Постои една изрека кај нашиот народ која слободно може да се третира како максима за речиси секоја јавна дискусија, а таа е: „Пострашно од тоа да не знаеш, е да не знаеш, а да мислиш дека знаеш“. Во духот на цитираната изрека, оваа колумна е своевидна одбрана на правото и обврската да НЕ ЗНАЕШ тогаш кога не знаеш и согласно тоа да немаш став за одредени прашања дури и кога многумина ве убедуваат дека „мора да заземеш страна“.
Покрај оваа изрека, сигурно сте ја слушнале и онаа- секој има право на сопствено мислење. Јас тврдам дека кога станува збор за јавно говерење, истата би требало да престане да важи. Во моментот кога влегуваме во арената на јавна дискусија, односно кога ја практицираме привилегијата јавно да говориме и да бидеме слушнати, ние немаме обврска да имаме став туку да имаме аргументи кои го градат нашиот став.
Во напливот на дискусии за таканаречениот француски предлог сублимирани во едно кусо НЕ! и ДА! очекувано најтивки се оние кои едноставно имаат да кажат едно легитимно НЕ ЗНАМ! Сепак, иако најтивки тие делуваат и како најмалку бројни, што претставува и посериозен општествен проблем. Следејќи ја дискусијата околу „францускиот предлог“ искрено, добив чувство дека многумина од двете страни едноставно не знаат, а мислаат дека знаат.
Во моментот кога влегуваме во арената на јавна дискусија, односно кога ја практицираме привилегијата јавно да говориме и да бидеме слушнати, ние немаме обврска да имаме став туку да имаме аргументи кои го градат нашиот став
За почеток, добро е да расчиситиме со прашањето- што е став. Од Платоновото разликување меѓу doxa и episteme, па се‘ до современите филозофски и политички теории, ние правиме разлика меѓу одредени факти, како на пример дека два плус два се четири и општествени или политички ставови кои имплицираат одредена доза на несигурност и неапсолутност.
Ставовите се контекстуални и варираат во зависност од преференците, вкусовите и вредностите на оние индивидуалци или групи кои ги застапуваат. Оттука, тешко е да се одреди апсолутната точност или неточност за голем број од ставовите кои се однесуваат на актуелни политички, општествени, економски или културни феномени и прашања.
Во купиштата испишани текстови, мислења, говори поврзани со „францускиот предлог“, колумната „Заедно ќе го браниме идентитетот“ на Назим Рашиди најточно ја опиша ситуацијата во која јас лично се затеков a propos актуелната ситуација. Рашиди ќе рече: „Чувството е дека се избира меѓу ‘хистерија’ и ‘инсистирање,’ а не помеѓу можностите и застојот што може да следи. Ваквата слика создава паника, а паниката не остава простор за рационалност“.
Токму во таа позиција меѓу „хистерија“ и „инсистирање“ која кај секој доблесен промислувач, кој не е експерт на темата, создава збунетост, сосема е легитимно да се избере страната на радикалниот агностицизам укотвена во едноставното „не знам“.
Оваа позиција не е надмена позиција на некој кој е „над ситуацијата“ туку сосема напротив, позиција на скромност и дозвола за оставање на простор на оние кои знаат да изнајдат најдобро решение. Решение кое ќе ги вклучи актуелните стравувања за ризиците од „асимилација“, „губење на идентитетот„ „развојот и можниот застој“, но и од „општествена поларизација“ и „општествена и политичка поделба и криза“.
Овој простор денес е речиси невозможен и истиснат од значителното медиумско бомбардирање со „ударни вести“ и кликбајт наслови. Нивната примарна цел е капитализирање врз нашето внимание, а не едукација.
Па така, доколку сакаме да сме информирани граѓан(к)и, а особено ако имаме можност јавно да говориме, тогаш важно е да си признаеме дека не можеме да имаме став за се‘ и за секого, односно немањето став е секогаш подобро од имањето необмислен став.
Пред десетина дена добив порака од една новинарка која бараше од мене и од организацијата во која работам да се произнесеме околу „францускиот предлог“. Низ неколку размени учтиво ѝ објаснив дека немам експертиза и знаење за толкување на документи од тој тип, дека мојата организација се бави со човекови права на маргинализирани заедници, а не со толкување на протоколи и преговарачки рамки во пристапниот дијалог со ЕУ и согласно тоа нашиот став е дека- немаме став.
И покрај моите објаснувања, новинарката инсистираше до таму што во еден момент дури и ми напиша- ако, убаво е да излезете со став…неколку реченици, не ми треба стручна анализа. И токму овде го лоцирам еден од најгорливите проблеми на нашиот јавен дискурс. Да се каже, колку да се каже, без разлика што и без разлика зошто.
Светот би бил подобар доколку се обидеме постојано да ги преиспитуваме нашите ставови и мислења, доколку дозволиме вистински да ја слушнеме другата страна и секако, доколку си дозволиме едно едноставно НЕ ЗНАМ тогаш кога навистина не знаеме
Позицијата која јас ја заговарам е позиција на радикален агностицизам. Во пракса тоа би значело можност да се најде средината меѓу две апсолутно поларизирани позиции. Секако, важно е да знаеме што лично добиваме од оваа т.н. позиција на средината- добиваме можност да не се фиксираме на место за кое не сме сигурни дали е вистинското, односно добиваме можност да промислуваме од едно пофлексибилно место.
Понатаму, доколку низ општествената дискусија се појават аргументи кои одат во прилог на некоја друга позиција, „полукружно“ свртување во ставовите е полесно и поизводливо. Денес, ова „полукружно свртување“ може да носи извесен политички срам, но тоа сепак е поцелисходно отколку задржување на „погрешната“ страна. Со други зборови, тоа е подоблесно и покорисно за целокупното општество споредено со останување во „ехо-коморите“ кои придонесуваат до општествена поларизација.
Па, што добиваме доколку се решиме на еден ваков чекор како општество? Добиваме жива дискусија чија цел не е победа на едната или другата страна туку потрага по најдобрите можни решенија кои успеваат да го изведат максимумот за колективното добро. Што ќе ѝ се на јавноста ставови на некои кои не се професионалци? Зошто актери на тв зборуваат за вакцини, спортски новинари за преговарачки рамки, инфлуенсери за обликот на планетата земја?
Зарем немаме и ние обврска да дозволиме професионалците во смирена атмосфера да дискутираат и креираат стратегии и решенија. Конструктивната дискусија од двете страни како да се изгуби во шумот од патос и пропаганда.
Конечно, без разлика дали сите и дали секогаш сме во можност да го прифатиме радикалниот агностицизам, останува фактот дека светот би бил подобар доколку се обидеме постојано да ги преиспитуваме нашите ставови и мислења, доколку дозволиме вистински да ја слушнеме другата страна и секако, доколку си дозволиме едно едноставно НЕ ЗНАМ тогаш кога навистина не знаеме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија