Ми ѕвони Перо вмровецот во два по полноќ, знае тој така да се јави кога Бујар Османи ќе го остави без спиење, и да раскаже виц. Му велам, Перо, остај ме, човече, првпат по десет години спијам ко бебе, но тој ме смирува, вицов си го кажувале на своја сметка во штабот, а јас сакам вицови на своја сметка.
Се возат двајца пензионери во автобус на ЈСП, раскажува Перо, и едниот му вели на другиот: – И сега може да го казнат овој нашиот Груевски дека го прекрши Законот потив пушење? – Зошто да го казнат? – Па, затоа што го испуши за премиер.
Нашата емпатија, сепак, не е со Груевски. Тој за нас е завршена приказна. Ние сега емпатски страдаме заедно со страдањата на нашиот претседател.
Да не си му во кожата на Ѓорге Иванов. На сета мака што мора да биде претседател, сега пак го снајде она најтешкото – нешто во оваа држава да зависи од него. Тој е инаку одличен претседател, само во вакви ситуации лошо се снаоѓа.
Да не си му во кожата на Ѓорге Иванов. На сета мака што мора да биде претседател, сега пак го снајде она најтешкото – нешто во оваа држава да зависи од него. Тој е инаку одличен претседател, само во вакви ситуации лошо се снаоѓа
А какво време дојде, не можеш да најдеш ниту искрени пријатели за да се посоветуваш. Последен пат кога послуша совет од пријател, мораше да ја затвори канцеларијата на „Рекорд“ поради проблеми со инсталацијата и чести опожарувања. Што ли ќе треба да затвори ако сега повторно ги послуша истите тие пријатели? Дали во недостиг на канцеларија ќе треба да се затвори во себе? Но, ако се затвори во себе, кој ќе биде покровител на сите тие значајни манифестации, како пивтијади и калинкобери? Уф, маки големи.
Дури ни советите од дома не му помагаат многу. Еве баш пред некој ден се консултираше и со првата дама што да прави со мандатот ако му го вратат пак нему.
– Прави што ќе правиш, само немој да станеш им… Како се викаше она коа не можеш веќе? Им.. им… им…
– Импотентен?
– Не бе тоа, коа не можеш да си веќе претседател?
– А, импичмент.
– Е, од тоа, да се пазиш.
И секогаш кога му е вака тешко, тој се сеќава на Бенџамин Френклин. Има една книга со цитати и мудри мисли, та секогаш кога ќе се најде во небрано, ја пушта книгата да падне врз подот и на таа страница кај што ќе се отвори, таму лежи одговорот. Сѐ уште по бриселските кулоари се прераскажува она кога Иванов им го плесна в лице цитатот дека или ќе се држиме заедно или ќе висиме одделно и на некој начин визионерски им го предвиде Брегзит, иако мислеше на сосема друга работа.
Сега кога и истиот тој Брисел го притиска да го даде мандатот на лидер со капацитет да направи поширока коалиција откако Груевски не успеа (го испуши, што би рекол Перо), тоа беше знак за Хорхе дека е време за нов цитат.
Дали пак да се консултирам со истите експерти што веќе ми го зачукаа со аболицијата, му се моташе ова прашање низ главата, па си рече – ништо, книгата сама ќе си го даде одговорот. Ја пушти. Се отвори. Прочита: „На мудрите не им требаат совети, глупавите пак, не ги прифаќаат. Бенџамин Френклин“. Го препорочита уште неколку пати пред во очај да заклучи: Ни со Френклин веќе не може човек да е на чисто, како портпаролката на Европска комисија, Маја Коцијанчиќ, да му го пишувала цитатов.
Се обиде повторно. „Срцето на глупавиот е во неговата уста, а устата на мудриот е во неговото срце.“ А моето срце е со Ердоган. Ебати среќата!
Ја фрли книгата меѓу расипаните транзистори кои одамна чекаат да бидат поправени, но претседателот веќе нема време за своето хоби – зашто и самиот се чувствува како расипан транзистор – му се мешаат гласови, сите му го бараат мандатот во исто време. Се обидува да биде на фреквенција со матичната станица, да не речам партија, но постојано фаќа сигнали и од Бихаќка и од Брисел и од репетиторите на Калето.
За да си ги смири гласовите, си пушти малку поезија од Арсен Дедиќ на слушалки. Но, што ако, кога и „Не дај се Инес“, му звучи како „Не дај се Хорхес“ и го тера да го држи мандатот во прегратка како Арсен што ја гушкал својата Инес Барези.
Да го оставиме сега малку Хорхе. Да не се лажеме, неговата агонија со (не)давањето на мандатот е само уште една небитна трагикомична драмолетка.
Вистинската битка, сепак, сѐ уште е со груевизмот. Дали фирерот е навистина готов?
Еве една поучна приказна од историјата. Точно на последниот ден од јануари 1933 година, Хитлер стана канцелар на Германија, а ве интересира ли што пишуваше германскиот печат во јануари пред точно 84 години? Во една реченица, го пишуваше ова: Готов е!
Aналитичарите предвидуваa дека во 1933 година Хитлер политички ќе пропадне, ако не и лично. Нацистите биле во толку лоша политичка состојба во јануари 1933 година, што и самиот Јозеф Гебелс во својот дневник ќе напише дека се плаши оти Хитлер ќе се самоубие. А и коментарите во весниците биле едногласни дека доаѓа крајот на политичката кариера на фирерот.
„Нацистичките жестоки напади врз нашата демократска држава се одбранети“, пишувал Рудолф Киршер, берлински дописник на умерениот „Франкфуртер цајтунг“, во новогодишната колумна во 1933 година.
„Берлинер тагреблат“ ќе рече дека Хитлер наскоро ќе биде заборавен, а тој всушност и веќе паѓал во заборав. „Порано секаде во светот луѓето зборуваа за стариот… Како ли се викаше? Адалберт Хитлер или слично. А сега? Готов е, заборавен!“
Главниот и одговорен уредник на најголемиот дневен весник во Берлин,„Ди восише цајтунг“, Јулиус Елбау во еден воведник напишал: „Нацистите минатата година рекоа дека ова ќе биде година на одлуката и навистина беше така. Таа хиперполитизирана година ја почнаа со пожар и ја завршија легнати во кревет со ништо повеќе од умерена треска“.
Вистинската битка, сепак, сѐ уште е со груевизмот. Дали фирерот е навистина готов?
Аналитичарите бараа потенцијални наследници на Хитлер кои би ја повеле нацистичката партија на поумерен политички тек. Левичарскиот новинар Карл фон Осиецки предвидел дека нацистичката палка на моќ ќе му биде предадена на Георг Штрасер кого го опишал како познат олош „но, не толку недоквакан плачко како некогаш големиот Адолф“.
Хитлер ги запомнил овие зборови. Пред да заврши 1933 година, Осиецки бил уапсен и следните две години ги поминал во неколку концентрациони логори додека нацистите од срам не биле принудени да го ослободат кога ја добил Нобеловата награда за мир во 1935 година. Осиецки починал две години подоцна како болен и пропаднат човек.
Но сето тоа се случило подоцна, а во јануари 1933 година еден друг новинар за „Велтбуене“ напишал: „За Германија и германскиот народ трагично е тоа што изминатата година Хитлер ги мобилизираше глупавоста и незнаењето. Ако некој човек се качи на крст и се прикова со клинци, не значи дека е спасител, на макар и името да му е Хитлер“.
На 27 јанури „Берлинер тагенблат“ со оптимизам пишува дека нацистите заминале во политички заборав, а кариерата на Хитлер е готова.
Ете, ја фрлив историската читанка на подот, и не знам зошто ми се отвори баш на оваа страница. Лекцијата што треба да ја научиме е следнава:
Ништо не е готово, сѐ додека не е готово! Мисла од Бенџамин Френклин? Не, песна од Лени Кравиц.