Народот што аплаудира кога ќе слета авион, очекувано е да паѓа во транс кога локалната власт ќе ги испразни контејнерите. Не сме ниту најглупавиот, ниту најсиромашниот народ, ние сме само луѓе заробени во маѓепсаниот круг на разочарувања, кој нè држи укотвен во едно споделено чувство на она „ќути, може и полошо.“
Овој циклус на разочарувања јасно ни покажува како современата политика стратешки ги намалува јавните очекувања и ги репродуцира слабите перформанси и наводната неспособност преку неколку меѓусебно поврзани фази: (1) намалување на очекувањата, (2) намалување на политичкиот хоризонт, (3) негување на цинизмот, (4) користење на разочарувањето како политичка технологија и (5) нормализирање на системскиот неуспех, кој потоа се враќа назад за уште повеќе да ја зајакне првата фаза на намалување на очекувањата.
Како поинаку да ги читаме последните „спектакуларни“ акции на чистење, преместување бандери и исмевање на ЕУ извештајот, освен како стратегија на намерно и свесно спуштање на критериумите. Кога Мицкоски лета дронови додека чисти ѓубре и нè уверува дека во реформите сме далеку пред Црна Гора и Албанија, само ЕУ никако да види, тоа не е глупост на човек што страда од делузија, туку политичка тактика. Политичката стратегија на денешното ДПМНЕ не е ништо друго, освен менаџирање на очекувања (празни контејнери како ултимативна цел), превентивно смислување изговори (ЕУ не нè сака) и создавање илузија на напредок (наводно завршени ЕУ реформи).
Бауман, тоа го нарекува политика на намалени очекувања, тој премин на политиката, која е заснована на визија и ветувања кон политика што е заснована на намалување штети… наместо да ни понудат подобра иднина, властите единствено ни ветуваат дека ќе спречат целосен колапс
Политичарите менаџираат со нашите очекувања, не само реторички, туку и структурно. Преку спуштање на критериумите, така што не се занимаваме со суштински теми, како сообраќај, инфраструктура, јавни површини и паркинзи, туку само и исклучиво со ѓубре, тие креираат политичка култура во која минорните активности изгледаат како великодушност.
Бауман, тоа го нарекува политика на намалени очекувања, тој премин на политиката, која е заснована на визија и ветувања кон политика што е заснована на намалување штети. Па, така, наместо да ни понудат подобра иднина, властите единствено ни ветуваат дека ќе спречат целосен колапс. На тој начин, ние веќе сме сместени во еден нов простор, кој го реосмислува она што се смета за „реално“ и ја поставува основата за следната фаза на циклусот, во која радикално се стеснува хоризонтот на она што луѓето веруваат дека е возможно.
Кога институциите постојано нè изневеруваат и покажуваат слаби резултати, луѓето почнуваат да се навикнуваат и да се адаптираат. Свесно или несвесно, ние ги намалуваме барањата кон институциите, ги ослабнуваме критериумите по кои ги судиме, но, исто така, ја редуцираме сопствената и колективна политичка имагинација, без приговор прифаќаме недоволни јавни услуги и ни расте толеранцијата за корупција или неспособност. Во таков амбиент, очекувањата паѓаат уште пониско, не затоа што на граѓаните им недостасува амбиција, туку затоа што системот ги научил дека големи и суштествени промени се нереални.
А кога луѓето не очекуваат ништо, тогаш тие и не бараат ништо.
Народот што верува дека сè е залудно, е народ оболен од цинизам. Цинизмот не е гола апатија, цинизмот е научена немоќност. Владата на ДПМНЕ ревносно го култивира ова јавно чувство затоа што граѓаните што не очекуваат подобрувања, помалку е веројатно дека ќе протестираат. Дополнително, системските пропусти во ваков амбиент се нормализираат и се врамени во онаа позната изрека „кај нас е тоа вака“, одговорноста станува дифузна, а потенцијалниот јавен гнев се заменува со резигнација. Цинизмот не е закана за моќта, туку сосема напротив, нејзина стабилизирачка сила.
Асфалтирана улица, испразнети контејнери, фактот дека некој министер се појавил на работното место, се дел од овие перформанси преку кои структурната пропаст е преоблечена во серија од мали симболични победи
Јавноста, која е цинична ентузијастички, се повлекува од политичкото, сметајќи го секој ангажман за залуден. Со други зборови, паралелно со намалувањето на очекувањата, се намалува и уверувањето дека политичкото учество е вредно и важно, кое нè води до следната фаза на употреба на разочарувањето како техника на владеење.
Разочарувањето не е само емоција, тоа е и алатка за владеење. Хроничната дисфункционалност на системот создаде атмосфера, во која е сосема нормално луѓето да бидат воодушевени и благодарни за базични работи, кои би требало да ни се гарантирани. Асфалтирана улица, испразнети контејнери, фактот дека некој министер се појавил на работното место, се дел од овие перформанси преку кои структурната пропаст е преоблечена во серија од мали симболични победи. За Бауман, разочарувањето е токму еден од клучните модели на владеењето.
Разочарувањето станува рутинско, на начин што граѓаните се навикнуваат на постојан пад на квалитетот на живот и се чувствуваат благодарни за минималните услуги што ги добиваат од властите. Емоционалната економија што ја опишува Бауман, онаа на страв, резигнација и ниски очекувања, на тој начин станува технологија што ги штити политичките елити од одговорност. Со други зборови, ако луѓето очекуваат повеќе, тогаш системот ќе мора да испорача повеќе, а тоа би ги дестабилизирало коруптивните мрежи на моќ и ресурси.
Последната фаза на циклусот е токму оваа фаза на стабилизација, фаза во која недостигот од квалитет и перформанси престанува да биде глич и станува клучна карактеристика на системот. Намалените очекувања, всушност, го стабилизираат системот, ги зачувуваат постоечките односи на моќ, ја претпочитаат пасивноста и го нормализираат колективниот општествен распад. Оваа состојба на толериран распад, сега претворена во систем, повторно се враќа назад кон првата фаза, и повторно секои следни очекувања се сè повеќе и сè повеќе намалени. Тоа е голем пораз за земјата, но и голема победа за власта.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











