За разлика од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, јас (уште) не добив никаква смс-порака со опомена од системот за автоматско регулирање на сообраќајот преку видеокамери, попознат под старото македонско име „Сејф сити.“
Што значи тоа? Дека воопшто не сум возел во овие неколку дена откога (пробно) функционира системот? Дека сум беспрекорен возач, кој „школски“ го управува возилото? Дека, можеби, сум го згрешил сопствениот телефонски број при регистрацијата на автомобилот? Дека не сум делегат на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, бидејќи, освен Тошковски, и други видни членови на партијата се „пофалија“ дека добиле такви опомени, токму возејќи од Скопје кон Кавадарци или од Кавадарци кон Скопје?
И, гледај чудо, колку што можев да забележам, сите направиле прекршок на истото место, на излезот, односно на влезот во Скопје, кај Ченто.
Во својата јавна „пофалба“ за добиената опомена, министерот Тошковски триумфално заклучува дека „системот постапува еднакво кон сите.“ А мене ме плаши токму тоа: дали сум јас воопшто во системот или не сум? Кои се тие „сите“, делегатите на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ? Или оние што по социјалните мрежи се колнат дека возилото не им било мрднато од паркинг, а, сепак, добиле смс-опомена. Дали сум јас дел од системот, ако немам добиено ниту една опомена?
Со целиот ризик дека ќе се денунцирам самиот себеси, сепак ќе го кажам мојот пример. Да, во последно време, ретко го возам автомобилот, затоа што не работи средното светло на еден фар. Денес-утре, никако да ја однесам на сервис, но деновиве ќе морам, не само заради светлото, туку затоа што ѝ е време за редовен сервис. Сервисот буквално се наоѓа на крајот на градот и за да стасам дотаму, треба да поминам „мал милион“ камери. И нема да добијам ниту една опомена.
Знаете зошто? Затоа што „Сејф сити“ е дизајниран да регистрира прекршоци за пребрзо или за побрзо возење, поминувања на црвено светло на семафорите, непрописни претекнувања и слично, но не е наштелуван да препознава дефекти на автомобилот.
Ако, според „системот што е еднаков за сите“, моето возило е регуларен учесник во сообраќајот и не претставува никаква опасност, зошто тогаш „обичниот“ полицаец ме казнува веднаш штом ќе ме види на улица. И тоа квалификувајќи ме како „опасност во сообраќајот“? Значи ли тоа дека во „системот што е еднаков за сите“, сум привилегиран, а во оној другиот, мануелниот, не сум?
Системот пред суд
Токму на оваа линија на (не)еднаквоста пред законот, иако од некои други аспекти, се движи претставката до Уставниот суд од група граѓани за оценување на законитоста (и уставноста) на нововоспоставениот систем на наплата на казни, поднесена од група граѓани.
Првенствено, претставката се однесува на техничките предуслови што треба да се исполнат за да биде граѓанинот известен дека добил казна. Имено, тој треба да поседува „паметен“ телефон, да има апликација за читање текстови во пдф формат и да знае да ракува со нив (со телефонот и апликацијата). Но, во законот никаде не се предвидува поседување ваков телефон и/или негово познавање. Тоа претпоставува дека одреден дел од граѓаните реално ќе бидат оневозможени да разберат дека се казнети, односно да ги запазат роковите за жалба.
Натаму се вели дека смс-пораките се небезбедно средство за службена комуникација, првенствено затоа што претставуваат сериозен ризик за „фишинг“ измами. Се сеќаваме на лажните пораки од Македонски пошти, кога голем број граѓани беа излажани да ги пријават броевите на своите платежни картички и практично да бидат ограбени. Смс-пораки, без јасно наведен испраќач, можат да бидат лесен плен на хакерите и граѓаните наместо на МВР да му плаќаат казни на некој измамник.
Во претставката се наведува и нееднаквоста пред законот во географска смисла, односно дека вакви камери се поставени во само два-три града, а не во целата држава, што реално доведува до дискриминација пред законот на одреден дел од популацијата.
Подносителите на иницијативата пред Уставниот суд поднеле и кривични пријави против министерот Панче Тошковски и Н.Н. лица, товарејќи ги за злоупотреба на службената положба и овластувањата, за несовесно работење во службата и за неовластено собирање лични податоци. Претпоставувам дека задолжителното оставање на телефонскиот број при регистрирање на возилото не е предвидено во законските нормативи за технички преглед на автомобилите, а и се коси со законските акти за заштита на личните податоци.
Она што јас имам да го додадам на ова е недостигот од информации околу самиот систем. Кој го баждари системот? На колку време се баждари? Која е маргината на грешка? Кој, како, каде и, најважно, дали ја проверил неговата веродостојност? Какво е нивото на неговата заштита? Кој го сервисира? Знам дека повеќето ќе кажат дека барам влакно во јајцето, ама познато е дека сите вакви системи имаат свои „багови.“ Сите сме сведоци дека пред извесно време „падна“ интернетот буквално во целиот свет, па зошто тогаш да не поверувам дека и овој систем не е совршен?
Јасно е дека и за оваа, како и за секоја друга новина што задира во комфорот на граѓаните, на социјалните мрежи се разви широка дебата. Еден од аспектите на дебатата беше филозофската дилема: човекови права или безбедност? Според некој мој увид, поголемиот број ја преферираат безбедноста пред човековите права, а превладувачкиот аргумент е дека еден човечки живот е поважен од какво било кршење човекови права од овој тип.
Иако ваквиот аргумент изгледа логично и здраворазумски, сепак, според моето мислење, се изумуваат барем два битни аспекти. Прво, кој вели дека и со „Сејф сити“ нема да страдаат луѓе? Кој вели дека и со видеокамери нема да се случуваат сообраќајни несреќи. Вакви несреќи се случуваат и во држави со сега веќе децениска историја на користење вакви системи. Камерите, едноставно, не се гаранција дека некој нема да помине на црвено светло или дека нема да вози со неприлагодена брзина.
Како што веќе беше кажано, самиот министер Тошковски јавно објави дека го прекршил законот. И, второ, според мене, некако лесно се заборава дека многу луѓе ја ризикувале сопствената безбедност, а и безбедноста на другите, токму за да ги изборат своите и денес веќе универзални човекови права.
Револуција во казнувањето
Од друга страна, скопската иновација со комбинирање брза комуникација (смс) и формален електронски документ (пдф) е своевидна револуција во начинот на казнување во сообраќајот. Не знам дали е единствен пример во светот на ваков начин на наплаќање казни, ама јас не успеав да најдам некој негов пандан.
Предноста на ваквиот начин на достава и наплата е неговата ефикасност. Ако е точен податокот дека само во првиот ден на пробното функционирање на системот се регистрирани дури 110.000 прекршоци, сосема е јасно дека една држава со ниво на функционалност како нашата, многу тешко би можела да изменаџира толку казни и притоа да не направи хаос.
Еве, да кажеме дека по принципот „страв лозје чува“, бројот на прекршоците драстично ќе се намали. На пример, под еден процент, па на дневна основа во Скопје ќе се регистрираат по околу илјада прекршоци. Тврдам дека и 30.000 прекршоци на месечно ниво е огромен залак за овдешната гломазна администрација. Во таа смисла, смс-пораките се поефикасни, со многу помала можност за грешка и со многу поголема заштеда во целиот процес. Но, прашање е дали поради нефункционалноста на нашата администрација, треба да ја жртвуваме сопствената приватност и да ги изложуваме нашите лични податоци на увид?
Не знам дали поради оваа дилема или поради нешто друго, во овие случаи, државите во светот главно ги преферираат поштенските услуги или комбинирано со достава на врата. И со задолжително доставен доказ во форма на фотографија. Во некои земји се востановени онлајн-портали и/или апликации, каде што казнетиот може да ги види видео и фотодоказите за својот прекршок, но казната главно ја добива по пошта.
Во Велика Британија, Франција и во Германија, казните се добиваат по пошта. Така е и во Вашингтон и во Њујорк, како и во Австралија. Во Кина, казните се доставуваат преку интернет-апликации, со можност за наплаќање веднаш. Сингапур, кој има најдалеку отидено во овој поглед, казните ги доставува преку портали и мобилни апликации, а прекршителите ги известува преку електронска пошта.
Искуствата се разни. Еве, и ние сме во можност да приложиме едно. Се разбира дека сите здраворазумски луѓе сакаат да бидат безбедни во сообраќајот, но не верувам дека многу од нас се подготвени поради таа безбедност да изложат на дополнителни ризици, навлегување во приватноста, па дури и дискриминација.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











