Што би се рекло, секоја научно-здравствена институција и секоја клиника има неприкосновено право да верува во кој било бог.

Можеби треба да се примени друга тактика за вакцинирање, многу посоодветна на практиките на нашето здравство. На пример, на секое вакцинирање да присуствува свештено лице што ќе ги благослови лекарот и медицинската сестра, а ќе ја освети и вакцината

Но, затоа, пак, чудо е дека за министерот Филипче, барем според неговата реакција, е чудо дека во Скопје се појавила епидемија на сипаници. Според министерот, вината за епидемијата паѓа врз родителите што одбиваат да ги вакцинираат своите деца. Можеби треба да се примени друга тактика за вакцинирање, многу посоодветна на практиките на нашето здравство. На пример, на секое вакцинирање да присуствува свештено лице што ќе ги благослови лекарот и медицинската сестра, а ќе ја освети и вакцината.

Во земја каде што официјално се слави Свети Никола во највисоките институции на јавното здравство, навистина не е чудо што најчитани текстови по медиумите, освен оние за бегството на Груевски, се оние што нудат лекови за сите болести, а најгледани емисии се оние од типот „Баба Рада ве советува“, односно не е чудо што и во втората деценија на 21 век владеат теориите на заговор, во кои значајно место земаат токму вакцините.

Што знам, можеби на Медицинскиот факултет се учи за Едвард Џенер, на пример, со критички коментари од Библијата. Нешто како, Џенер ја измислил вакцината, а еве што за ова се вели во Евангелието според Лука… На крајот на краиштата, ние и онака сме библиска земја, полна со чуда. Можеби се консултира и поширока стручна литература, на пример пророштвата на Нострадамус, кој, ете, токму за 2019 година предвидел голема епидемија на вакцинација во Македонија. Како дел од опресивните мерки што масонско-европската елита ги презема за да го разнебити македонскиот идентитет.

Министерот за здравство Венко Филипче со неговата реакција, односно со целосното отсуство не реакција, потврди дека појавата на светци и попови на највисоките здравствено-научни институции всушност е вообичаена работа врз која не треба да се вознемируваме

Ете, дури и мене ми здодеа да објаснувам и цртам за тоа што е секуларност и што значи одвојување на јавните функции и институции од религиозните догми. Дури и во САД, каде што на нивното најголемо божество, банкнотата на доларот, пишува дека веруваат во Бога, Бог е истеран од јавното образование и од јавното здравство. Да, постојат приватни клиники, универзитети, училишта… кои во својот назив го носат терминот „католички“, на пример. Но, тоа секогаш се приватни, а не јавни институции и секогаш својата работа и дејствување ги координираат со националните програми во нивните области.

Сакав да кажам дека не е мое да ја бранам секуларноста на државата. Има за тоа институции и платени луѓе. На пример, законодавниот дом. Да, навистина што прават пратениците, во случајов? Нормално, работат на случајот и самите да се беатифицираат. Според она што се слуша во јавноста, новиот закон за нивните привилегии, треба да им овозможи доживотно цицање од државната цицка, односно некаква синекура во државната администрација.

Од овој аспект станува појасно што мислеше министерот Дамјан Манчевски кога објаснуваше дека ќе им се најде работа на оние стотици и стотици административци што седат дома и примаат плата. Мора човекот да ги обезбеди овие работни места за седење дома за пратениците. Ете, на пример, вонредни избори и еве му 120 нови вработени. Со посебни потреби за патни трошоци. По неколку месеци уште едни избори. И ете нови вработени. Среќа што пратениците си предвидуваат и бенефициран стаж, па пропулзивноста во администрацијата може побргу да оди.

Јас знам дека Македонија е чудесна земја. Ама, навистина и со чудата се претера.