Изгубена меморија

Алијанса за Албанците планира да го оспори Законот за амнестија, бидејќи се однесувал само на еден настан и на една категорија луѓе. Од партијата критикуваат дека не ја замислувале вака правната држава. Лидерот Зијадин Села се чувствува како по вторпат да е „убиван“, овојпат од тие што кренале рака „за“ тој закон. За среќа, Зијадин е жив и здрав, но со очигледна потреба да си ја освежи меморијата.

Ако амнестијата за 27 април е за еден настан и една категорија луѓе, за што беше амнестијата во 2011 година? Сегашниве политичари од Алијансата, кои тогаш беа активни во други партии, немаа вакви забелешки кога требаше да се амнестираат осомничени за злосторства во 2001 година. Не го коментирам шверцерскиот начин на кој беше договарана амнестијата за т.н. хашки случаи. Тоа е споредна работа, во однос на очекуваниот ефект од неа – помирување, соживот и интеграција. И таа амнестија не беше праведна, ама беше политички и општествено нужна.

Ги праша ли некој тогаш семејствата на загинатите, дали и колку им била битна таа повисока политичка цел? И тие тогаш се чувствуваа како нивните блиски повторно да ги убиваат. И не беа убиени само по вторпат, туку одново и одново со секое кршење на спомен-плочите на кои беа запишани нивните имиња. И покрај тие болки и трауми, македонското општество тргна во насоката – да не се заборави, но да се прости. Ако таа амнестија беше предуслов за помирување меѓу Македонците и Албанците, зошто денес се спори чин кој води кон истото, особено кон помирување меѓу Македонците и Македонците?

Да не заборавиме дека и во 2002 година беше донесен Закон за амнестија, со кои сите сторители на кривични дела во воениот конфликт во 2001 година, за кои Хашкиот трибунал немаше поведено постапка, беа амнестирани ако делото го извршиле до 26 септември 2001 година. И тоа беше за еден настан и за една категорија луѓе.

Така што, на некои политичари сега баш и не им доликува глумењето голема приврзаност кон правдата. Особено што сите власти во одредени периоди од независноста на Македонија (1991, 1999, 2002, 2011…) спровеле некакви амнестии заради повисоки цели. Ни тие не биле доживеани како праведни, но во одреден контекст и момент биле ratio legis за политичка цел.

Додека насекаде ечи рефренот дека амнестијата е удар за правната држава, треба искрено да се прашаме за која правна држава зборуваме – за таа што ја немаме или за таа што допрва треба ја градиме?

Да, сето ова звучи тотално макијавелистички, но зависи од кој агол се гледа на синтагмата „целта ги оправдува средствата“. Во нашите наративи таа е одомаќена исклучиво во негативен контекст. Има и позитивно значење, тогаш кога целта е општествено оправдана, државно-стратегиски приоритетна или се работи за неповторлива можност на подолг рок, за каква што се смета имплементацијата на Договорот од Преспа.

Предусловите тоа да се случи – беа јавно испорачани: амнестија што ќе резултира со помирување и релаксирање на состојбите во парламентот, а со тоа и двотретинското мнозинство за уставните измени и за реформските закони. Во превод, резултатот од прифаќањето или неприфаќањето на тие предуслови е – интеграција или стагнација.

Тие што седат во клучните политички фотелји покажаа дека немаат дилема што е поважно во овој политички момент, ако изборот е сведен на судење пратеници што ги отвориле вратите на парламентот на 27 април и амнестија на пратениците што ќе ѝ ги отворат вратите на Македонија за интеграција во НАТО и преговори со ЕУ.

Но, проблемот е што низ тој закон за амнестија сега го тестираме и оценуваме правосудството: дали ќе покажело отпор обвинителството, како ќе постапело судството, дали постапката требало прво да заврши, па потоа да има амнестија… Амнестијата не е судска, туку политичка одлука и може да се донесе во која било фаза од постапката, а надлежните се должни да ја спроведат.

Ако не се елиминира партократијата, дури и да нема никакви закони за амнестија, правосудството ќе си остане алатка на политиката, а индивидуални „амнестии“ за спас од раката на правдата или монтирани процеси ќе се случуваат буквално секој ден

Така што, додека насекаде ечи рефренот дека амнестијата е удар за правната држава, треба искрено да се прашаме за која правна држава зборуваме – за таа што ја немаме или за таа што допрва треба ја градиме? Правната држава не е на колена заради овој закон. Повеќе или помалку во сите изминатите години, не само во последните десет, правосудството ја изеде својата супстанца со тоа што замижуваше и не се спротивстави на нестручно, несовесно и политички контролирано постапување на судството и обвинителството. И пред овој закон, перцепцијата на граѓаните беше дека тешко се стигнува до правдата.

Правна држава не се гради сама од себе, ниту со механизми што се развиваат во политички кабинети. Ние сме сега во период на некаква транзициска правда, која служи за да се премости состојбата меѓу последиците предизвикани од една партократска држава и владеењето на правото. И тука е главниот фронт на кој треба да се работи. Зашто ако не се елиминира партократијата, дури и да нема никакви закони за амнестија, правосудството ќе си остане алатка на политиката, а индивидуални „амнестии“ за спас од раката на правдата или монтирани процеси ќе се случуваат буквално секој ден.

Но, се чини дека и приказната со амнестијата не е целосно завршена. Со оглед на огромната поларизација што владее во општеството, не би било за изненадување ако се засилат обидите состојбата да се „закрпи“ и со реактуализирање на други лекови за прекин на судски процеси за голем број лица, пред сѐ, преку законски измени во ЗКП.

„Немирот“ на Ахмети, ламентацијата на Алијансата за многу други осудени или во процес на судење, (сите „случајно“ истакнати пред последната фаза од гласањето за уставни измени, а во комбинација со ловот на поени пред претседателските избори), без сомнение ќе ги извадат овие прашања на дневен ред, на задоволство на опозицијата која критикува за црнила и партиско судство.

Така што, не е исклучено „Преспа“ да предизвика поголема осека во судските предмети преку одредени законски измени, а со цел да добие шанса интеграциската плима. Тоа би значело „водомерот“ арбитрарно да се врати на „нула“, со назнака „што било – било, од утре веќе нема толеранција!“.

И веќе е небитно дали по ваквите практики „политичкиот водостој“ стигнал само до коленици или ќе стигне до гуша до политичките актери. Тие што решија да скокнат во ладна вода, однапред најавија дека се подготвени да ја платат политичката цена.