Граѓаните на Македонија ниту имаат резервна држава за да ја растураат оваа со војни, ниту пак, Македонија има многу успешни луѓе и таленти за да си дозволи лесно да ги изгуби или да ги остави да изгинат од Фејсбук-куршуми.
Ме растажи и ме вознемири „епизодата“ со Владо Јовановски, и сѐ што следеше како ехо по неа. Но, ме охрабри нејзиниот епилог – признанието на Јовановски дека никогаш не посакувал војна и дека погрешно бил разбран неговиот став на Фејсбук. Го гледав неговиот настап на ТВ 24 и верувам дека тоа искрено го мисли.
Видливата нервоза, упаѓањето во збор на соговорниците, па дури и неразбирањето на поддршката што некои од нив му ја изразија, се очекувани реакции од човек кој во еден момент е „надвор од себе“, лут, гневен, обземен од чувство дека е изложен на јавен отстрел.
Јовановски приватно не го познавам, што не ме ограничува да му се обратам од позиција на негов почитувач како уметник. Го сметам за еден од најраскошните таленти на нашата сцена. И за него, и за некои други ретки, но исклучителни таленти од различни сфери, ова и не би било голем комплимент, со оглед дека рефлектираат потенцијал кој плаче за многу пошироки хоризонти, далеку од овдешното, тесно, локално глорифицирање.
За жал, изминативе 25 години, сите заедно не успеавме да изградиме општество во кое талентот, успехот и резултатите ќе бидат реално вреднувани, охрабрувани и лансирани и надвор од границите на земјава
За жал, изминативе 25 години, сите заедно не успеавме да изградиме општество во кое талентот, успехот и резултатите ќе бидат реално вреднувани, охрабрувани и лансирани и надвор од границите на земјава. Напротив, политиката успеа да ја окупира културата за свои потреби, да ја умртви можноста од постоење каква било авангарда во отворањето важни општествени теми и процеси, и да ги подели уметниците според мандатно алиментирање и избирање на „свои ѕвезди“.
Гледано од тој аспект, господине Јовановски, можам да речам дека сите ние сме Фауст. Дека сите сме склучиле некаков договор со демонот. Некои со Мефистофел од партиска провениенција, некои со Мефистофел персонифициран преку завет на молк, затворање очи, понизност, беспоговорна послушност или незаинтересираност…
Претпоставувам дека добро знаете оти идеите на уметниците, на промислувачите, на авангардните агенси во општеството никогаш не егзистираат во стратусот каде што се вкрстуваат партиските политики. Тие агенси се натполитички, вивнати во повисоки сфери кои обезбедуваат дистанца од можна зараза со симптомите на политиката, дури и ако не е толку валкана како нашата, и се можност за нејзина објективна критика. За жал, кај нас таа разлика во нивоата е изгубена, или ја има во многу мали, речиси ендемски дози, што не е доволно.
Затоа и доаѓа крикот за промени и нови стандарди, бидејќи сѐ е поклопено од политики, поделби, тензии, говор на омраза, закани…
И како што во куќата на обесениот не е пожелно да се спомнува „јаже“, така и во земја ничкосана од разни кризи не е добро да се спомнува зборот „војна“. Затоа стигнуваат реакции. Не затоа што некој го мрази Владо Јовановски или сака да го стави на отстрел.
Напротив, затоа што не очекува такви зборови од личност која си обезбедила почит во својата професија. Реагираат, затоа што стравуваат дека нивниот Владо влегол во зона од која никој не ќе може да излезе како победник. Во војна губат сите.
И добро е што се оградивте од тоа. Во право сте кога велите дека не се кренала таква врева кога и други напишале зборови кои би можеле да се толкуваат во иста насока. Точно. Но, тоа само покажува дека за публиката, сечиј збор нема иста вредност. Со ова не ви придавам значења кои ги немате. Сакам да ви укажам на разликата.
Вие, господине Јовановски, преку катодните цевки на ТВ-апаратите секојдневно влегувате во нашите домови. Преку работата сте стекнале почит, никој за да не го менува каналот. Присутен сте и преку рекламни пораки, патописни репортажи, синхронизации, ТВ-серии, снимки од претстави…
Очекувано е оние кои со задоволство ве следат, да бидат вознемирени ако ликот кој, меѓу другото, раскажува и за убавините на нашата чудесна Македонија, го спомнува зборот војна, а особено ако потоа се распрашува каде може да набави пластичен експлозив.
Сета ова несреќна ситуација ме потсетува на познатата изјава – „Посакувам луѓето кои имаат проблем со комуникацијата едноставно да замолчат.“ (Том Лерер), но се плашам дека ќе бидам погрешно разбрана: дека мотивирам забрана да се има личен став или дека ги рецензирам вашите комуникациски вештини. Напротив!
Само сакам да ја потенцирам одговорноста кон зборот – искажан усно, ставен на хартија или на комуникациска платформа, сеедно, бидејќи во наелектризирано општество како нашево, само една искра (збор) е доволна сѐ да вивне во пламен.
На сцената вие можете стопати да извикувате „војна“ и никој нема да ве обвини ако тие зборови се дел од драмски текст. Но, друго е кога вие ги произведувате и ги подредувате зборовите во порака. Така нафрлени и расфрлени можат да направат хаос пред да стигнете да објасните што сте сакале да кажете. Затоа е добро сите да ја препрочитаме поуката што извира од стиховите на Блаже Конески:
„Чувај го зборот добро врзан/ како необучен коњ/ што знае
да каса, да клоца, да мава./ Чувај го!/ Зашто/ ако го пуштиш така/
разоглавен по чаирите/, којзнае која луда глава/ ќе посака да го јава.“
Kако што во куќата на обесениот не е пожелно да се спомнува „јаже“, така и во земја ничкосана од разни кризи не е добро да се спомнува зборот „војна“. Затоа стигнуваат реакции. Не затоа што некој го мрази Владо Јовановски или сака да го стави на отстрел
Патем, и историјата нѐ учи дека повод за војна многу лесно може да се најде. На пример, двата ривалски града Болоња и Модена завојувале во 1325 година, само затоа што војници од Модена украле дрвена канта од болоњски бунар.
Пресеченото уво на Роберт Џенкинс, капетан на британски трговски брод, бил искра за конфликт помеѓу Британија и Шпанија oд 1739 дo 1742 година. Во САД пред три века се случила војна заради убиена свиња, која, за среќа, завршила без ниеден куршум. Во 1928 година во Мексико, грабеж во пекарница, сопственост на Французин, кој не добил компензација за штетата, станал „квасецот“ кој нараснал до војна во која се инволвирале Франција и Британија. Изгубен фудбалски натпревар на Салвадор во квалификациите за Светскиот куп во 1969 година, станал тригер војската на оваа држава да го нападне Хондурас. Биланс – 3.000 жртви.
Примери има многу, но и поуки исто така. На крајот, жал ми е, господине Јовановски, што оваа грда епизода го вознемирила вашиот татко, човек на 80-годишна возраст, кој како и сите родители заслужува да има мирни и спокојни пензионерски денови.
Од друга страна, изгледа тоа остана единствениот начин, на своја и на татковата кожа да почувствувате како се чувствуваат и многу други родители, татковци и мајки, чии синови и ќерки преку ноќ од страна на „преки судови“ без аргументи се прогласуваат за предавници, платеници, растурачи на државата…
Жал ми е што на ваков начин се соочивте со суровоста на таа етикетирачка практика, наместо по сила на храброста и одважноста навреме да реагирате на поделбите од ваков тип, и тогаш кога не ве засегаат само вас туку и други. Не сте единствениот што задоцнил, но сѐ уште имате можност да ја зграпчите таа шанса заедно со другите.
Но, не преку натамошна рововска поделеност според партиски шнитови туку обединети по сила на професионалните стандарди. Така сѐ помалку ќе имате и ќе имаме причина да бараме casus belli, сѐ помалку причини да бидеме лути и гневни на други, и на целиот свет. Така и најбрзо ќе се увериме и себеси и другите во тоа колку успешна и чудесна може да биде Македонија.